Колумни

Алиенација

Се одродивме, отуѓивме, забегавме и збоктисавме. Едни против други,  третиот нѐ напаѓа, четвртиот паламуди. Имам чувство дека во светот, покрај редовни и ,,регуларни” војни,  се води паралелна војна на нормални и ненормални, само уште да се знае кој е што! Веќе не знам ни во кое општествено уредување живееме? Хиперреализам, трансхуманизам, хипереротизам… ,,Нитко ништа не зна крхко је знање” – што би реко Ѓура у ,,Ѓурине чаролије”. Најбизарно е што токму во едно хаотично време на постојани промени, човекот боледува од апатија на здодевност.

Здодевноста е  опасна невидлива sверка, која како проклетство се наследува и насладува во време на апатија, кога човек се навикнува на зло и престанува да се чуди – веќе ништо не може да го зачуди. А да се чудиш значи да осознаваш, да стекнуваш знаења. Способноста за чудење е почеток на мудроста, која во новиот милениум етапно  ја  снемува–веќе никому ништо не му е чудно. Сѐ е така лесно, демократски сервирано и либерално прифатливо. ,,Но меѓу чакали, кучки и пантери страшни, меѓу мајмуни, скорпии, орлишта и змии, меѓу тие развревени, разгалени стии, во sверилникот срамен на гревовите наши… Има sвер позлобен, погрд и повеќе нечист од сите седум смртни гревови”. Здодевност!

Шарл Бодлер,  татко на симболизмот и предвесник на модернизмот,  збирката песни ,,Цвеќиња на злото” симболично ќе ја посее со сплинот на здодевноста, која никако да се пожнее ниту искорне од црниот дроб на современиот човек. Горчливи голтки голтаме и без пелин, горчлив ни е вкусот од утробата.

Во овој 21век, во многу нешта тривијален и театрален, сѐ почесто виртуелен, забрзан, забревтан од иновации и  манипулации, здодевноста пирува како никогаш претходно. Некогаш децата се играа со кукли и топки од партали без да помислат на здодевност. Парталите ги чувале како драгоценост. Не се  споредува со денешните деца, ново  време нови услови, нови  играчки достапни и на малите и на големите деца. Достапноста, најчесто за кусо време  им ја заситува  потребата и мечтата,  па бргу ги заменуваат со нови играчки. Новиот модел на забава е брзината, брзопроменливост, складирање колекции за покажување и постојано  побарување на нешто ново, позабавно – адреналинот бара брза акција. Модерниот човек се раѓа и живее во систем на отуѓеност, алиенација, кога луѓето сѐ поретко имаат очен контакт кога  зборуваат и срдечност кога се поздравуваат. Ние сме сите помалку од ликот на Албер Ками, рамнодушно тонеме во здодевност не разликувајќи добро од зло. Така се станува мртов пред смртта, најдолгата и најстрашна умирачка. Таа рамнодушност нѐ турка во бизарност и гротескност, наликуваме на карикатурните  ликови од драмата на Бекет, „Чекајќи го Годо“.Чекаме, проклето здодевно чекаме некој да дојде, нешто да се случи, ветер да дувне, дожд да нѐ плакне, некој да нѐ признае, прифати, прими, потапка по рамо… А воздухот сѐ потежок, моралот сѐ полесен, живот сѐ поздодевен, на толку многу брзопотезни случувања. Се навикнуваме на прпелање во место и мислиме дека нешто ќе се случи дур го тркаламе каменот по рамнина. Сизиф барем споро го туркал каменот угоре па гледал како бргу се тркала удолу. Ние од рамната површина, по која туркаме камен, не можеме  да го видиме крајот, хоризонтот, сѐ ни е веќе рамно, рамно до рамнодушност. Индиферентноста е ,,странецот” кој без емоции се одомаќинува во отуѓен човек и го турка во вртлогот на здодевност каде се голтаат последните капки животна енергија до ,,рамнодушен револт”.

Здодевноста е „афективен одговор” на систем кој наметнува  околности за постојано повторување едно те исто, па исто и ништо не можеш, па тоа ти е. Има разлика меѓу она кое човекот е принуден да го прави и она кое сака да го прави. Принудата нѐ  турка во рамнодушност и автоматско повторување на шаблонизиран одбранбен систем: ,,ми е гајле за сѐ” и „ме боли уво за сѐ”. Веројатно помалку нѐ боли дур вербални ги повторуваме. Презаситеност од сѐ, достапност до сѐ, можност за сѐ, севкупност од сѐ…Сѐ или ништо е крајност, но таквиот мотив создава крајни убавини само во раце на уметник,  како  грандиозниот писател Достоевски. Ние обичните, создаваме површна слика на презаситеност, дека  сѐ е поминато и веќе видено. Тогаш самиот на себеси стануваш здодевен. Човек кој не може да биде сам со себе, не може ни со другите, својата апатија  ја пренесува на другите, а никој не сака такви во своја околина. Еден  од најтешките проблеми на модерното време е токму излезот од  царството на здодевноста, особено кога се работи она што не се сака,  или воопшто не се работи ништо. Здодевноста е празнина на постоење,  алиенација и грев кој турка кон пороци. Здодевноста го тера човекот да sирка по туѓи профили и да озборува. Не е грев, вештина е, секако чудна за мој вкус.

Чудете му се на животот и луѓето, осознавајте ги различните од себе и тивко мудрувајте, без да озборувате.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %