Луѓето треба доволно да се убедат дека рачната изработка е квалитетна
Оваа недела разговараме со Тоше Рафајлов кој рачно изработува природна козметика за нега на вашата кожа! Брендот „RAF Cosmetics“ овозможува вистинска грижа за вашата кожа на природен начин.
Тоше, што си по професија и како дојде до идејата за „RAF Cosmetics“?
Здраво, најпрво сакам да ви се заблагодарам за можноста да се претставам себе и мојот бренд. Јас сум студент УКИМ ‘’Фармацевтски факултет’’ во Скопје и се надевам во иднина добар и успешен фармацевт. До идејата за „RAF Cosmetics“ дојдов сосема случајно. Имено забележав дека студентите не ги објавуваат јавно производите што ги изработуваат за сопствени потреби, па си реков зашто да не бидам јас тој кој ќе почне да се самопромовира. Исто така сакав моето досегашно стекнато знаење да го преточам во пракса.
Што се е дел од твојот асортиман на производи?
Бидејќи сум сеуште на почеток, што се однесува до производите моментално располагам само со крема за нега на кожа од лаванда, невен и камилица. Освен тоа што компонентите на овие растенија имаат позитивни ефекти за одржување на здрава кожа, исто така им се познати на пошироката јавност па затоа се одлучив кремите да ги изработувам токму од нив. Секако во иднина планирам да го проширам асортиманот на производи. Освен препаратите за нега на кожа на мојот профил исто така може да забележите како новитет и изработка на свеќи. Нив ги воведов со цел да можат да се соберат повеќе средства како би можел понатаму да го зголемам асортиманот на производи за нега на кожа, што е и првичната идеја на овој профил.
Како изгледа процесот на изработка на една крема?
Процесот на изработка на една крема најпрво започнува со сеопфатно истражување на техниките кои би ги користеле за изработка, изборот на суровините кои би ги користеле како би добиле производ со посакувани карактеристики и многу други детали како на пример: начин и време на екстракција, температура на која треба да се загреваат суровините при изработка, брзина и времетрање на мешање, начин на чување на суровините итн. Откако ќе направите план од кои компоненти ќе се состојат производите, морате да ги набавите компонентите за изработка. Следниот дел е ‘’играње’’ со количините на компонентите кои што сме ги избрале со цел да добиеме формулација која сметаме дека е најсоодветна. Овој дел се состои само од повторување на процесот на изработка, миење, повторно мерење и изработка и многу нервози. Откако ќе ја добиеме посакуваната форма може да преминеме на изработка. При изработка на кремите мора да ја запазиме хигиената, користење на ракавици, мантил и стерилизација на апаратурата и садовите кои ги користиме и условите на работа. Откако ќе ги изработиме смешата ја пакуваме во измиени и стерилизирани кутивчиња.
Дали изработуваш производи по нарачка на клиентите?
Не, сега за сега сеуште не изработувам производи по нарачка, но во иднина тоа би било опција. Секако доколку клиентот сака некој компонента да ја нема во составот, доколку е тоа можно би ја изоставил или би нашол соодветна замена.
Се цени ли во Македонија доволно рачната изработка?
Сметам дека рачната изработка не е толку ценета во Македонија, но од една страна е и разбирливо, бидејќи некој производи можат да ги купат во продавници и за кои би платиле пониска цена. Во однос на кремите разбирлив е сомнежот кај луѓето, бидејќи сите се прашуваат каде, како, во какви услови се изработени, дали суровините се квалитетни и набавени од доверливи производители. Доколку ова би се дигнало на повисоко ниво секако дека овој сомнеж би се намалил, но секако сите што ги пробале производите се вратиле пак. Што се однесува до свеќите ситуацијата е подобра и во овој дел и побарувачката е поголема и клиентите исто така се задоволни. Сепак можеби луѓето ја ценат рачната изработка, но треба доволно добро да се убедат за да пробаат и да се уверат дека е навистина квалитетно.
Кои се твоите планови за во иднина?
Плановите за во иднина се да се прошири асортиманот на производи, да се започне со изработка на сапуни, масти и балсами за усни, препарати за пилинг на тело. Исто така оваа цела приказна да се подигне на едно повисоко ниво, производите да се тестираат со цел како што кажавме погоре клиентите да бидат сигурни во квалитетот. Во однос на свеќите тие секако ќе останат тука како дел од производите и планираме да го зголемиме бројот на форми, мириси и секако да го одржиме квалитетот.
Инстаграм: raf_cosmetics






















