Почеток и крај
Почетокот и крајот се две каузални неминовности, без нив нема ништо, тие се нештата и во ништото. Сѐ има свој почеток и крај и сите се видливи, освен космосот. Неговиот бескрај е вечна енигма. Многу често го користиме изразот ,,секој почеток е тежок”, изумувајќи дека тежината на одењето до крај, на крајот му ја остава сета тежина. Почетокот на учебната година има своја тежина, но и противтежа на крајот од учебната година. Тие се како два антиподи во литер.дела, спротивни, но се надополнуваат и не даваат целосна слика ако се гледаат одделно. Крајот е само можност за нов почеток, а не е лесно да се почне… И така во круг, како животен циклус, curiculum vitae. Само учењето нема крај! Човек учи дур е жив, а кога ќе замине од земниот свет, од неговиот дух учат многу подоцнежни генерации. Ние сѐ уште учиме од Сумерците. Не ни се блиски по територија, историја, фолклор или сентимент, не постојат илјадници години наназад, ама ние сѐ уште учиме од нив читајќи го епот Гилгамеш. Ете таква е моќта на книгите, космички грандиозна, вечна, бескрајна затоа што е циклус, има свој кружен тек. За почетокот на учебната година испраќам порака до сите засегнати за воспитно-образовниот процес дека учењето е мајчински добро! Најважното нешто е да ги научиме децата да учат со радост, со оној исконски порив за осознавање, кој многу често пермутира во примитивна љубопитност, (одлика на приматите) или потреба да се знае сѐ и сенешто за небитни луѓе и ситуации од кои можеш да научиш само техника на површно знаење и озборување. Покрај толку многу можности за развивање вештини и способности, покрај сите можни креативности космички неисцрпни, покрај толку науки и научни дисциплини, нашите деца ги оставаме да се играат со компјутери, развивајќи вештачка интелигенција. Па што е со природната интелигенција, емоционалната? Каде и како ќе развиваат просторна, ботаничка, визуелна интелигенција ако постојано седат крај компјутер, таблет, умрежени во своите скапо платени смарт телефони. Затоа се скапи, скапо им го плаќаш данокот, фактурата која ќе те стаса на крај, кога мора да се раздолжиш, кога ќе те снајде да не можеш да се снајдеш ни во простор, ни во време, ни во ситуација без компјутерска калкулација. Тргнете го децата од компјутерите, дајте им учебници и книги во раце дур не е доцна, дур не заличат еден на друг како клонови на новата технологија. Почетокот на новиот милениум се закити со силна ИКТ и на почетокот на сите ни беше тешко да ја научиме таа технологија (мене сѐ уште),но она што цивилизацијата не смее да го дозволи е крај на печатени форми на учебници, книги и списанија. Во спротивно, човештвото со сите свои доблесни атрибути постепено ќе се изгуби и во простор и во време. Lost in space… Среќен почеток на учебната година, здраво учење на здрави нозе со учебници во раце, за да крајот делото го краси.

















