Чекајќи добрини
Не чекајте, дарувајте добрини Човек треба да прави добрини до исцрпеност, да го вџапи космосот од добри дела, исто како што човештвото е вџашено од злодела” – Никола Тесла. Ако еден генијален прометејски ум, кој му подарил светлост на светот, ја става добрината на пиедестал, тогаш генијалност е да се остане добар и покрај сите зла… Да останеш добар и кога те навредуваат, понижуваат, отфрлаат, затоа што си таков роден, е најдобрата неминовност…
Добрината е врв на емоционалната интелигенција, доблест на ретките. Не е глумица ниту преправачка, таа е интелигенција и инспирација, неотуѓив капитал кој го носиш секаде. Никој не може да ви ја одземе или смали добрината оти е неисцрпна, таа е божји благослов и привилегија на ретките. Добрината не треба да ја поистоветуваме и сквернавиме со глупавост или наивност, таа е космички многу над нив. „ Не биди добар – не биди глупав “ не е мудра препорака туку навреда на интелигентните, кои многу добро знаат кога ги манипулираат, но срцето им работи и за нивно добро. Често ја слушаме таквата патетична реторика, обично на повредените, кои не можат да бидат автентично добри, туку препознатливо и комерцијално добронамерни. Од секого излегува она што го има во себе. Ако си вистински добар не може никој да ти ја преобрази добрината во лошотија, исто како што лошотијата излегува на виделина и покрај многуте маскирни маски на одглумена добрина. Секако, добронамерноста треба да е селективна за да не пермутира во простодушност. Добриот треба добро да знае како и каде со својата добрината. Има разлика кога човек се труди да биде добар или е вистински добар ! Добриот кога прави добрини ништо не очекува за возврат, ниту се разочарува од лошотијата околу него. Едноставно, добриот е роден со таков генетски код, наследен материјал, воспитуван со многу љубов и добрина. Добриот сака и може да биде добар , не се труди ниту обидува, зашто е невозможно долгорочно да се трудиш за нешто кое не е дел од твоето срце. Добро срце не умее да се разлоши. Може да страда и да се повлече, но кога ќе одболедува повторно ќе добрее. Може да глумиш добрина како за сценски настап и од чист интерес, но животот е многу подолга игра која на крајот нѐ разоткрива. ДОБРО ни било сѐ полошото секојдневие! На мака добрина се познава, лесно е во арно арен да си. Да бидеме витези со добро срце и да правиме безусловни добрини, да го збуниме свемирот, да го изненадиме човештвото со добри дела! За Марко, за неговите 25 години, за неговата младешка волја да се избори со смртоносна болест, за сите наши одболедувани дни, да му дадеме надеж, вера и љубов на 30 септември, во МНТ со корчагинската музичка претстава ,Чекајќи го…” Не чекајте, купете билети и подарете добрина! #ијассуммарко























