Колумни

Стокхоломски синдром во Скопје

Новиот милениум го обележи светот со многу новини, иновации, но исто толку калкулации и манипулации од ,,трајни вредности”. Сѐ почесто манипулатори (предатори) во новиот милениум се китат со ,,трајни вредности” на заслужни граѓани од прв ред, додека во ред се редат понижени и навредени граѓани, чекајќи го редот за задолжителни тековни активности ( документи, лекови, операции…), на еден слободен државјанин. Слободен државјанин во заробена држава е новиот парадокс на Македонецот. Томе Арсовски во драмата ,,Парадоксот на Диоген“ пионерски и писателски вешто, отворено пишува за проблемите од минатиот век, времето на изградба на земјата во рамките на СФРЈ, укажувајќи на успивањето на колективната и лична свест, губењето на свест за совест. Писателот Т.Арсовски суптилно го гради ликот на успешниот инженер Драшко Каровски, чиј морален интегритет ќе се урне заедно со неговиот хотел ,,Сплендид”. Суптилно е и времето кое го живее ликот ( шеесетите години на минатиот век), времето на колективизација, во споредба со сегашнава приватизација и здивена транзиција, подивена од сопствената немоќ да помине во стабилно општествено уредување, паралелно со новиот милениум. На самиот почеток на милениумот, Светската банка официјално ќе го употреби терминот ,,заробена држава” опишувајќи ја ситуацијата во земјите на Централна Азија излезени од комунизмот. Мала група корумпирани државни службеници, влијателни за одлуките на владините службеници да гласаат за нивните лични економски бенефити, постепено ќе се прошират во голема група на моќници, олигарси. Не дека ги немало во минатото, во истата Русија кога била царство, но сега ги има без сина крв и титули, чии лични кралства ги надминуваат некогашните. Сѐ почесто го користиме терминот ,,заробена држава” или слушаме дека сме заробена држава, дека нѐ држат како заложници во сопствена земја и дека во генот ни е кодиран ропски менталитет. Слушаме, говориме, еве и пишуваме, но никако да си ја ослободиме државата од едно новонаметнато и секако, софистицирано, урбано ропство. Чест на исклучоците, кои ќе се одважат јавно да излезат во простор и време како храбри граѓани без политичка позадина и гласно ќе кажат дека не ни е добар планот. Карпош на сила, против волјата на карпошани ќе го гледа градењето на својот седумнаесеткатен надгробен споменик. Епитафот или плочата со надгробен натпис, ја потпишаа добротворите на Карпош, кои ете имаат визија да го претворат во Дубаи. Ама оној Дубаи, од турбофолк песната на Теа Таировиќ, со мирис на контејнер кој оддалеку ,,копа” на испрдок од творови. Ако имате среќа да пријдете до подземните контејнери, околу кои невообичаено често има обрач од ќеси со ѓубре, кога ќе го отворите капакот, реата неподносливо потсеќа на алегоријата на Данте Алигиери при описот на најдолните кругови на Пеколот. И сите ние, жителите на Карпош, како заложници го поддржуваме и потпишуваме постепеното, етапно пропаѓање на најурбаната Општина. Пропаст во 17 етапи ( катови). Узурпираниот воздух помеѓу парцелата со име Ул.Никола Русински, почнувајќи од местото на споменикот ,,Бетонблокатор” од 17 ката, па сѐ до вториот воздушен блокатор познат, како Сити Мол, ќе биде нашата воздушна перница. Ама не онаа што те спасува од воланот при судар, туку перница врз уста, да не можеш да дишеш. Нема да можеме да дишеме. Постепено, етапно, во 17 рунди ќе си ги контаминираме белодробните алвеоли, баш како контејнерите преполни со ѓубре, до конечна дијагноза… Оние, населените на 17 кат, ќе дишат почист воздух дур се дома, на тераса, но ќе мора да се симнат долу, барем ѓубре да фрлат во новите 17 контејнери, распоредени околу болничкиот круг, за новите жители на Карпош. А можеби со хеликоптер ќе се чисти сметот, па нели сме Дубаи?! За ваков урбанистички преседан се крева Карпошово востание, да се спречи, пред да се лечиме. Кога заложниците ги засакуваат своите узурпатори и застануваат во нивна одбрана, (а притоа немаат лична, материјална корист како алчни профитери), тогаш боледуваат од психолошко пореметување, т.н Стокхоломски синдром. Овој израз прв пат медиумски се користел 1973 година, кога четворица заложници, заробени при грабеж на банка во Стокхолм, по извесно време застануваат во одбрана на своите киднапери и не сведочат на суд против нив. Ние сме сите со синдроми, психички растроени, штом дозволуваме себеуништување. А сѐ изгледа така фино, софистике, да мислиш дека си параноичен, психички лабилен, гледаш опасност каде ја нема… Типичен однос меѓу емпат и предатор, агресорот секогаш глуми жртва додека манипулира со реалната жртва. Дај Боже да сум невротична и неточна, а гоsилата во Карпош да ни го разубави видикот. Или викендот. Викенд на мртовци. …И така жителите на Карпош си живееја среќно до крајот на животот…

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %