Секој производ има дел од мене и мојата позитивна енергија
Рачно изработени пуф табуретки, bean bags, чанти, лулашки се дел од брендот Natalija Collection. Доколку сакате вашиот дом да има уникатни детали со многу љубов, Наталија Лубеска е вистинскиот човек за вас.
Наталија, како дојде до идејата за вака креативно занимање?
Креативноста била секогаш дел од мене и моето секојдневие. Кога учев да плетам си го пронајдов мирот и со секој нареден производ бев се поисполнета и посреќна. Радоста на лицата на моите блиски кои беа први клиенти, ми даде огромна поддршка и самоувереност. Затоа, со задоволство се трудам во секој производ да има дел од мене и мојата позитивна енергија.
Одлуката потполно да се посветам кон рачната изработка ме мотивира секојдневно да се трудам да креирам нови производи кои ги задоволуваат потребите и желбите на моите клиенти.
Што се вообичаено изработуваш и што е најбарано?
Во измината година изборот на производи на Natalija Collection се има значително зголемено, од пуф табуретки до плетени вреќи за седење, но почетоците беа инспирирани од мојата голема љубов кон уникатни и софистицирани ташни.
Креирањето за жени кои се храбри, модерни и кои веруваат во себе, ми претставува неописливо задоволство и чест. Посакувани низ сите месеци од годината, нашите чанти се совршен аксесоар за секој момент од животот.
Воглаво, искуството ми покажа дека секој производ си има период кога е најбаран, во зависност од сезоната и од потребите во тој период од годината.
Нашиот најнов производ, плетена лулашка од макраме, е моментално најактуелен и најбаран.
Фактот дека, клиентите имаат простор да си ги персонализираат производите, по нивна желба, е зошто рачната изработка e секогаш попосакуваниот избор.
Која е најуникатната нарачка која си ја имала од некој клиент?
Горда сум на сите мои клиенти, бидејќи тие ги имаат најуникатните желби, со кои ме мотивираат и секојдневно ми поставуваат предизвици кои со задоволство ги решавам.
Нивните идеи за чанти во различни форми и со уникатни плетки кои сама морам да ги смислам и да ги изработам, ми претставуваат посебно уживање.
Изминатава година почнавме и со производство на наше макраме – македонски производ. Од него произлегоа низа на нарачки кои се уникатни и преинтересни. Како на пример, плетена висечка кукичка за мачиња, фаќач на соништа за бебиња, лулашки од макраме со интересни специфични плетки и слично.
Креирањето за домашните миленичиња и за најмалите бебиња во домот е најслаткиот дел од мојата работа.
Колку време е потребно за изработка на најкомпликуваните предмети?
Најмногу гратификација ни дава, но и најмногу време ни одзема, нашиот најуникатен производ – плетена вреќа за седење (knitted bean bag).
Димензиите на вреќата варираат од 60 cm х 90 cm х 60 cm до 100 cm х 150 cm х 100 cm (висина х должина х ширина). За поголемите димензии, потребни се 2,3 недели за изработка и должина на кабел од приближно 1.5 километри.
Готовиот производ е со комфор на најпосакувано ниво, модерен дизајн и многу вложена љубов.
Се цени ли доволно рачната изработка во Македонија?
Досегашното искуство ни покажува дека рачната изработка е сè повеќе застапена во Македонија и пријатно сме изненадени колку клиените го ценат трудот и креативноста на дизајнерите.
Тие се свесни дека прозводите се добри за животната средина, дека ја поддржуваат локалната економија и дека зад секој уникатен производ има приказна и дел од креаторот.
Клиените најмногу купуваат за себе и својот дом или поклон за некој близок. Можноста за пресонализирање го покажува трудот и љубовта која ја вложиле клиентите за да изберат совршен подарок.
Во овие моменти рачната изработка има многу повеќе значење од кој било комерцијално распространет производ, и нашите клиенти го знаат тоа и го ценат.























