Зборот убива
Зборот убива. Моќта на зборот е убиствена, само со еден збор може да убиете човек. Медиумската (не) култура убива, интернетот одамна е гладијаторска арена во која секој корисник може да биде искористен за нечија лична фрустрација и да биде блиску до очајот. Во компјутерските можности за играрии сè почесто младите стануваат изиграни играчки. За самоубиството на српската гејмерка дознавме заради нејзината популарност и преку 700 000 следбеници, но за многу слични судбини не знаеме дека погрешно одбран збор во погрешно време прави непоправливи последици, првин психички, а потоа физички.

Изборот да се каже вистината (релативно тешка за препознавање и докажување) во име на искреноста, а фразеолошки искористена во самоодбрана на човек „без влакно на јазик“, често е несреќен избор! Кога луѓето инсистираат на сите да им кажат што мислат и ја потенцираат својата искреност, стануваат невоспитани, неретко и дрски. Претераната искреност е егоизам затоа што најчесто може да ве повреди и остави длабоки психолошки последици. Да згрешиш е човечки и не постојат безгрешни, барем не после божественото дело на Данте Алигиери. Но не се сите грешки со иста тежина, најголемиот грев излегува од устата, зборовите убиваат посигурно и од најсмртоносното оружје, нивната моќ е пресилна како што запишал српскиот поетот Бранко Миљковиќ „уби ме прејака реч“. Затоа треба да се научиме на автентично извинување, а тоа е искрено каење со право на поправен. Ако не умеете да кажете нешто убаво замолчете!
Албер Ками, во своите филозофски размисли за егзистенцијализмот, смета дека човекот е човек според она што ќе го премолчи и во молчењето станува близок себе си и на светот.
Криејќи ги своите внатрешни светови ги штити од разорноста на надворешниот свет. Молчењето е златната нишка на Аријадна со која се излегува од белосветскиот лавиринт на бесполезно дрдорење во име на вистината. Молчењето е злато во време на лажни блескаво-златни куполи и кули од карти кои ќе се урнат само со еден погрешен збор.

На нашата очајна политичка сцена која не вознемирува со хистерична врева, веќе е доцна за мудро молчење наспроти беспредметно дрдорење, но барем да не заборавиме дека подобро е да се каже помалку отколку премногу, како и во љубовта. За Достоевски молчењето е дар, за Толстој најдобар одговор, а нобеловецот Андриќ во молчењето гледа единствена сигурност.

















