Јазик
Јазик – орган за артикулација на говорот. Магичното стапче преку кое вибрациите од гласните жици се претвораат во нишка на звуци кои заедно формираат зборови! Колку добро звучи да си единственото живо битие кое ја има ова дарба преку воздухот да пренесе информација до друго суштество. А колку мизерно звучи негирање на постоењето на воздухот од белите дробови на човекот кој на уникатен начин пронашол место помеѓу повеќе од 7.000 такви струења на воздухот низ светот, наречени јазици!
Низ мрачната човекова историја често пати на луѓето им било забранувано да зборуваат на одреден јазик. Биле затворани, мачени и угнетувани само затоа што имале свој начин на комуникација. Но, никогаш, во ниту еден момент во историјата на homo sapiens еден јазик не бил негиран!
И сега, некој ќе рече: „Баш напротив, Европа конечно го признава македонскиот јазик!“.
Европа, центарот на светот и колевка на демократијата, се осмели да признава начин на комуникација на еден народ. Да биде уште потрагично, „признавањето на воздухот“ произлезе од држава чиј народ одамна ги сруши ѕидините на Бастиља – симболот на деспотизмот и едноумието.
Во меѓувреме Европа формираше економско – административна заедница на држави која требаше да се темели на почитување на човековите права. Македонија која територијално се наоѓа на континентот пред чии порти „лае“ веќе 30 години за жал од време на време ќе добие само тапкање и пофалба дека е „добро момче“! Ај, пусти да е, пуст да би останал животот кучешки… Европа е сепак втемелена на човекови, а не кучешки права!
Веќе не е прашање дали некој ни го негира јазикот, верата или народот. Стигнавме во пострашна фаза кога „славиме“ потврдување на нешто што не може да се порекне!
Македонци, земете длабоко воздух, ама не го држете во себе. Пуштете го да струи низ вашите грла и низ вашите жили… Пуштете го да пренесе цивилизациски аманет дека никој нема право да признава постоење на кислород во воздухот!
Туку, на каков јазик е изговорено: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот.“?

















