Буква Т
Таинствена но и транспарентна, кому како и за што инспиративна, буквата Т во сексуалниот речник почнува со тајното сексуално битие. Има нешто магнетски привлечно во таинственоста, во добро чуваните тајни или во духот на Сервантес „најтешката лекција на свет е себеспознавањето“ или соочување со своите скриени тајни.
Т-Тајно сексуално битие: патот кон откривањето на тајното сексуално битие е патот кон развивањето сексуална интелигенција, клуч за отворање на сопствената сексуалност. Крајностите на сексуалната револуција, која театрално ги инспирираше жените да ги отфрлат градниците, го турнаа сексот во имиџ на добра забава, уживање и јавно презентирање, а притоа не се запази најбитниот момент, дека сексот е убедливо најинтимната и најиндивидуалната работа на свет.

Светот денес повеќе и од времето на развратниот Вавилон, го туркаат кон легализиран порок продажбите на интимноста по сите можни и невозможни канали. Сексуално интелигентните ја чуваат својата и туѓа интимност како светиња. Кога ќе ја спознаеме својата единствена и автентична сексуалност, лесно ќе ја откриеме и партнерската воспоставувајќи релација за квалитетен сексуален живот. „Тајното сексуално битие е исто што и вашиот отпечаток од прст. Се состои од нашите вистински и здрави импулси, лични афинитети, сè она што сме го слушнале или научиле од семејството, културата на опкружувањето и системот, како и сексуалното искуство. Тајното сексуално битие е сложено, многустрано често и противречно во копнежите, фантазиите, асоцијациите и претпоставките чија сублимација ни ја открива сексуалноста“ – докторите и професори Мајк Милберн и Шери Конрад во книгата Сексуална интелигенција. Личност која растела без пофалби, топли зборови и емотивна поддршка во текот на созревањето, полесно се фрустрира „лечи комплекси“ и бара себепотврдување преку често менување сексуални партнери, при што повторно влегува во кругот на емотивно незадоволство. Една од честите заблуди на сексуален живот е кога во сексот се насочуваме кон однесувањето, а не кон мислите, чувствата и емоциите кои го следат таквото однесување. Клучот за величествен сексуален живот не е во она што го правиме во кревет (секој може да научи некоја нова техника), туку во она што се случува во нашата глава, кога за тоа не сме ни свесни додека. Задоволствата не зависат од личноста со која сте, може да ја имате најпривлечната личност во кревет и да не може да направите ништо од посакуваното или очекуваното.
Ако вашиот ум не соработува во сексуалната игра, ништо од неврохемискиот процес во мозокот-управувачот на сексуалните емоции. Впрочем, тајното сексуално битие се нашите фантазии и склоности, кои неретко се и перверзни, но ако не се понижувачки, агресивни и садистички, на обострано задоволство и со клуч на врата, не се никаков проблем. Болното минато, лошите искуства може да го успијат нашето тајно сексуално битие. Токму затоа треба внимателно впуштање во сексуални односи, особено првите искуства кои може да остават трајни психички фрустрации. Не е поентата да имате многу партнери, да имате различни искуства со различни личности, туку да правите и искусувате различни работи со еден партнер.
Т-Тројка во секс: честа имагинација, уште почеста порно манифестација и платена програма, но и ретко реализирана фантазија, особено кај луѓе кои држат до својот морал. Нема ништо романтично да го делиш или да те сподели партнерот на третиот во најинтимниот чин, ниту има врска со љубовта и водењето љубов. Има врска со скриените мечти и тајното сексуално битие кое посакува трократно салто во кревет, после кое не може ништо да биде исто, ако се случи во реалноста, а не само во фантазијата. Дури и кога е под дејство на алкохол и дрога нема оправдување после учинокот.
Вршење секс во присуство на трета личност се нарекува триолизам, зад која може да бидат скриен латентна хомосексуслност (две жени или двајца мажи се задоволуваат пред третиот спротивен пол) или поради чести искуства со проститутки се јавува потреба за задоволување на една жена со повеќе мажи. За сексот и сексуалноста не смееме да спориме и осудуваме, па ако некој е среќен што неговиот партнер прифатил тројка или свингерај, нека им е се посреќи, секој со своите пориви. Но, ако сакал Господ да имаме тројка или групен секс, би ни дал повеќе сексуални органи, најмалку по два.
Т-Теорија на либидото (libido-пожуда, страст) е основната поставка на школото на психоанализа, според која главниот двигател на севкупниот психички развој на човекот е половиот нагон. Психоанализата смета дека либидото е покренувачка, флотирачка сила во човековото тело која врзува за себе голема енергија. Либидото е носител на сите нагонски потреби претежно од сексуална природа. Нагоните генерално се извори на психичка енергија, а либидото нивен резервоар. Кога либидото ќе се фиксира за одреден дел од телото преку неговата функција човекот го задоволува половиот нагон со активирање ерогени зони. Ако е под влијание на околината или системот чии моралните норми не дозволуваат задоволување на нагонските потреби, истите се акумулираат и создаваат невротични симптоми.

Доц. д-р Ана Чучкова
Неврозата, според психоанализата, е вид компромис меѓу нагонските желби и моралните забрани кои ги потиснуваат, што би рекол Кант „моралните норми во мене се косат со sвезденото небо над мене“. Кога нагонската енергија се коси со морално прифатливиот начин на сексуални чинови може да дојде до невротични манифестации. На пример ако некој има силен нагон за анален секс, а се воздржува убеден дека е неморален чин, може да страда и да манифестира проблеми со метаболизмот-психоген затвор или тврда столица. Потиснувањето на нагонските потреби поттикнува фрустрации, а на оваа тема, по препорака на проф. Ана Чучкова од „Меѓународен Славјански Универзитет Гаврило. Р. Державин“, разговараме со нејзиниот некогашен студент, сега дипл. психолог Иван Георгиев, кој ете докажува дека нема ништо поубаво за еден ментор да се гордее со својот студент.-,, Потиснатата енергија додека не се осознае и разреши преку психотерапија, ќе го нарушува психосексуалниот живот на единката. Зборувајќи за ова, Фројд вели дека таа се појавува во неколку фази од пост наталниот период, како орална фаза до 1 година, (либидото е кај устата на бебето, а сатисфакцијата е најголема при активирање на устата како на пр. цицањето), потоа аналната фаза од 1 до 2 година кога либидото се наоѓа кај анусот на бебето, кое оваа либидоносна енергија ја чувствува при дефикација.

Дипл. психолог Иван Георгиев
Потоа од 3 до 5 година се јавува фалусната фаза кога либидото се наоѓа во половиот орган и тогаш детето за прв пат чувствува потреба на некој начин постојано да се „фали“ со половиот орган“ и на крајот е латентната фаза која настапува по 5-тата година. Тогаш либидото, како сексуална енергија, конечно е проширено низ целото тело на единката“-објаснува дипл.психолог при Славјанскиот Универзитет, Иван Георгиев.
Т-Терцијарни полови ознаки: Физички или психички особини за едниот или другиот пол кои во сексуалниот живот не учествуваат подеднакво и не се толку битни како примарните сексуални ознаки. Тука спаѓаат чувствителност кон одредени причини за болест, физичка издржливост, интелектуални функции, животни интереси и слични својства како израз на општата биолошка и психичка структура, севкупната конституција и предиспозиции.

Т-Трансвеститизам (transire + vestitus – преобразување во одело, облека): Сексуална аномалија на човек кој постојано се преоблекува во облека на другиот пол, сакајќи да го прикрие својот. Трансвестити се психички лабилни луѓе, неретко хомосексуално и бисексуално ориентирани со изразена интерсексуалност.
Т-Трохимонијаза: Честа сексуално пренослива зараза предизвикана од истоимена бактерија. Инкубацијата трае од една до четири недели, но може со години да се провлекува без симптоми. Жените полесно ја препознаваат заразата поради зеленкасто-жолтиот и смрдлив, понекогаш пенлив исцедокот, за разлика од мажите кои може да немаат исцедок, а да се преносители (може да пројавуваат зачестеното мокрење). Брисот ја детектира заразата која се лекува со соодветна антибиотска терапија. Сексуалните партнери мора да се лекуваат истовремено за да не се повтори реинфекција.
Т-Тантрички секс: Спиритуална пракса, чија цел е поврзување со партнерот преку ослободување на егото. Тантра помага за стекнување самосвесност и себеприфаќање преку јакнење и контрола на сексуалната енергија. Често се препознава како вид на сексуална јога, па токму поради тоа разговаравме со Билјана Анастасовска, сертифициран учител по медитација и техники за дишење, Sri Sri yoga и Hormonal therapeutic yoga: -„Веројатно најсилниот, а сепак најмалку регистриран елемент на културната историја на светот е системската денунцијација на задоволството.

Билјана Анастасовска
Тантрата е практика која овозможува интегрирање на нашето духовно со нашето сексуално јас. Ова вклучува многу специфични практики кои користат свесно дишење, звуци на мантра, движење и симболи за да го смират умот. Тие исто така ја активираат енергијата на животната сила, насочувајќи ја низ телото за да се постигнат состојби на свест и блаженство. Тантричките традиции потекнуваат од античките практики развиени во Индија и Кина. Ние во западниот свет ги гледаме нашите тела, врските, сексот и животот на начин кој често е разделен. На пример, мислиме дека сексуалноста е одвоена од духовноста – како што се манифестира во нашите тела и нашите практики. Во Тантрата се нуди нова можност која ве учи како да го интегрирате вашиот сексуален однос со вашите духовни енергии. Ова овозможува божествено искуство со себе и, на крајот, со партнерот. Повторното откривање на вашите вродени енергии кои се сексуално-духовни по природа, тогаш ќе можете да се изразите поцелосно. И ќе можете да го направите ова без ограничувања и вообичаени обрасци, на пр., срам, вина, страв, потиснување, итн. Ова ќе ви овозможи да се отворите за целосниот потенцијал на задоволство и креативност.
Света сексуалност.
Внесуваме свест за нашата сексуалност – со тоа го почитуваме и нашето тело и дух и го почитуваме нашиот партнер. Јогинот го прави тоа сосема природно, го користи за да го нахрани својот мозок за развој на интелигенцијата, за развој на различните духовни и креативни сили и за сè што сака. Вистинскиот лингам е енергетски лингам во ’рбетниот столб – Кундалини Шакти.
Енергијата на Кундалини е крајната енергија на животната сила. Тоа е изворот на нашата креативна моќ. Кундалини ја влече енергијата што лежи во мирување во основата на нашиот ’рбет до круната на нашите глави, создавајќи нагорен проток на енергија и балансирајќи ги нашите чакри и енергични тела.
„Сè е содржано во сè.“ Енергијата ја активираме во перинеумот или активирачка точка за медитација. Оттаму енергијата се разлева низ физичкото тело. Така телото се витализира, клетките се подмладуваат, се воспоставува хармонија која се нарушува со неумерен или несоодветен секс, но и недостаток на сексуални хормони кај повозрасните или кај премногу пуритански воспитани луѓе. Значи енергијата мора постојано да пулсира меѓу перинеумот и гениталните органи, како меѓу два електрични пола во струјно коло, каде постојано прескокнува искра или нешто струи.

Тоа многу полесно ќе го почувствувате ако немате премногу секс и ако редовно медитирате, за да се затвори енергетскиот круг меѓу хипофизата и сексуалната жлезда. Перинеумот е многу важен. Затоа за време на медитацијата ги контрахираме мускулите на лицето, но и мускулите на анусот, перинеумот и сфинктерот кој ја задржува урината. Кога струењето на енергијата меѓу перинеумот и половите органи ќе потрае доволно долго, се создава голема бистрина во главата. Тоа е поврзано едно со друго. Исто така треба да станеме свесни за струењето нагоре по ’рбетниот столб и струењето по предната страна на телото, кон горе и кон долу. Кога ќе го почувствувате ова струење вашата свест, односно вашиот божествен дух, мора да се спушти во сексуалното подрачје. Од таа точка ја пуштате енергијата да се разлее низ вашите екстремитети“.
Т-Тетовирање: Од аспект на сексуалноста, тетовирањето би значело потенцирање на сексуална привлечност, особено кога тетоважата е во околина на интимните регии или најпривлечните делови од телото. Но, не треба да се воопштува дека секогаш е така, особено не денес кога тетоважата стана мода. Сегашноста е истетовирана повеќе од сето минато, тетовирањето стана современ феномен и инспиративна тема, особено во лето кога е видливо изложена во сопствениот излог на најголемиот човечки орган – кожата.
Феноменот тетоважа е стар колку и човештвото, некогаш користен за да ги маркира отфрлените, а некогаш почестените. Тату симболите низ историјата не припаѓале на мејнстримот како во сегашноста. Најстари докази за тетоважа откриени се на територијата на Евроазија, околу петтиот милениум пред новата ера, а содржеле точки и линии на долниот дел од грбот, коленото и глуждот, што според научниците укажува дека се работело за акупунктурни точки. Тетоважите биле присутни уште од каменото време, препознатливи по скромни цртежи на рацете како знак за маргинализирани групи, подоцна во спиритуални и естетски цели, но со примитивни и болни техники на површинско засекување на кожата. Старите цивилизации различно ги користеле тетоважите, меѓу другото и во магиски цели, ритуално одбележување на поглаварите на племињата, често проследени со зарази и смрт. Во древна Кина биле толкувани како варварски обичаи, но сепак користени како доказ на припадност на робовите кон робовладетелите, нешто слично како денешното жигосување на животни. За разлика од древните времиња, поновата историја „тетовира“ некои нови и поинакви правила. Некогаш тетоважи можеле да се видат само на затвореници и проститутки, пардон, сексуални работнички, подоцна кај морнарите, војниците, а сè уште може да се сретнат жени со истетовиран крст на чело како симбол на верност кон бога, или бемка а, ла Мерлин Монро над усните.
Тетовирањето во текот на 17, 18 и 19 век добива нова функција, темната страна на човекот „dark side of the moon“ се црта на лицето на криминалците како казна или замена за нехуманото отсекување на носот или увото (нова естетика на криминалот). Таканаречените Едо криминалците се тетовирале на темето со симболот на првата генерација самураи, Токигава,за да одбегнат смртна казна, но егзекуторите им ја дереле кожата на тоа место пред да ги погубат.
Џејмс Кук, патувајќи по Пацификот и запознавајќи разни егзотични племиња ќе го донесе во Британија за прв пат зборот „тату“, а неговиот офицер сер Јозеф Бенкс, инаку познат во аристократските кругови, ќе се врати тетовиран во конзервативната Англија. Секако и покрај озборувањата за тетовираниот претседател на Кралското друштво (The Rojal Society) сер Бенкс ќе остане запаметен по уредувањето на кралската ботаничка градина и интродукција на евкалиптусот, па „студените“ Англичани ќе му го простат егзотичниот хир на кожата. Во историјата е познато дека биле истетовирани кралевите Џорџ V и Едвард VII, рускиот цар Николај II и кралот на Данска Фридрих IX – (подобро да се тетовираат отколку да се трујат во гнилежот на кралствата). Модерното време во Јапан ќе стави примат на тетовирањето на припадниците на Јакуза кои сметале дека тетоважите се интимна работа. Тие го тетовирале целото тело до ракавите и вратот, сметајќи дека културата на тетовирањето не треба да влијае врз општествениот живот и да е достапна секому. Нивната философија била секогаш најдоброто и првокласното за себе: облека, превозни средства, локации и жени. Предрасудите за Јакузи мафиите ги претставуваат како агресивни негативци, но тие знаат да работат многу позитивни и хумани нешта, да помагаат при елементарни непогоди во Јапонија и да им ги чуваат огништата на напуштените домови. Културата на тетовирањето во Јапонија сè уште е табу-тема, но убавината е во нивната скриеност од очите на јавноста. Впрочем, убавината е во таинственото и скриеното, како свитците кога јасно ги гледаш само ноќе.

Сите овие историски податоци укажуваат на крајностите во изборот на личностите што се тетовирале, се тетовирале припадниците на ниските или на високите слоеви, или отфрлените или привилегираните, а средната класа никаде не се спомнува како заинтересирана за боди арт. Уметноста на цртање по тело добива естетска функција дури осумдесетите години на минатиот век, преку естрадните икони, а станува популарна токму кај средната класа. Техниката не била усовршена како денес, најчесто се случувала во нелегални услови, а цртежите биле дводимензионални и со јасни контури.
Тетовирањето како мода почнува при крајот на 20 и почетокот на новиот милениум, со еден силен императив за покажување пред јавноста, за инает на сите претходни историски и социолошки ограничувања. Денеска тетоважите се за јавно манифестирање на животниот стил, не ретко престиж и етикетирање во општеството. Тетовирањето, било уметност било хировитост, може и да се отстрани со современата ласерска технологија кога ќе се посака. Старата техника на цртање со к, на функционира и денес, особено во летните периоди и лесно може да се отстрани со беби масло, а тоа често го практикува Мадона според потребите на нејзините спектакуларни спотови и уметнички фотографии. Една од најскапите тетоважи од милион долари е сопственост на познатата манекенка Кејт Мос, дело на сликарот Лисијен Фројд. Џони Дип се колне во своите тетоважи сметајќи дека неговото тело е негов дневник, а тетоважите приказни … по раскинување на врската со Винона Рајдер ќе избрише две букви од нејзиното име и ќе добие практична верзија од остатоците на љубовта со натпис Wino Forever. Најпознатиот метромен Дејвид Бекам е шампион по бројот на тетоважи по мускулестото тело, преку триесет.

Новиот милениум со многуте новини и даде ново руво на тетоважата како облик на општествено брендирање, а самиот чин, избор на симболи и пораки е мета на разни толкувања, почесто нестручни отколку стручни. Честа мета на озборувања се токму тетовираните, заради видливоста на нивните животни приказни, симболи или пораки, но не секогаш се прецизно јасни и соодветни на пораката, има нешто скриено во порите што не се гледа со око, нешто и во срце истетовирано.
Последните две децении тетовирањето ја доживува својата кулминација. Се тетовираат малолетни, полнолетни и долговечни, адолесценти и климактерични, мажи, жени, а и животни – но тоа е друга тема, можеби за Орвеловата животинска фарма. Еротските тетоважи стануваат популарни токму поради таинственоста, колку помалку видливо – толку повеќе привлечно. Ева Лонгорија ги има истетовирано иницијалите на својот сопруг, Тони Паркер, на само нему видливиот дел од телото и додека светот го знае тоа, само сопругот го ужива истото.

Ако е вистина дека една слика значи илјада зборови, тогаш една тетоважа би била реципроцитет за илјада прочитани страници од различни книжевни жанрови. Кој би можел да суди за другите и остатокот од светот, да шири пропаганди и предрасуди пред да прочита, осознае и научи. Ако не сте по тетоважите, а сакате да сте во мода, тетовирајте си нешто на душата, како на пример прочитано драмско остварување на Горан Стефановски, „Тетовирани души“, одгледана истоимената претставата на Сашо Миленковски или отпејте ја Срце тетовирано заедно со Александар Митевски&Трифун Костовски.


















