Колумни

Пукаме по шевови

Животот за некого е налик на префинета свила која мазно ја допира секоја телесна облина, небаре е најдобриот уметник чија дланка  не знае да затрепери. За некого е  крут, груб војнички шинел кој непријатно гребе и ја  иритира кожата, но сепак стоплува и грее кога е најпотребно. Некои пак цел живот по долна облека  бесцелно талкаат по светот… Всушност, животот е нашето руво, сите сме облечени во нашиот живот.

Без разлика како ве облекол или соблекол и соголил животот, тој секако менува комбинации и дрес код како некој ексцентричен дизајнер кој ни самиот не знае што треба да скрои или прекрои. Но, ние сме тие кои треба да знаеме и запомниме едно – нашите животни „парчиња“ мора да се складни не само едни со други,  туку и со оние кои се дел од нашите животни приказни.

Реториката поставува загатка!  Складноста кон себеси е разбирлива, ако цел живот носиш војнички шинел , нескладно би било да ставиме свилена шамија околу вратот (иако денешната мода нема ограничувања), но зошто е потребно да сме складни со оние кои се дел од нашиот живот, со општеството?

Складноста со општеството е битна затоа што ние сме нераскинлив дел од „аутфитот“ на сите околу нас, без да го знаеме тоа. Материјалот од кои се направени човековите емоции има душа и пулсира не само со вас,  туку во ритам и со шаренилото од  материјали со  кои се облечени другите луѓе.

Доколку вие не се грижите или не ја разбирате различната облека на луѓето околу вас, може да предизвикате неконтролирана непријатност на сите околу вас,  без разлика дали околу нечие тело и душа е обвиткана нежна свила  или груб шинел. Сѐ и  секој има своја граница на издржливост и толерантност.

Кога ќе се презатегнат конците почнуваат да крцкаат шевовите,  да отпаѓаат копчињата и да се распаруваат сите ткаенини,  без оглед од каков материјал се направени. Искинатото не се крпи така лесно, бесот излегува  надвор од своите шевови и  неконтролирано се шири врз невини жртви. Ни останува патетична реторика постојано да  се прашуваме каде згрешивме. Ама отпосле и после сѐ.

Епа згрешивме кога почнавме да ја исмеваме туѓата облека, без да навлеземе подлабоко зошто некој така е облечен. Згрешивме кога почнавме да цениме „изглед“ кој во некое друго време не би бил прифатлив ниту за во циркус. Згрешивме кога човековата безобѕирност почнавме да ја носиме секојдневно, како фино лакирана чевла на адидас тренерка!

И сѐ  додека не ги вратиме во мода најквалитетните ткаенини како човечката добрина, етичкиот кодекс на однесување и разбирањето кон другиот – ќе пукаме по шевови, ќе пукаме во височина, ќе пукаме едни во други додека нефункционалниот  систем, со одамна распарани моралните вредности, не го смени своето декадентно руво. Ние го изгубивме времето и за крпен живот, одамна ги немаме конците во свои раце…

 

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %