Колумни

Сиромаштија

Материјалната сиромаштија повлекува и духовна сиромаштија, го јаде и моралот, знае да се храни со ниски страсти за да преживее, што е донекаде разбирливо, човек во немоќта да се прехрани пронаоѓа недолични начини за опстојување. Но, победно од сета сиромаштија на светот е кога материјално богатите со презир гледаат на сиромашните, убедени во нивната неспособност и мрзеливост. Човек може да умре од глад, може да е сиромав во обемот на паричникот, но најголемата беда е кога богатиот на сиромавиот му ликува, или фразеолошки кога „ситиот на гладен не му верува“. Духовно сиромашните и алчните среброљупци може да го изедат човештвото и како канибали и да подригнат во знак на ситост. Таму се врти кругот на животот, почнува со нагон за храна, завршува со нејзино одбивање, заситеност од животот. Во смрдлива кујна на богатите, за кои пишуваше големиот Балзак во романот „Чичко Горио“ после богато кркање треба да умееш исто толку добро да се измиеш, да ги исчистиш искашканите раце и избербатеното лице од мрсните и неумесно гнетени залаци. Сиромашниот го јаде со љубов секој залак не оставајќи трошки под масата, на духовно сиромашниот му паѓаат цели залаци, поради широко отворената граблива и ненаситна уста. Делата што ги оставаме зад себе, или делата што се пред нас како општочовечки приоритети, се одраз на нашето срце. Духовното богатство станува материјално само кога го даруваме, кога градиме трајни врски со луѓето и несебично помагаме. Тогаш нема место за ликување пред материјалното богатство, духовно богатиот не поднесува сиромаштија на остатокот од светот, ниту е среќен за својот лично стекнат материјален капитал кога околу него луѓето осиромашуваат. Го славиме работникот во време на невработеност која ја крие својата статистичка вистина како и жена своите години, се повеќе гладни усни во народните кујни од каде се гледа менаџирање на гладниот град, некому раскош, некому беда. Пишуваме за здрава, патем скапа храна, кога со просечната плата се покриваат три основни намирници и по некој лек за здравје, а нема ни за леб! Но, ништо друго не му останува на гладниот свет освен да работи и за минимални приходи, таков е системот, експлоататорски до последен залак.

Многу е пишувано за трудољубието и работливоста! Толстој бил најсреќен кога работел и тоа со селаните на нива без оглед што бил со грофовско потекло. Балзак бил воркохолик, за 51 година животен век напишал циклус од стотина романи и раскази, а за работата велел дека е закон на уметноста и на животот. „Треба да се навикнеме да работиме и потоа нема да можеме да живееме без работа, сè на светов зависи од неа“ – запишано од Луј Пастер, а Максим Горки сметал дека „вистински херои се само оние кои сакаат и знаат да работат“. Го почитувам Хемингвеј не поради Нобеловата награда туку поради максимата: „Секој се раѓа поради некакво дело и секој кој чекори по земја, мора да има свои обврски“. Трудот на нашите просветители е достојна за почит, Џинот во песната „Труд ми е името“ го става трудот на пиедестал пред мудроста и љубовта, зашто без труд нема ни мудрост, а ни љубов. Данте Алигиери мрзливците ги става во петтиот круг од Пеколот, да пливаат во кал како прасиња. Работа, работа и само работа!

Сепак, сакале да признаеме или не, реалната слика во светот за сегашната работничка класа е повеќе од цинична. Цинизам е и кога ја користиме излитената фраза дека оној кој сака да работи ќе си најде работа. Да, работа колку сакаш, ама волонтерски, експлоататорски, работници како клетниците на Виктор Иго.

Последните три децении синдикатите ги снемува, а приватизацијата го става работникот во позиција на страв и несигурност, под парола: ако не сака – има кој сака, за дрско мали плати и хонорари. Затоа, народните кујни ќе бидат полни со гладници, а на моќниците сè пораскошни богатите трпези. Така се векувало отсекогаш.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %