Уметност како секојдневие
На Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски креативноста и уметноста им се секојдневие. Нивните дела се навистина уникатни, а нивната приказна и погледот на уметноста можете да ги проследите низ интервјуто кое го реализирано од тимот на „Човекот пред се“.
Инспирацијата е главното оружје на секој уметник. Од каде произлегува вашата?
Пандора: Мојата инспирација произлегува од секојдневието. Социолошките теми, состојбите во политиката, балканската војна т.е. војната како феномен воопшто, насилството и миграциите ми се главна преокупација во последните дваесет години. Во мојата творечка активност би ги издвоила активистичките јавни проекти кои се случуваат напоредно со моите изложби. Тие претставуваат значаен сегмент во мојата работа и сметам дека мојата уметност не би била толку моќна доколку тие не би постоеле.

Во денешницата каде системот е управуван од моќни политички сили кои доминираат во сите аспекти од нашите животи и кои го туркаат општеството во многу опасна фаза, како проблемите со животната средина, политичката корупција, изгубената идеологија, состојби во кои обичниот граѓанин се полека го губи тлото под нозете, треба да дејствуваме активистички. Блокирањето, цензурирањето или бришењето различни гласови е многу ефикасен метод за контрола на луѓето. Уметникот е тој што треба да има јасна визија и одговорност, но при тоа треба да употреби вештини и преку својата уметност да се изрази ефективно, за да биде слушнат. Во такви мигови уметноста треба да е искрена, гласна, на моменти субверзивна, во смисла духовно насилна. Таа мора да изнајде начини за промени во општеството, промовирајќи ја слободата на изразување бидејќи тоа е последниот начин за мерење на квалитетот на нашиот ум, без тоа нашиот “имунолошки” систем ќе слабее.
Сашо: Инспирацијата ја пронаоѓам во врските и соодносите на идеите кои навидум изгледаат неспоиви. Од секогаш ме инспирирале различните теории кои се поставени како проблем и прашањата кои немаат конкретен одговор. Таму наоѓам голема слобода за лично размислување и разработување на проблемот од сопствен агол. На почетокот на моето патешествие низ формите ме фасцинираше бесконечноста како математички проблем. Пробав да ги спојам математиката, физиката и астрономијата преку ликовен јазик низ форма која константно се менува и преминува од една во друга димензија.

Со текот на работата ми се наметна прашањето за енергијата како процес кој не е постојан и исто така се менува од еден во друг вид, но не се губи во целост што беше тесно поврзано со процесот на трансформацијата на енергиите. Проблемот беше доста интересен, бидејќи за да се претстави трансформацијата на самиот процес во камен како материјал беше предизвик само по себе. Решив енергијата и нејзината континуирана промена да биде претставена како една замрзната слика од „филм“ која е во константно течение со што самиот гледач ќе треба да навлезе во процесот на решавањето на проблемот. Во творештвото не може да ставите остра црта во однос на идеите, јас тоа го сфаќам како континуиран процес кој се менува и резултира со различни експериментирања во однос на проблемите што не опкружуваат, кои се длабоко во нас и не поттикнуваат да си дадеме сопствен одговор.
Секој уметник е уникатна приказна за себе. Како би го опишале она што го создава вашиот партнер?
Пандора: Сашо Саздовски е скулптор кој е многу љубопитен и сака да истражува. Неговите дела се еден вид на научно истражувачка работа во која никогаш не знаете како ќе изгледа крајниот резултат се додека скулптурата не биде завршена.
Многупати од подготовките и скиците може да се добијат патокази за тоа каков би бил крајниот резултат, но сепак тој може да ве изненади. Иако навидум се занимаваме со иста професија, начинот на кој функционираме во студиото е сосема различен. Тој е автор кој е целосно посветен на скулптурата, перфекционист и секогаш се воодушевувам колку јасно, прецизно и скоро до совршенство ги изведува скулптурите во каменот.
Сашо: Пандора Апостолоска Саздовска е сериозен автор којa со своите дела остава длабок и уникатен печат на македонската ликовна сцена повеќе од две децении. Нејзиниот стил комплетно се разликува од тоа што јас го работам и како идеја и како сензибилитет.
Делата на Пандора ги доживувам како многу искрени, смели, провокативни, на моменти критички, особено активистичките јавни проекти кои се пони со енергија. Тие те поттикнуваат на размислување и во ниту еден случај не можат да те оставаат рамнодушен. Нејзината тематиката е мошне драматична, допирајќи длабоки емотивни моменти кои ги црпи од сопствениот живот и политичките случувања во општеството.
Уметноста виреела низ најтешките времиња во историјата. Како пандемијата влијае на она што го создавате и неговата промоција, а како на вашата инспирација?
Пандора: Пандемијата комплетно ни го промени начинот на живот. Од тие причини бевме приморани да го промениме прво начинот на размислување, а потоа и на функционирање.

Бидејќи социолошките состојби во општеството се темата која ја обработувам, времето поминато во изолација го посветив на истражување. Последната самостојна изложба од тој процес посетителите можеа да ја видат во Музејот на Град Скопје во август и септември оваа година.
Сашо: Пандемијата предизвика промени во општеството, но и индивидуално кај луѓето. Јас лично успеав креативно да ги искористам тие денови поминати во изолација посветувајќи се на компјутерско, дигитално моделирање. Работев во програм кој нуди многу интересни можности за разработка на одредени идеи во скулптурата кои се надевам дека еден ден ќе бидат реализирани во камен.

