Семејство Такец
Имавме чест да поразговараме со Гордана Петров – Такец, ќерка на битолскиот новинар, писател и публицист, сликар и композитор, Димитар Димитровски – Такец. Прекарот Такец носи толку голема тежина што своевремено Јосип Броз Тито има изјавено: „Јас Македонија ја гледам низ Охрид и Битола, а сега и преку Манаки и Такец!“
Гордана објаснува дека татко и го добива тој прекар во гимназија. Неговата баба често го викала Таке. Во Битола, по влашки од Димитар, се викаат Таки. Димитар, Власите би го нарекл Таки. Во гимназија во истиот клас Димитар имал соученик од Хрватска, со прекар Гргец. Низ дружбата тој му рекол: „Зошто да бидеш Таке, зошто да не бидеш Такец, како што сум јас Гргец!?“ И така во втора година гимназија, на 16 години Димитар станува Такец. Од тогаш цел живот е Такец, раскажува Гордана. Неговата ќерка Гордана, која по смртта на татко и го користи прекарот Такец, како еден вид уметничко име.

Семејството Такец направило многу за Битола и секогаш работело со една цел – да ја издигне Битола на повисоко ниво. Тоа што Битола не му се оддолжи на Такец, не игра голема улога и не е срам за семејството Такец, вели Гордана.
Димитар Такец е композитор на првата македонска забавна меолија уште до 1947 година, песната е призната како прва забавна мелодија, тангото „Чекај ме“. Инаку Такец по професија бил правник завршувајќи Правен факултет во Белград. Цел живот живее и работи во Битола и е автор единствената книга за браќата Манаки која му донела средба со Тито.
Тито на средбата му рекол на Такец: „Јас Македонија ја гледам низ Охрид и Битола, а сега и преку Манаки и Такец.“
Гордана се сеќава на зборовите на татко и дека во сите пет доаѓања во Македонија, само поминувал низ другите градови, но секогаш прададирал низ Широк Сокак и редовно одел во Охрид да плови со својот брод „Галеб“.
Такец за Манаки направил многу, напишал книга посветена на славните браќа и бил личен пријател со „манакиевци“. На Милтон дури му одржува посмртен говор на погребот. Во книгата има многу работи што не се познати за повеќето луѓе.
Такец е единствениот човек што ја обработил историјата на Битола неколку века наназад. Тој беше вљубен во Широк Сокак, вели Гордана, градското шеталиште го нарече „најубавиот километар на Балканот“ и таа терминологија и ден денес се користи. Живееше за Широк Сокак. Три дена пред смртта тој последен пат со своето бастумче прошета на Широк Сокак.
Најдрагиот спомен на татко и за Гордана е бастумчето за кое вели: „Тоа ми е најдрагиот спомен и името. Името ми е многу вредно. Беше многу скромен човек, многу чесен човек. Новинарите се пензионираат со мала пензија и тој не остави никакви материјални вредности“.
Такец покрај тоа што бил новинар, писател и публицист, бил и одличен сликар, уметник, кој направил 16 самостојни изложби, сликал во масло, а неговите слики се присутни во многу музеи ширум некогашна Југославија.
Димитар Димитровски е едениствен новинар кој посветил труд на Ромите. По повод јубилејот од егзодусот на Ромите, тој е човекот кој им посветил поезија и дела, и е голем истражувач на нивната култура. Гордана се сеќава дека во една пригода тој отишол во Какањ, затоа што дознал дека таму живее Ром академик. Првиот академик Ром живееше во Босна, а Такец на своја рака отишол да го запознае. Негоата љубов кон Ромите била многу голема. Најмногу го сакал нивото мото „сокавел теовел – што ќе биде нека биде“. Тој бил и прв новинар на Нова Македонија, зборувал неколку јазици, учествувал при збратимување на Битола со Епинал, имал свој бенд од младоста и свирел гитара, го сакал Пелистер, и редовно го искачувал – спортист, сестран човек…

Со горчина Гордана Такец вели: „Татко ми почина на 93 години и јас бев дури и дрска кон тогашниот градоначалник Талески и му реков: „Дали очекувавте татко ми да живее 300 години па да има време некогаш да му дадете награда за животно дело?“ Очекувавме да добие награда за животно дело неколку месеци пред смртта. На Битола се и даде, многу ја сакаше. Ги сакаше луѓето! Тој велеше дека не ми е значајно ако добијам пари, признанието ми е многу важно – не парите. Татко ми умре со јад бидејќи градот кој што крвта му ја даде, не го испочитува!“
Продолжува…


















