Луѓе

Цитрусната приказна на Маја и Душица

Маја и Душица Матови велат дека со „ТрекМи“ го живеат својот сон! Камо сите да можевме да сонуваме сништа направени од вкусни домашни џемови, мармалади, кандирано и сушено овошје и уште многу други слатки задоволства.

Како дојдовте до идејата за основање на „ТрекМи“?

„ТрекМи“ го основавме смислено, плански, релативно брзо после одлуката за започнување сопствен бизнис со водење трекинг (планинарски) тури на Галичица.

И двете сме љубители на рекреативно планинарење, оттука и идејата да ги споиме двете клучни компоненти – љубовта кон планината и желбата за свој, самоодржлив, мал бизнис, за почеток.

Но, со почетокот на пандемијата, се намали бројот на туристи во нашиот град, а ние се соочивме со намален обем на работа и сè помалку реализирани тури.

Убаво е што тука не застана нашата приказна. За време на карантинот, кога сите ние имавме вишок слободно време и неискористен креативен потенцијал, Душица се сети да го направи најубавиот мармалад од портокал кој го пробала за време на нејзиниот престој во Италија. Наполнивме 2-3 тегли со мармаладот, го украсивме со италијански весник наместо етикета и на постоечкиот профил на инстаграм TrekkMe ги објавивме тегличките со текст – се продаваат. За неполни 10 минути добивме пораки во инбокс од луѓе кои сакаа да го купат мармаладот. Во тој момент едногласно рековме – почнуваме нов бизнис. Оттогаш, 3-та година по ред, горди сме што продолжуваме со градење и растење на нашиот бренд, посветено и деноноќно работејќи на сè она што подразбира домашно производство на храна.

По кои „рецептури“ ги создавате вашите производи? Дали се во прашање традиционални рецепти или пак вие креирате ваши?

Првиот пробен мармалад од портокал го направивме токму според типичен италијански рецепт, но со тек на време, тестиравме, и ја усовршувавме рецептурата по наш вкус.

Нашиот асортиман брои 5 постојани цитрусни вкусови (кои ги произведуваме и продаваме во текот на цела година) и 4 сезонски.

Кои производи се најбарани од потрошувачите?

Според нашата статистика, најпродаван е мармаладот од портокал, можеби заради тоа што и самото овошје за разлика од останатите цитруси (лимон и цитрон) најмногу го консумираат нашите потрошувачи. Но, во никој случај нè заостануваат и пекмезот од лимон и мешаниот мармалад од цитрон и портокал.

Вообичаено, овие месеци пред Нова година, голема е побарувачката за кора и слатко од кора од портокал, како и дехидрирани цитруси (кругови) кои најчесто се користат за подготовка на Новогодишни колачи, торти, милиброд, декорирање, чаеви, коктели и сл.

Ценат ли Македонците домашни рачно подготвени производи?

И тоа како да. Имаме впечаток дека колку лошо, пандемијата имаше и позитивно влијание на нашиот „мајндсет“ генерално, особено од аспект на изборот на здрава храна, домашно подготвени производи без вештачки додатоци и конзерванси кои се штетни по нашето здравје.

Сè она што не е индустриско за масовна потрошувачко, без исклучок е внимателно и макотрпно произведено, со многу љубов и посветеност во секоја фаза од процесот. Среќни сме што се вбројуваме и ние во оваа група на домашни производители со официјализирано рачно производство и хемиски и микробиолошки тестирани производи.

Ако мора да изберете само еден од вашите производи, тоа би било…?

Нашите лојални потрошувачи веројатно би биле најрелевантни за одговор на ова прашање. Ние, не би можеле да одвоиме само еден производ, верувајте многу е тешко.

Кои се плановите на „ТрекМи“ за во иднина?

Планови многу, работа за реализирање на истите уште повеќе.Растеме и се развиваме полека, поставуваме долгорочни цели, т.е. каде би сакале да бидеме после 5 години отсега на пример. Во најмала рака, проширување на тимот, зголемување на капацитетот за производство и негување на истиот ентузијазам кој нè води сите овие години.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %