Во мојата лична колекција имам околу 100 македонски народни носии
Интервју со Дамјан Ристовски
Дамјан Ристовски е дваесет годишник од с. Трубарево кој се занимава со изработка и колекционерство на народни носии. Фасцинантно е како еден млад човек тргнува назад кон своите корени и истражува за животот на своите предци и притоа излегува од конформизмот на однесување и кариера кој го „бркаат“ неговите врсници.
Дамјан, како дојде до желбата и идејата да се занимаваш со колекционерство и изработка на народни носии?
Се започна со носијата од мојата баба поточно со носијата од мојата прабаба. Мојата баба ла чувала целиот свој живот за спомен и ми ја предаде на мене во наследство тука може да кажам дека и се роди најпрвин желбата за носии и подоцна за носии од други краеви на Македонија и надвор од неа.
Од кога се занимаваш со ова?
Со колекционерство на народни носии и песни се занимавам од мои 14 години поточно со започнување на моето средно образование во насоката за традиционална музика и игра во средното ДМБУЦ.

Колку време ти требаше да научиш да изработуваш народни носии и колку време е потребно да се изработи една носија?
Потребно е доста време и трпение поточно можам и да кажам дека и сè уште немам се научено меѓутоа се трудам колку можам да се надоградувам и како што се вели крадам и учам од повозрасните кои ми го предаваат нивното знаење со задоволство. За изработка на една носија е потребно доста време поточно носијата се изработува дел по дел или елемент по елемент секој си е засебен и кога ќе се вклопат се добива целосна носија
Од кои материјали се изработуваат носиите?
Деловите од носиите се изработуваат од природни материјали поточно од памук, волна, свила, коприна, кадифе.
Колку носии имаш во својата колекција?

Во мојата лична колекција имам околу 100 Македонски народни носии меѓутоа исто така имам носии и од соседните држави како на пример српска, бугарска и албанска.
Како ги пронаоѓаш?
Деловите од носиите се наоѓаат на теренот или кај бабичките и дедовците по селата односно скоро секое семејство и до ден денес има сочувано барем еден елемент од носија за спомен така доколу успеам да ги откупам од нив или да ми бидат подарени ги земам за во мојата колекција
Може ли да се „живее“ од твоето занимање или единствен двигател е љубовта кон тоа што го правиш?
Па некои скромни примања може да си дозволам да кажам дека има но за живеење не бидејќи се е рачна работа и треба доста време за еден производ кој подоцна нема да има цена и како што сите знаеме рачната работа е помалку ценета и платен и можеби затоа толку ретко и некој се занимава со неа. Повеќе е љубовта и зачувувањето на традицијата пресудна за јас да седнам и да ткаам.

Ги ценат ли Македонците доволно својот фолклор и историја?
Па да сметам дека возрасната популација многу повеќе одоколу помладата и сметам дека на тоа треба да поработиме како општество да ги заразиме младите со љубов кон сопствената историја и држава а до тоа ќе ја почитуваат и нашата традиција и фолклор.
Кои се твоите планови во иднина?
Имам повеќе проекти на кои работам во моментов набрзо ќе биде и дел пласиран во јавност.


