Едно „клише“ прашање. Имате ли омилено ваше дело и омилено дело кое го изработил вашиот партнер?
Пандора: Мислам дека не би можела да издвојам свое омилено дело, бидејќи сите ми се подеднакво драги. Повеќето мои дела се автобиографски, работени во различни периоди и фази од мојот живот, така што ваква остра селекција е едноставно невозможна. Ме прашувате да одберам сегмент од мојот живот, а тој е прекрасен и покрај сите негови падови и успеси кои се случувале низ годините.
Исто се однесува и за делата на мојот сопруг, скулпторот Сашо Саздовски. Ние сме заедно веќе три децении, уште од студентските денови. Ја следам неговата работа од самиот почеток и неговиот развој низ сите творечки фази. Скулптурите од циклусот “Фамилија” кај него се исто така автобиографски. Многу од нив ги има направено наменски, посветени на своето семејството со кои сум емоционално поврзана. Од тие причини ова прашање би го оставила отворено, да го одговори некој кој е добар познавач на нашата уметност или публиката.
Сашо: Во принцип не би можел да се одлучам, бидејќи инсталациите на Пандора се комплексни ликовни содржини кои не може да егзистираат како едно во просторот. Тие имаат континуитет во кој сликата преминува во објект или објектот во слика.
Доколку би требало да издвојам некој тематски сегмент од нејзината работа би се одлучил за нејзиниот проект кој е посветен на загубата. Таму успева на многу суптилен начин да ни ја пренесе длабоката емотивна болка што ја чувствуваат луѓето кои биле директно или индиректно поврзани со некаков вид на агресија.
Каде се наоѓа Македонија на уметничката мапа на светот? Предности и маани да се биде уметник во Македонија?
Пандора: Можеби за многумина мојот одговор ќе звучи песимистички но, реалното прашање би било: Дали Македонија ќе опстане воопшто? Дали ќе успее со досегашните лоши политики да ја задржи самостојноста, суверенитетот и интегритетот за која се бореле нашите предци во минатото?
Во време кога некомпетентни поединци лесно се “пазарат” со најзначајните државни прашања кои го засегаат идентитетот, историјата и јазикот на Македонија, многу тешко можеме да говориме за култура, а уште потешко за нејзиното место во светски рамки.
Сашо: За жал, по осамостојувањето на Македонија како држава ние не успеавме да изградиме стратегија ниту систем за вреднување на ликовните дела, а со недостатокот на критика немаме ниту вреднување на уметниците. Во минатото, зборувам за време на социјалистичкото уредување во поранешна Југославија некои работи во полето на уметноста биле подобро поставени. Во тоа време творештвото на ликовните уметници било поддржано од државата, музеите и останатите институции. Тие вршеле постојан откуп на уметнички дела понекогаш и откуп на цели изложби. Сведоци сме на сериозни, монументални, комплексни решенија за споменична скулптура од НОБ кои ги изведувале со години во соработка со архитектите.
Во исто време им биле доделувани бесплатни уметнички ателјеа со што ги стимулирало уметниците да опстанат и да продолжат со својата работа. Од моето лично искуство во Европа, конкретно во Австрија на пример се уште постои тој систем каде што банките и големите компании се главните поддржувачи на музичката и ликовната уметност и на тој начин авторите можат целосно да се посветат на креативна работа. Секако тоа не значи дека секој што е уметник влегува во таа категорија, бидејќи има создадено скала на вредности по кои функционираат работите. Во Македонија е многу тешко да се опстане како уметник, од тие причини мојата и кариерата на мојата сопруга ја насочивме надвор од границите на Македонија.
Што би издвоиле како ваш најголем професионален успех?
Пандора: Сите мои изложби кои се случуваат надвор од границите на Македонија каде што претежно е насочена мојата кариера се однесувам професионално и одговорно. Тоа што моите интернационални изложби се селектирани, финансирани и наградувани од институции и стручни лица на меѓународно ниво, се професионален успех не само за мене како автор туку и за Македонија како држава. Кога би морала да изберам би ги издвоила изложбите во земјите на Блискиот Исток, особено изложбата во Катар.
Во таквите држави каде што доминира една идеја или едно верување, секогаш постои ограничување во слободата на изразување и творење. Во Катар за прв пат го изложив делото “Загуба” инспирирана од средбата со сириските бегалци. Бројката на децата жртви беше испишана на црното платно како дел од инсталацијата. Храброста од ризикот на изложување на делото со политичка тематика, особено ако авторот е жена во средина каде што доминира религијата како единствена идеологија, беше голем предизвик и го сметам за мој професионален успех.
Сашо: Тешко ми е да издвојам еден. Мојата магистерска работа во времето кога ја одбранив, на 24 годишна возраст за мене беше огромен успех, бидејќи самиот изработив седум монументални скулптури тешки околу дваесет и пет тони. Во тоа време малкумина македонски скулптори од старата генерација можеа да се издвојат со таков тип на обработка на каменот, како од ликовен така и од технички аспект.
Подоцна, како професионален успех на меѓународно ниво и покрај дваесетте монументални скулптури реализирани во јавен простор во различни држави, би ја издвоил специјалната награда за скулптура “Оскар Кокошка” во Австрија и монументалната скулптура пред музејот на “Марк Ротко” во Латвија.


















