Барањата на клиентите ги доживувам како предизвик
Теодора Богданоска е гостиварчанка која стои зад Инстаграм профилот kolache.nce. Таа изработува слатки и вкусни уметнички дела за најмладите но и за сите ваши моменти кои сакате да останат запаметени!
Теодора, како дојде до идејата да произведуваш уникатни колачиња и што се е дел од твојот репертоар?
– Првите шеќерни колачиња ги направив за мојата внука. Инспирација беше првото запче, што и воедно е една од најчестите теми за изработка на шеќерни колачиња.

Клучно беше тоа што јас уште како мала бев фасцинирана од минијатури. Пластелин, дрвени боички, темпера, акрил, жица, со текот на годините беа техники кои ги користев за да изработка на минијатурни слики, накит, и форми. Средбата со секоја нова техника ми беше предизвик и ми претставуваше особено задоволство да го совладам. Па така, кога пред мене беше предизвикот да направам тематски шеќерни колачиња за мојата внука, сфатив дека тоа е совршена прилика да го спојам слаткото со минијатурното. Во тој момент ги немав потребните калапи и готварски прибор, но инспирацијата и креативноста се клучни во вакви моменти, па се снајдов со она што го имав дома. А тоа беше калап во форма на срце кој го искористив за да исечам колаче во форма на запче, шеќер во прав, белка од јајце и желба да успеам. Овој подвиг заврши успешно и на мое големо задоволство беше прв во низата.
Какви материјали користиш и колку време ти е потребно за една нарачка?

– За една нарачка ми се потребни најмалку 3 дена. Прв ден замесување и печење, втор ден декорација, трет ден пакување. Имајќи предвид дека јас сум архитект по професија и сум вработена со полно работно време, колачите ги изработувам во слободно време и за време на викендите. Како свој личен рекорд до сега го сметам подвигот за новогодишните празници кога успеав да направам 120 колачи за 2 дена. Покрај изгледот, за мене е многу важно и од што се направени колачињата, па така состојките и боите кои ги користам се природни, а јајцата се домашни и задолжително пастеризирани.
Колку време ти требаше да се усовршиш во изработката?
-Како и кај секоја техника па така и кога станува збор за изрботката на колачиња, истата постојано се усовршува. Малите финеси, потезите со четка, нанесувањето на глазурата, сето тоа се усовршува со секоја ново изработено колаче. Јас сум многу среќна од feedback – от на клиентите, кој ми кажува дека тие се исто така презадоволни. Овој успех сметам дека се должи на претходното искуство кое го имам со уметноста и изработката на минијатури надополнето со желбата да созададам нешто убаво и да ги направам среќни оние за кои е наменето.

Си имала ли некои „нереални“ барања од клиентите и колку Македонците ја ценат рачната изработка?
-Морам да кажам дека клиентите кои сум ги имала до сега, покажале преголема доверба во мене и ми оставиле целосна слобода. Од таа причина секогаш се трудам да не ги разочарам нивните очекувања и изработката да биде што е можно подобра. Се трудам барањата на клиентите да не ги доживувам како нереални, туку како предизвик.

Кои се твоите планови за иднина?
-Планот е да се усовршувам и да усреќам што е можно повеќе клиенти и да внесам уметност во нивните домови, без разлика дали е тоа преку архитектурата која е моја примарна професија или преку колачињата со кои ќе ги одбележат нивните значајни моменти. Ова што го правам во моментов (архитектурата и изработката на колачиња) ме прави среќна и исполнета, а таа среќа сакам да ја пренесам и на другите.
Инстаграм: kolache.nce


















