Мозаикот е мојата алатка да ја преточам мојата приказна на една целина од кршени плочки
Катерина Трајковска е магистер по дипломатија и меѓународна политика која својата креативност ја преточила во бренд за изработка на мозаици – KT.Mozaic. Art.
Катерина, дипломатија, меѓународна политика, мозаици… Пронаоѓаш ли сличности помеѓу твојата професија и создавањето на уметност?
За да бидеш добар дипломат, политичар, или за која и да станува збор професија, и те како треба да си добар во „редење мозаици“. Всушност, цел наш живот се основа на тоа, да ти се поклопат коцките и да на крајот на денот, си легнеш со добра мисла, среќен и задоволен. Мислам дека сите сме уметници на свој начин, а мозаикот е само мојата алатка да ја преточам мојата приказна на една целина од кршени плочки.
Кога започна да се занимаваш со правење на мозаици? Како научи и што е твојата инспирација?
Активно почнав да се занимавам со изработка на мозаици изминатава година, прво како хоби, но полека почнав да изработувам и мозаици по нарачка, а пасија ми е изработка на мозаици со цветни мотиви.
Како научив? Тајната на добрите мајстори е во мирудијата, а мојата тајна е истрајноста и трпеливоста во самоуката и мојата тврдоглавост дека сама можам да го променам светот.
Инспирацијата ја наоѓам околу мене, најчесто тоа е некоја случка или
некое поглавје од мојот живот. Писателот пишува, сликарот слика, а јас се трудам мислите да ги составам на едно парче мозаик.
Колку време е потребно да се изработи еден мозаик и какви материјали користиш?
Секоја изработка е различна. Не може да се изработи еден ист мозаик два пати, а тоа е убавината на сето тоа, уникатноста и единственоста. Некогаш можеби нешто ќе изработам за еден ден, некогаш нешто помалку „тешко“ од претходното ќе го изработувам еден месец. Се зависи од моето расположение, инспирацијата и енергијата која ја имам во текот на изработката.
Користам италијански плочки од прва класа со 25 нијанси на различни бои од моите пријатели Шате Керамика, кои се со 3Д изработка за подобар ефект на самите мозаици.
Дали сметаш дека во Македонија доволно се цени рачната изработка?
Моето искуство е многу позитивно и би било многу неблагодарно да се пожалам, можеби затоа што нема многу мозаик артисти кај нас во Македонија, па моите уникатни и единствени изработки ги наоѓаат своите сопственици без никаков проблем.
Инстаграм: KT.Mozaic. Art.


















