Страв од слетување
Ерика Јонг преку романот „Страв од летање“ испрати порака до читателите дека во психичкиот и еротскиот живот треба да се лета без страв, слободно и без стеги. Ни на крај на умот не ѝ било дека ќе дојде време кога интимната слобода ќе ги прелета сите стравови и ќе претера. Имам чувство дека ги надлетавме и психичкото и еротското и слетавме во идиотското. Претеравме со летање и залетување на глобално ниво, а Ерика да може ќе напише втор дел на романот, само за политичарите, (сексот и политиката имаа заеднички моменти), под наслов „Страв од слетување“. Денес, секој партиски летач може да полета без лиценца за летање. Доволна му се тазе отпечатена диплома и партиска книшка – со неа под „мишка“ се лета над сечие небо. Но, не секој умее добро да атерира, сам да се спушти на земја без принудно слетување.
Ние одамна немаме пилот во авионот, ама имаме аплаузи за атер слетувачи. Добиваат посилни аплаузи и од врвните уметнички дела на сцена, оти кога си ги удираш дланките до болка, силен е екотот … Време на избори и реизбори, повторно полетување и залетување … Ќе имаме ли со што да аплаудираме? Внимателно со изборот, власта не е лубеница одбрана на пазар! Треба да се процени дал е зрела или зелена само со удар од дланка. Ако е зелена ѝ треба време да созрее, ако е презреана може бргу да се расипе. Власта не расипува ако е добар изборот, што би рекол нобеловецот Бернард Шо: „Не е вистина дека власта ги расипува луѓето. Вистина е дека ако будалите дојдат до власт, ја расипувааат власта.“ Проблемот е во погрешен избор, како за сè. Погрешен избор на брачен партнер е твоја лична одлука, од која со тек на време доаѓа до семејна, локална колатерала. Пострашно е од погрешен избор на факултет, работна позиција, автомобил, чевли, затоа што потешко е да се разведеш отколку да смениш факултет или работна позиција, неудобни чевли и стар автомобил. Разводот остава последици, но исто и токсичната врска или лош брак оставаат последици. Погрешен избор на властодржец, на човек во власт, значи држење на власта во заложништво. Последиците се долготрајни со непоправливи колатерали на глобално ниво. Од погрешно формирана власт страдаат и тие кои ниту гласале за таа власт, ниту имаат било каква допирна точка. Страдаат сите, освен оние кои мислат дека нивниот материјален бенефит и хиреархиската надреденост се нивните животни цели и врвна амбицијата, поважни од сè. Тие немаат сензор за страдање, оти владеат со страв и стравување – две алатки за лошо владеење. Принципот на владеење преку страв, или народски „стравот го чува лозјето“ функционира извесно време, дур има чавки околу лозјето. Принципот на владеење со стравување, дека може да го изгубиш властодржецот во себе, или народски кажано замена на „мека фотелја за тврда столица“ е она што го држи во страв оној, кој другите ги држи во страв. Кругот на страв е затворен круг. Стравот владее со власта и преку неа, искашканите раце не се мијат сами, ниту пари се перат без машинерија.
„Таков е животот на материјално богатите. Не е поубав од кујната, смрди како неа и ако човек сака убаво да се накрка, мора да си ги извалка рацете; но потоа треба да знае да си ги измие – во тоа е сиот морал на нашево време“ – Балзак во романот „Чичко Гориот“. Од таквото владеење нема аир ниту мир. Мирот е неприкосновен, мирот е побитен од среќата која е моментална и нема таков благороден учинок како што има мирот. Затоа, мудро умните не посегнуваат по власт, знаат дека ќе си го изгубат мирот. Барем не по ваква избербатена власт која ни Худини ни Дејвид Коперфилд не може да ја поправат, а не па триковите и магијата на ЕУ. За да доведеш во ред една училница со недисциплинирани ученици мора да имаш стручно знаење, широко наобразба, авторитет и љубов кон училницата без оглед на платата и условите. Под „широка наобразба“ не се подразбираат сертификати, дипломи и престижни титули, доволно е да си студирал со љубов, да работиш со љубов, да внесуваш нови содржини и да се усовршуваш „пешки“, без платена програма за титула. Диплома за педагогија е сиот твој живот внесен на само еден час од 45 минути. Тука е авторитетот, во твојата лична духовност која „владее“ без стравот на авторитативноста. Децата тоа добро го препознаваат, исто како ние возрасните „училницата“ на парламентот, чиј предмет на едукација е зборувам (parlare) и манипулирам, лажам (mentire). Чест на исклучоците, секогаш и секаде ги има, но школото на парламентот учи спротивно од училишниот систем на образование. Учи дека најважното нешто што треба да го владееш на твоето работно место на говорница пред микрофон, е како за кусо време да напаѓаш и дефокусираш суштински проблеми. „Брзозборките“ брзоплето прочитани на говорницата се веќе препознатливи фрази и клише говори. Се менуваат само имињата на озборуваните и озборувачите, суштината е иста. Парламентот стана „отмена“ чајџилница каде звучно се срка бајат чај додека народот сето тоа мора да го проголта на суво, сè додека може да плаќа струја и интернет. Ете таква е власта, отсекогаш таква и била, само во поинакви чајџилници. „Власта има многу лица и содржини, таа е драма на одговорните и совесните, трагедија на идеалистите, установа на легално насилство, легитимност на незаслужни, уживање во правото за заплашување.

Една револуционерна власт никогаш не може да биде демократска со истите луѓе, за да го смени карактерот треба да ги смени луѓето на власт. Власта не е историска појава туку нејзино опредметување. Таа подеднакво се посакува, оплакува и трпи. Оној кој владее подготвен е да потчини, а потчинетиот има само еден нагон – и тој некого да потчини“ – „Време власти“, Добрица Ќосиќ. Таков е кругот на власта, затворен и тврдо оформен, нема простор за ширење добра енергија како концентрични кругови на водена површина, ниту како светлината од ореол. За добра власт треба добри луѓе со ореол над глава и образ, интуитивни и емоционално интелигентни. Само тогаш, нивната стручност и компетентност може да дојдат до израз, за колективно, а не индивидуално добро. Душа треба и за летање и за слетување!

















