НЕПРИФАТЛИВА ПОПУСТЛИВОСТ
Чинот на давање оставка на господинот Ванчо Ѓорѓиев член на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, може да се толкува со различна диоптрија. Тоа е чин по сопствен избор на истакнат и врвен научник од македонската историја.
Партијата на власт на ваквиот чин му дава политичка заднина што навистина е несериозен приод во толкувањето на нештата што се денес на маса помеѓу Македонија и Бугарија, а тоа е историјата, јазикот и нашата национална посебност.
Чувствувам потреба да споделам со јавноста дека во комисијата членуваат повеќе или помалку лица од сферата на историјата, јазикот, културата, меѓутоа направен е состав по терк на самиот лидер на СДСМ кој во неколку наврати покажа и докажа дека за него македонската кауза не значи многу и дека во интерес на сопствените цели и потреби тој е спремен да жртвува се.
Чудно ми е зошто во оваа мешовита комисијата не членува еден од највидните македонски историчари професор Чепреганов. Неговиот македонизам ќе донесеше до степен на прекин на функционирање на оваа комисија? Убеден сум дека врз оваа комисија се врши притисок од владејачката коалиција, бидејќи по секоја цена сака да се додвори на Бугарија и ЕУ и замислете само од една причина, а тоа е ЕУ да ги отпочне преговорите за Македонија во оваа заедница. Повторувам да ги отпочне преговорите, а не и автоматско влегување. Нема гаранција дека овие преговори ќе бидат завршени успешно и во догледно време.
Оставката на господинот Ѓорѓиев не можам во целост да ја прифатам, бидејќи го напушти бојното поле на кое ја водиме нашата историска битка. Тоа е чин на мал отпор. Јас кога би бил на местото на Ѓорѓиев во ниту еден момент не би дал оставка туку би продолжил да се борам најпрво со домашните моментално владејачки структури, а истовремено и со своите колеги од Бугарија. Чинот за попустливост и комфор за мене е неприфатлив. Ако се има цел, а убеден сум дека господинот Ѓорѓиев ја има, тогаш треба да си остане во комисијата, а за притисоците кои ги добивал требал навремено да ја информира јавноста.













