Луѓе

За да се случи еден рецепт се може да почне од една намирница која долго време стои на кујнските полици

Храната се јаде со очи е максима која веројатно е смислена од Добрица Насевиќ која е магионичарката која стои зад Инстаграм профилот „Кокарче“. Колорит, експлозија на вкусови, стил и многу посветеност е она што ги опишува нејзините кулинарски „ремек дела“. Однапред се извинуваме на читателите бидејќи ова интервју се реализира на почетокот на летото …

Кога се роди љубовта за кулинарството и како дојде до идејата за „Кокарче“?

Мојот инстаграм профил@kokarche настана случајно во пандемиската пролет во 2020-тата година кога скоро сите ние бевме ориентирани кон нашите домови. Идејата не беше ништо повеќе од тоа да биде мој личен бележник на успешни рецепти од нашата кујна кој ќе го споделувам со блиски пријатели. Но се случи да добие внимание од поширока публика и прерасна во една убава заедница со која растам секојдневно.

Љубовта за креирање на оброци стана поприсутна во мојот живот после добивањето на родителската улога. Понатаму, тоа еволуираше и излезе од рамките на нашиот дом благодарение на поддршката од пријателите, како од старите, така и од новите кои ги стекнав преку социјалните мрежи. Премногу е значајна таа енергија на поддршка која ги препознава трудот, љубовта и посветеноста во мојот креативен процес. Тоа ме мотивира да продолжам да се надрградувам, да учам и да се истражувам себеси и сопствените капацитети.

Од каде инспирацијата за рецепти? Дали следиш кулинарски експерти од светот или почесто сама смислуваш свои рецепти?

После цели 2 години откако постои мојот микро блог за храна можам да кажам дека типовите на рецепти и намирници стануваат актуелни и се повторуваат во зависност од сезоната или годишниот календар со празници и традиции. Инспирацијата може да се најде токму во таа предвидливост, но и надвор од тоа што е очекувано и конвенционално. За да се случи еден рецепт се може да почне од една намирница која долго време стои на кујнските полици и треба да се потроши. Многу често добивам идеи и од следбениците на профилот кои ми праќаат линкови со рецепти кои ги потсетиле на мене. Значаен дел од постовите се настанати токму така, таа размена на идеи знае да биде многу благодарна и плодотворна.

Секако дека следам многу експерти, професионалци, но и аматери со пасија за подготовка на храна на различни платформи, а откако го имам@Kokarche тоа е многу поинтензивно. Следењето на достигнувањата на други успешни креативци е мотивирачко, охрабрувачко и претставува уште еден извор на инспирација.

На почетокот многу често правев туѓи рецепти, но како што помунува времето, со искуство станувам похрабра да експериментирам и да се впуштам во развивање на рецепти. Патот е тој, колку повеќе работа, толку и успехот станува пореален.

Имаш ли омилен рецепт од кој не можеш да се заситиш и го подготвуваш одново и одново?

Салати со сезонско овошје – не е некој рецепт, но секогаш ми е возбудлива идејата да комбинирам свежи експлозивни вкусови во целина која може да биде комплетен оброк. И секако палачинки, никогаш не здосадуваат, секогаш популарни и барани од сите. 🙂

Тоа што го креираш веројатно одзема многу време. Дали понекогаш ти е дојдено „преку глава“ од готвење и знаеш да направиш пица со замрзнато тесто или набрзина да „склопиш“ најобичен сендвич?

Точно е дека подготовката на постовите за инстаграм, дали се тоа фотографии или се работи за видео содржина, одзема време. Зависи многу и од рецептот, но некои ставки од процесот се непроменливи. Има некоја диспропориција во перцепцијата на тие што ја следат мојата работа за тоа колку многу готвам и колкава количина на храна подготвувам и таа што реално ја конзумираме во однос на обемот на презентираното на профил. „Кој ги јаде сите тие торти?“ ми е најчестото поставувано прашање. Вистината е дека не сликам и не постирам сè што готвам, а дома не готвам само јас. Кога ни е дојдено преку глава знаеме да посегнеме по едноставни решенија, па макар тоа биле тостови или само пржени јајца.

Речиси сите објавени рецепти се различни едни од други. Правам селекција и тоа што го презентирам е храна која пред сè е вкусна, но и ми се допаѓа како изгледа.

Фотографиите на профилот „Кокарче“ дефинитивно отвораат апетит. Дали фотографираш сама, каков апарат користиш?

Се што гледате на профил е изработено од моја страна, вклучително и фотографиите. На самиот почеток користев само камера од мобилен телефон, но откако профилот почна да расте решив да вложам и да се опремам попрофесионално. Брендот на камерата не игра улога секогаш во квалтитетот на фотографиите, многу побитно е да се тренира окото за работа со светло, композиција и бои. Дополнителна опрема секако е многу голема предност да се има и да се користи на најразлични начини, но прво треба да се совладаат основните принципи на тоа како функционира фотографијата. Инаку користам камера на брендот Fuji модел XT3.

Можеби најтешкото прашање: „Благо или солено“?

Најпопуларните рецепти на@kokarche се за тие десерти и благо, доминантни се во секој поглед – најбарани, најбројни и генерираат најголем сообраќај на профилот. Но за мојот одговор на ова прашање воопшто немам дилема – солено, секогаш:)

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %