Колумни

ГОРЧЛИВИ ГОЛТКИ НЕПРЕМОЛК

Дали ги премолчувате важните нешта за разговор во партнерскиот однос, одбегнувајќи можни конфликти? Најчесто да, во има на заобиколување потенцијални конфликти, молчиме. Но, нивното игнорирање создава внатрешни конфликти, најтешки за премостување. Квалитетот на партнерскиот однос зависи од начинот на решавањето конфликти, неизбежни во секоја врска. Врска значи љубов-љубовта раѓа конфликти-надминати конфликти се љубов. Компромисот помеѓу различни желби или ситуации и решавањето конфликти е тајната на релативно успешна врска. Кога нема судири, поточно кога едната страна секогаш попушта, се создава илузија за складни односи. Попустливиот, молчешкум си накалемува внатрешни конфликти, чии плодови се горчливи голтки непремолк. Не успевајќи да се спротивстави со аргументи, по линија на помал отпор за мир во куќа, молчи и голта. Така, подредениот партнер хронично страда поради неудоволување на личните потреби и желби, акумулирајќи фрустрации. Дури кога рационално ќе се разбере зошто партнерот го мисли тоа што го мисли, кога ќе се сфати туѓата логика и различност, конфликтите ќе се надминат. Такво длабоко слушање на партнерот е зрела љубов, кога кавгата нема колатерална штета по никого, туку компромис. Секако, да разбереш некого не значи секогаш апсолутно согласување. Ако партнерот отфрли некое ваше мислење или став, не значи дека и вас ве отфрлил, ниту дека престанал да ве сака. Непријатните разговори не треба да се одбегнуваат, но треба пријателски, во пријатен амбиент да се воспостават услови за заемна комуникација. Впрочем, кога нема дијалог – нема ни љубов. Но, крајноста на одбегнување конфликти води кон апсолутна подреденост и послушност. Надминувањето на конфликтите не треба да ве престори во личност која не знае да каже „НЕ“. Колку пати сте посакале некому да кажете „не“, а сте кажале „да“ сметајќи дека така ќе му угодите на пријателот, претпоставениот, членот на семејството или себе си.

Негацијата треба да се изговори достоинствено, делотворно и внимателно, буквално како да сте му кажале некому ДА! Така ја толкува моќта на позитивното „не“ д-р Вилијам Јуриј во својата психолошка книга „Моќта на позитивното не“. Многу често, овој харвардски професор, антрополог и медијатор, е повикуван како посредник во решавањата на судири од типот на рударски штрајкови па сè до граѓански војни.

„НЕ“ е најупотребуваниот и најдеструктивен збор во секој јазик. Ако не можеме да ја амортизираме сета негација во него има разорна моќ. Страв од несакана реакција, страв од губење пријателство, работна позиција, пречка кон целта, нè туркаат во уште поголема стапица купувајќи мир во куќа (или каде и да е).

За да му угодиме на шефот ќе работиме и прекувремено во надеж за унапредување. Мал кикс или една негација и шефот ќе заборави на прекувремениот ангажман (во улога на шеф може да е и вашиот најдобар пријател, партнер, член на семејството). Угодувањето е резултат на страв. Во сржта на секое деструктивно однесување е негацијата „не“. Дури и тероризмот, како најголемата закана на современиот свет, е најужасен начин да се каже „не“!

Според д-р Јуриј позитивното „не“ е мудра вештина на контролирање ситуации, право на слобода да се направи и да се биде тоа што се сака. Моќта, нашето „не“ некој да го прифати позитивно, е во зборот, во изборот на јазични единици и како ќе се каже. Старата реторичка вештина е во формулата: „не е важно што ќе кажеш туку како ќе го кажеш“. За едно дете позитивно „не“ би било „ќе се играш кога ќе си ги завршиш обврските“, а не како што обично почнуваме со негација „нема играње дур не научиш“! Тајната како другиот да го прифати нашето позитивно „не“ е во покажување почит кон него, а не во отфрлање, негирање, навредување… Целта не е да се остане на негација, туку да се каже „не“ а да се дојде до „да“. Таква е моќта на дипломатијата и вештината на преговори.

Моќта на преговорите е запишана уште во библијата, кога Господ му се пожалил на Аврам дека ќе ги уништи Содома и Гомора заради гревовите на луѓето, Аврам ќе се осмели и на

Господ да му каже „не“, но во мудра негација поставувајќи му прашање: „Дали и невините луѓе ќе ги уништиш заради грешните“? И на најмоќното битие може да му се каже „не“ за да се дојде до „да“!

Каменот на надежта

Пораката е испратена, благодарение на мислите од книгата „Моќта на позитивното не“ и кој ќе успее да ја препознае и примени, значи умее достоинствено да живее. Сите треба да се учиме кога и како да кажеме „не“, оти ако мислиш „не“, а кажуваш „да“ – стануваш тоа што го мислиш. За крај, пораката на Мартин Лутер Кинг: „Нашите животи почнуваат да завршуваат оној ден кога ќе почнеме да го премолчуваме она што е важно“.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %