Што е останато во Пандорината Македонија
Добро познатиот мит за Пандора и кутијата која „на време“ ја затворила пред да излезе надежта, додека ги пуштила на слобода сите зла на овој свет, е инспирација за овој текст. Надежта, како смислата за подобро утре и како желба за пријатности, можеби е најблагородното чуство за спокој и ведрина.
Токму надежта, низ вековите наназад се пројавува како молња, како проблесок кој веднаш исчезнува, оставајќи пустош во душата… Па сепак не се откажуваме, повторно и повторно верувајќи во неа… И што потоа? Реториката остава простор за сомнеж, дали човекот треба да се потпира на нешто што било затворено во кутија помеѓу сите зла? Генерации и генереции, ушушкани во нејзината лековитост се надеваат, го пренесуваат истото на помладите кои исто така се надеваат дека нештата ќе тргнат на подобро. А всушност, сите сме во маѓепсан круг на патетични исчекувања, прецизно заокружен како шестар збрцан во епицентарот на проблемот. Умислени дека проблемот се решава со кругот на надевањата, ја затвораме нашата курикулум витае во една зачмаеност, невиталност, уседеност, чекајќи како карикатурните ликови од драмата на Бекет. Го оставивме Годо во чекалната да нѐ гризе нас и нашата индивидуалност, нашите семејства и целото општество.
Се прашувам дали ќе беше подобро едноставно да знаевме дека со децении не „мафтаат“ за искрените намери кон евроатланските интеграции, или за борбата против корупцијата и организираниот криминал кои се навлезени во секоја пора на општеството? Можеби ќе беше подобро да се помиревме дека крупните криминалци ќе ја платат слободата? Ќе ни беа ли мирни душите ако од старт знаевме колку ќе нѐ задолжи секоја власт со целта која ги оправдува средствата – богатење на партиските кругови? Ќе спиевме ли помирно ако бевме од почеток свесни за „мал милион“ наместени тендери и партиски вработувања. Можеби и најдобро ќе беше да ни кажеа дека нема на време да добиеме вакцини и дека е подобро сами да го бараме „чарето“. Многу прашања, кои ако се одговорат потврдно, ни ја одземаат Пандорината надеж, оти и таа му верувала на непромислениот сопруг, Епитемеј, оној кој мисли отпосле. Од друга страна, една абортирана надеж раѓа желба за нов почеток без стегите на онаа „стара надеж“ која нѐ држи врзани на земја!
Песимистичкиот набој во ова писание е молњата која повремено ,,флешира” во младите срца. Овој пат посакувам да разгори пожар, не во нашите срца, туку во нашиот ум кој конечно мора да го искористи коефициентот на интелект и произведе разум за да го надвладее организираниот хаос – системот на нашето секојдневие! На Пандорината Македонија ѝ остана братот на Епитемеј, Прометеј кој треба да и даде оган да го запали разумот…
Про Метеј


















