КВИСЛИНГ – СИНОНИМ ЗА ВЕЛЕПРЕДАВСТВО
Пишува Марија Јовановска, дипломиран политиколог
Видкун Квислинг беше шеф на марионетската влада за време на германската окупација на Норвешка. Тој беше уапсен по завршувањето на Втората светска војна и осуден на смрт со стрелање на 10 септември 1945 година. Уште пред неговото погубување, именката „квислинг“ почна да се користи како синоним за предавник кој ја продаде својата земја на непријателот.
Видкун Абрахам Лаурик Џонсон Квислинг е роден во градот Фаресдал во Норвешка на 18 јули 1887 година.
Уште од детството се интересирал за религија, метафизика и математика, но родителите го насочиле кон воена кариера.
Дипломирал на воената академија со највисоките оценки што некој некогаш ги добил таму, заради што бил поканет на кралскиот прием.
Во 1917 година добил чин капетан, а во 1931 година станал мајор.
Дипломатска кариера
Служел како воен аташе во Петроград, во Советскиот Сојуз од 1918 до 1919 година. Во следните две години тој бил воено аташе во Хелсинки, Финска.
Во 1920-тите, Квислинг бил вклучен во Лигата на народите, која беше основана по Првата светска војна за да ги решава меѓународните спорови и да ги решава социјалните и економските проблеми преку меѓународна соработка.
Служел во Меѓународниот руски комитет за помош во Украина, тогаш дел од Советскиот Сојуз, каде ја запознал и се оженил со Марија Пасек.
Квислинг научил течно да зборува руски, а подоцна напишал неколку книги за Советскиот Сојуз. Во исто време, тој работел и им помагал на балканските бегалци, а бил и делегат на Ерменската комисија на Друштвото на народите.
Помогнал на Џ.В. Фридтјоф Нансен во хуманитарни мисии во СССР и Ерменија од 1922 до 1925 година. Нансен бил познат истражувач, зоолог и дипломат кој ја добил Нобеловата награда за мир во 1922 година и ја претставувал Норвешка во Комитетот за разоружување на Лигата на народите во 1927 година.
Својот ран успех Квислинг делумно го должи на пријателството со Нансен.
Работел како дипломат во Москва, а од 1931 до 1933 година бил министер за одбрана во владата на Норвешка.
Основање на партијата и средби со Хитлер
Квислинг се плашел дека норвешките работнички лидери планираат револуција.
Токму затоа тој ја напушта Земјоделската партија во 1932 година за да основа своја партија наречена Партија на национално единство, која, како политички поврзана партија, била поддржана од германските нацисти.
Така тој станува нивни верен соработник и марионета која за да се оддолжи за поддршката покажана од германците, подоцна при инвазијата на Норвешка, токму неговата партија и нејзините приврзаници ја формираат т.н. Петта колона која војува на страната на Германија, а против својот народ во Норвешка!
Оваа екстремно десничарска партија се борела за укинување на комунизмот и синдикатите, но не стекнала популарност кај гласачите.
На изборите во 1933 година тие добиле само 28.000 гласови, а во 1936 година бројот на освоени гласови паднал на 14.000, и конечно три години подоцна партијата била згасната.
Квислинг се спријателил со Алфред Розенберг, нацистички идеолог и присуствувал на нацистичките состаноци организирани надвор од Норвешка.
Историчарите не се согласуваат целосно за улогата што Квислинг ја одиграл за време на германската инвазија на Норвешка – некои веруваат дека тој му ја дал идејата на Хитлер, додека други тврдат дека Хитлер ја имал идејата цело време.
Сепак, тие се согласуваат за една работа. За време на посетата на Берлин во декември 1939 година, Квислинг разговарал со Хитлер околу идејата колку би било вредно за Германија да ја окупира Норвешка.
Некои историчари веруваат дека со оглед на тоа што Квислинг бил во Берлин само четири дена пред инвазијата на Норвешка, со сигурност бил директно вклучен во акцијата бидејќи како тогашен министер за одбрана и помогнал на германската војска така што ги уништил комуникациските средства кои се користеле помеѓу норвешката војска. На тој начин Германците направиле длабок пробив во земјата без никаков отпор од Норвежаните.
Несудениот „норвешки фирер“
Германската окупација на Норвешка и Данска започнува на 9 април 1940 година.
