Колумни

ИЗЛОГ НА СОЦИЈАЛНИ МАСКИ

Во еден излог вниманието ќе ви го привлечат многу изложени нешта, но со еден поглед не можете одеднаш да видите сѐ.

Треба да влезете внатре во  продавницата и внимателно да разгледувате.

Така стојат работите и со нашиот надворешен изглед, никогаш доволно изложено за да сме сигурни дека истото го има и внатре. Надворешниот пакет аранжман не мора да е во хармонија со внатрешната содржина. Треба време да се препознае и осознае. Нашите социјални фасади или маски се мимикрија на нашата личност и карактер, некогаш слични со надворешноста, некогаш дијаметрално спротивни, а најретко автентични, затоа што секој човек има „лице и опачина“.

Природно е човек да биде спонтан и неконвенционален, да се изразува така како што се чувствува, но тогаш е во ситуација да повреди или да биде повреден. Ако се трудите во секоја ситуација да бидете тоа што сте, спонтано покажувајќи го  своето вистинско лице, веројатноста да си направите проблеми е голема. Вашата природност, колку и да добронамерна , не секој е способен да ја толкува како што е, туку каква што е неговата лична перцепција и заклучоци според неговите интелектуални особини и сфаќања.

Затоа сме во чести недоразбирања и конфликти со нашата околина, особено преку социјалните мрежи каде сечиј збор, синтагма или реченица може да се предимензионира и погрешно разбере. Секоја единка функционира во својот потесен круг на блиски луѓе , но и во пошироката јавност. Двата круга се битни за реализираноста на единката која е социјална личност , но не секој умее да ги избалансира, да носи соодветни социјални маски и истите да ги тргне од себе кога е со своите најблиски.

Блискоста е можна само кај едноличните, дволичните со своите лицемерни маски веќе се товар за една искрена комуникација. Од аспект на куртуазноста,  потребата од носење социјална маска е оправдана, инаку би било неподносливо непристојно да се однесуваме во јавноста како во приватноста.

Понекогаш со пребарување по фб профилите може да се добие претстава за каква личност станува збор, но фб профилот знае и да мами. Во таквиот фб излог често се изложени и лажни профили, маскирани ликови и фрикови кои умислено шират ,,искреност” и ,,спонтаност” навредувајќи други луѓе под маска на праведност и правичност. Од еден таков  излог, полн со валкани алишта, никој нема да посака да влезе во продавницата и да одбере парче за себе.

Убеденоста во својата вистина и правда не  е доволно силен аргумент, напротив, може да е лично, самобендисано верување во сопственото убедување за нешто. Но, не секогаш си она што мислиш дека си или како се претставуваш пред блиските и во јавноста. Блискоста значи комотност, автентичност, опуштено однесување и себепретставување таков каков што  си. Во јавноста  мора да се внимава на љубезна комуникација, да не навредиме некого во име на  својата искреност. Неретко зад таа маска може да  се крие и  манипулатор, многу вешт во менувањето разни фасадни маски при остварување на целта.

Философијата на човековото постоење е токму во едноставноста, да се биде тоа што си и да го прифатиш другиот каков што е. Вечната илузија дека треба да смениме некого за да бидеме посреќни, само не унесреќува. Среќа  е да најдеш сродна душа, а не душата да му ја извадиш на различниот од себе, обидувајќи  се да го смениш. Среќа е да знаеш да прифатиш и порази, таков е патот на зрелоста. Зрелото прифаќање на порази или нивно признавање е интелектуално просветлување.Човек созрева преку своите порази. Ако успееш да си ги согледаш сопствените порази, без да  ликуваш над туѓите останувајќи со  бистар ум и ведар дух, си го поминал школото на духовно созревање. Дури и прележувањето болест нѐ созрева, откако телото ќе се смири, душата доживува интелектуален скок. Всушност, поразот е нова битка со посилно оружје. Кога ќе научиш да позираш без камера, да кокетираш  без причина, да знаеш кога да ставиш социјална маска, а кога КН95 маска и да го ускладиш својот излог со својот дух, веќе си зрела личност, способна да ги сака и прифати различните од себе.

А кога станува збор за најблиските што ги сакаш и те сакаат, нема потреба од маски и фасади, нив ги сакаш без причини и безусловно, какви и да се !

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %