Ништо не им можеш

Бранислав Нушиќ
Ништо не им можеш, па тоа ти е Комедиите на Нушиќ, вечно актуелни со своите тематски преокупации, во секое ново време и систем доживуваат ренесанса и оживување на ликовите. Комедијата на карактери „Народен пратеник“ во ова наше време и систем е „мала шега“ и суптилна критика на власта и народните пратеници, во споредба со нашиве парламентарци. Ни најкреативниот уметник не би можел да смисли такви ликови и измисли такви перфидни интриги – најтешко е да изградиш лик без карактер! Нушиќ повторно ја окупира Македонија, само што сега неговите ликови не живеат низ страниците на комедиите и театарската сцена, туку живо го живеат македонското исполитизирано секојдневие. Македонија, по многу нешта се разликува од сите останати републики од соседствата па и подалеку, баш сме убаво различни на многу теми и дилеми. Но, политичката свита и нивното повторливо политикантство, не е ништо суштински поразлично од другите, и во копирачки галоп следи еден ист роул-модел на политичарење. Политиката, која треба да е граѓански процес на донесување заеднички одлуки со долгорочни цели за државата, сама себе се исполитизира во еден повторлив модел: купопродажба гласови за реализирање четиригодишни одлуки за долгорочни лични амбиции. За тие четири години ќе врне, вее и дува, ама и сонце ќе огрее.
Е тоа е најпосакуваното македонско сонце на политичарите и властодршците, „грее“ и ноќе, одмрзнува замрзнати, топи нерастопливи, но потопува непливачи. Впрочем, политиката на власта е иста како четирите годишни времиња: задолжително се менуваат и повторуваат; ти ги очекуваш – тие те затекнуваат неподготвен; секое годишно време има свое име и карактеристики, но неочекувано комплетно го менува карактерот. И така со секое годишно време оптимизмот не мириса на пролет, лето, есен или зима, тука мириса на глупост, затоа што постојано нешто очекуваш. Очекуваш позиција, старт, конкретен предлог, нов предлог, легитимитет, право, датум, датум за преговори, датум за влез, датум за датум … Процесот на чекањето одамна го надмина театарот на апсурдот, драмата на С. Бекет „Чекајќи го Годо“ го живее својот хипер реализам во македонската политика, Нушиќ е демоде. Секоја сличност со четирите бескарактерни и карикатурни ликови од анти-драмата е случајна, исто колку и случајноста на датумот за почеток на датумот за преговори. Владимир, кој со шапка глуми умност сметајќи дека некој друг треба да решава за него, Естрагон, кој додека го чека Годо не знае сам ни да се обеси, Поцо, кој е бескруполозен робовладетел и Среќко кој е среќниот роб, се нашите четири популистички карактери. Ние сме држава на неспособни чекачи, робовладетели и среќни робови. И ништо не можеш па тоа ти е, „Nothing to be done“ што би рекол Бекет. „Кој ќе го издржи најтешкото, ќе го издржи најлесното. Солзите на светот се во една иста количина, штом една ќе престане, друга на друго лице се тркала … Што да правиме? Ништо, така е најсигурно. Во молчењето е сигурноста“ – извадоци од дијалозите на една од најинспиративните драми на апсурдот, анти-драми или метатеатар. Преносната смисла боли од објективност. Од педесетите години на минатиот век до денес, драмата сè уште е голем предизвик за поставување низ светските театри. Драма без конфлик, заплет и расплет, драма без текст и драматичност која на прво читање делува бесмислено. Исто како да ги слушаш секојдневните соломонски предлог-законски решенија во парламент или судските „разврски“. Умешноста да разбереш, прочиташ меѓу редови, кои на моменти во инверзивната комичност заличуваат на Алан Форд стриповите, е смислата на читањето – читам за да разберам, вреднувам и употребам! Употребната вредност на секое прочитано и разбрано дело е врв на духовната наобразба, она кога прочитаните книги ти го градат животниот стил. Првата реченица на едниот од вкупно четирите лика е „не сака“ – неговиот напор да го соблече тесниот чевел во кој целиот живот чекори неудобно и трпи болка, е преносна смисла на човековата потреба да трпи и да негира.

Апсурдноста во нашето болно секојдневие е што гледаме дека поделеноста скапо нè чини, а ја прифаќаме како лајт-мотивот во драмата: „ништо не можеш, па тоа ти е“! Поделени сме од А до Ш, куса ни беше поделбата околу вакцинирањето. Неизвесноста околу вирусот, кој го смени светот во голема чекална со сè поголеми редици, нè потсетува дека извесна е само смртта. За сето време, политиката ја турка низ иглени уши својата бескруполозна агенда. Политичарите се имуни на морал, вакцинирани против емпатија и резистентни на срам. И насекаде се исти такви, клонирани, фотокопирани, умножени и чипирани. И ништо не им можеш, па тоа ти е!

