Во мај истата година Норвешка капитулирала.
Нацистите наскоро ги забрануваат сите политички партии, освен Партијата за национално единство на Квислинг, која во тој период била повторно основана.
Тој вложил максимални напори да го натера Хитлер да го прогласи за Фирер од Норвешка, но и покрај сите напори, Германците всушност никогаш не го гледале како лидер.
На крајот на август 1940 година, Квислинг покажал интерес за функцијата премиер, но Германците повторно не можеле да се договорат дали да го поддржат или не.
Во меѓувреме, норвешкиот народ се спротивставува не само на Германците, туку и на Квислинг и неговата влада.
За неколку дена луѓето почнаа да го нарекуваат предавник и да го гнасат неговото име, а неговите говори биле масовно бојкотирани и неприфатени.
Тој станува главен во норвешкиот хумор и сатира, а низ чаршиските муабети се почесто се слуша дека порано или подоцна „ќе виси на бесилка“.
Сепак, неговите репресивни мерки се влошуваат, а тој со сета сила се трудел да ги наложи и вкорени нацистичките принципи во норвешкото општество.
Токму затоа, еврејското население е првата група која сериозно страда од неговата политика.
Па така, во октомври 1940 година, на Евреите им било забрането да заземаат академски позиции.
Норвешките локални заедници биле принудени да прават списоци на „чисти Евреи“, а на 21 април 1941 година, германските војници ја осквернавиле синагогата во Трондхајм – една од двете во Норвешка, за да ја користат како резиденција за германските војници.
Конечно, германците го поставуваат Квислинг за премиер на 1 февруари 1942 година, а во јуни неговата влада насилно ги регистрирала сите Евреи. Четири месеци подоцна, целиот имот на Евреите бил конфискуван.
Евреите постари од 16 години биле испратени во Аушвиц – германски концентрационен логор во Полска на 25 октомври 1942 година, а еврејските жени и деца биле испратени на истото злосторничко место и на ист начин на 25 ноември. Од 770 депортирани луѓе, 740 биле убиени во логори за истребување, додека само 12 се вратиле.
Истата година бил донесен декрет со кој се забранува секој говор насочен против партијата на Квислинг, дури и зборови кажани или напишани приватно, а казната била – итна егзекуција за секој непослушник!
Германските војници биле охрабрувани да имаат германски деца, но со Норвежанки. Во некои документи било истакнато дека тоа е многу пожелно и дека е неважно дали децата се зачнати во брак или надвор од него.
Квислинг користел и терористички методи за да се справи со лојалните на кралот.
Судењето на човекот кој ја продаде својата земја на Третиот рајх
Кога Хитлер се самоубил на 30 април 1945 година, десетици илјади германски војници биле стационирани во Норвешка.
Лидерот на движењето на отпорот ја прифатил нивната капитулација на 8 мај.
Квислинг бил уапсен еден ден подоцна во неговата куќа во Осло, која симболично ја нарекол „Гимли“. Во нордиската митологија, Гимли е местото каде што се верува дека живеат храбрите преживеани од Рагнарок – битката на боговите против злото, после која настапува крајот на светот.
Тој бил изведен пред судот заедно со други членови на Партијата за национално единство, а му се судеше за воени злосторства, злосторства против човештвото и проневера.
За време на судењето, тој останува доследен на своите ставови, особено на оние насочени против Евреите.
Квислинг е прогласен виновен за велепредавство на 10 септември и осуден на смрт.
Бил застрелан во Осло на 24 октомври 1945 година.
Норвешките власти планираат куќата во која живеел Квислинг да ја претворат во музеј на холокаустот и центар за човекови права.
Уште пред неговото погубување, именката „квислинг“ почнува да се користи како синоним за предавник кој ја продаде својата земја на непријателот и до ден денешен останува метафора за оние одродените, за оние кои крвта на предците би ја продале за грст златници и за оние на кои ништо не им е свето – ни дедовото огниште, ниту иднината на своите деца.
Но, ако е за утеха предавниците секогаш и без исклучок завршуваат на буништето на историјата… Ним им суди времето, им судат минатите, сегашните и идните генерации.
Ним им се суди за навек овде на земјата, а Данте токму за нив го чува Деветтиот круг таму долу во пеколот!


















