РЕЗИЛ
Новоизгласаниот Кривичен законик со просто мнозинство изгласан во Собранието на Република Македонија, за мене означува амнестија за сторителите на кривични дела кои претежно се поврзани со владините бизнис релации, а тоа значи злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување.
Владата во заминување презема чекори за нивно амнестирање во судскиот систем на Република Македонија од злоделата кои ги направиле кон сопствената држава и народ.
Македонија е држава каде криминалот и корупцијата се длабоко вгнездени во нашето секојдневие. Овој факт го знаат граѓаните на Република Македонија и сите наши пријатели во светот. Живеам во неразбирлив молк на моите сограѓани, моите сограѓани се опљачкани, ама истовремено дозволуваат да се имплементираат закони кои ќе амнестираат сторители на ваков криминал и ќе му дадат право да биде еднаков со тој кој чесно работи и едвај го врзува крајот за неговото опстојување. Народните избраници во Собранието на Република Македонија, водени од своите лидери ја покажуваат својата незрелост да бидат дел од овој највисок законодавен дом на Република Македонија. Самата табела на присутни пратеници, при изгласувањето на овој закон укажува на фактот дека од 104 регистрирани гласале само 85. Ги прашувам 19 пратеници кои воопшто не гласале дали се свесни каков зулум прават врз сопствениот народ? До кога во Македонија ќе владее квази демократијата?
Најповеќе сум зачуден од молкот на ЕУ и САД по однос носењето на овој закон, замислете со европско знаменце! Нивното присуство во нашето секојдневие е големо, меѓутоа во овој случај молкот владее во сите амбасади на ЕУ и САД. Ако се вистински партнери на Македонија и нејзините граѓаните, тие со своите држави мора да преземат многу остри мерки за поништување на овој закон. Блага надеж покажа германскиот пратеник Емануел Сарацин, задолжен за Западен Балкан, кој благо укажа на ступидноста од носењето на овој закон. Свесен сум дека господинот Сарацин нема да може да го промени овој закон, меѓутоа очекувам дека евро-парламентарците ќе заземат категоричен став да овој закон биде поништен.
Сакаме да владее правото и правната држава, амнестија за застарените судски процеси, каде несомнено се водат за невиден криминал во Република Македонија, претежно од страна на владини високи функционери, не смее да биде забошотен. Не смееме да се додворуваме на судството за нивната инволвираност во севкупниот криминален амбиент во Република Македонија. Почесно ќе беше да се донесе казнен закон за судиите кои свесно одредени криминални предмети ги држат во фиоки. Нема да се зачудам доколку мои одредени сограѓани ја земат правдата во свои раце, а вие претседателе Пендаровски кој го потпишавте овој закон и му дадовте легитимност во државата, засрамете се. И вие сте дел од севкупниот ретрограден државен систем кој денеска владее во Република Македонија.













