Тоа што прво почнале да го играат мажи не значи дека фудбалот е машки спорт
Ива Пројковска покажува дека најважната споредна работа на светот не е само машка професија! Таа е прва ФИФА судијка од Македонија која ја делела правдата на домашни и меѓународни натпревари.
Ива, како се роди љубовта кон фудбалот и колку често играш фудбал? Сметаш ли дека ова е машки спорт?

Љубовта кон фудбалот е уште од мали нозе кога со другарчињата од маало игравме фудбал за понатаму да продолжи со другарчињата од основно училиште за да продолжи до ден денес. Порано играв барем еднаш неделно, меѓутоа од кога напредував во 1-та па сега и елитна група на судии не се осудувам да играм поради можните повреди. Што се однесува до тоа дали е машки или женски спорт, во светот веќе не постојат машки и женски спортови … Тоа што прво почнале да го играат мажи не значи дека е машки спорт. Можеме да видиме во светот се повеќе се вложува во женскиот фудбал и многу земји го ставија на исто ниво со машкиот фудбал.
Кога почна да се занимаваш со судење на фудбалски натпревари?
Со судење на фудбалски натпревари почнав да се занимавам во сезоната 2003/2004 и од тогаш до денес ми е дел од секојдневието.

Како се станува ФИФА судија?
ФИФА судија не се станува така лесно. Прво мора да се поминат сите национални категории: привремен и постојан судија, 2 категорија судија, 1 категорија и републички судија. Освен категориите кои треба да ги имаме треба и да сме физички спремни за сите норми и тестови, да ги познаваме правилата на фудбалската игра и да имаме познавање од англискиот јазик, и доколку националната федерација – ФФМ смета дека сме доволно добри и зрели за во Европа не предлага на меѓународна листа. Бидејќи ние припаѓаме под УЕФА – УЕФА не прифаќа и не повикува на семинар и доколку ги положиме сите тестови се стекнуваме со статусот меѓународен ФИФА судија.

Како реагираат мажите кога судијка им ја дели правдата?
Порано може тоа беше чудно, меѓутоа во денешно време не се изненадени играчите, тренерите и сите останати инволвирани на натпреварите. Можеби сè уште постојат некој предрасуди во пониските лиги, меѓутоа УЕФА и ФИФА толку голем акцент ставаат на жените судии во машките натпреварувања што мислам дека веќе не постои човек што гледа фудбал, а не знае дека има и женски судии.

Кои се твоите желби за во иднина на професионален план?
Желби има многу, меѓутоа треба да работиме исто така многу за остварување на истите. Сега ќе идам на Европско првенство за жени, па следна желба на професионален план е да бидам дел и од некое Светско првенство.


















