Луѓе

Секој треба да има своја цел, па макар таа навидум изгледа невозможна

Наталина Синдилиева е млада скопјанка која не познава предрасуди или препреки! Нејзините амбиции се големи колку и нејзината храброст да го „ослободи“ општеството од прангиите на конзервативноста. Како е да се биде една од ретките Македонки кои танцуваат на шипка можете да дознаете од интервјуто во прилог.

Формите на уметност низ историјата се менувале, а човечката креативност добивала различни облици во зависност од општествените случувања. Како дојде до идејата да се занимаваш со оваа уметност?

Искрено се започна многу спонтано, без некаква претходна идеа или познавање за овој спорт/уметност. Пред да почнам да се занимавам со танц на шипка тренирав професионално карате и всушност воопшто немав некои танцувачки предиспозиции или пак флексибилност. Се тоа беше доста ново за мене но истовремено и многу интересно и предизвикувачки па затоа и продолжив да вежбам сè додека не почнав и јас самата да држам часови.

 

Танц на шипка во Македонија! Како беше прифатена од родителите, пријателите и општеството? Дали сме конзервативни како нација?

Ова е едно од најинтересните прашања што може да се постават за танц на шипка. Можеби и јас сум имала делумна предрасуда пред да почнам да вежбам и да разберам што всушност претставува… Ова е тежок спорт којшто е составен од повеќе елементи како што се координација на телото, сила, флексибилност, танц, поврзаност на елементи и се тоа споено во една кореографија. Да се вратам на прашањето за родителите. Искрено тоа беше доста интересен дел за споделување, на мајка ми веднаш и кажав и ѝ објаснив, а таа искрено веднаш ме разбра и поддржа, а на татко ми прво му покажував видеа на интернет како се натпреваруваат, како тоа се е веќе на друго ниво и дека е навистина спорт во развој кој допрва треба да земе замав. Татко ми доста позитивно го разбра се тоа, така да секогаш имав поддршка од моите родители и секако, сестра ми. Со оглед на тоа дека кога почнав со танц на шипка кај нас во Македонија (во студиото каде и што држам часови Пол Пипл – Скопје) немаше никој скоро никакво познавање за тоа. Пријателите во неверување се смееја дека сум откачила скроз (но никогаш тоа не беше со предрасуди или пак исмејување) додека пак општеството и тие што не ме познаваат доста често се дрзнуваат несоодветно да коментираат или пак оформуваат мислење според тоа што го гледаат (а гледаат девојка којашто се врти на шипка). Но, можам да кажам дека во последниве 2 години луѓето се повеќе со отворени погледи и цела таа конзервативност мислам дека почна да се менува, што за мене искрено претставува огромен напредок. Пример за напредокот претставува и фактот дека на часовите имаме и машки членови.

Колкав е интересот на луѓето во Македонија да научат танц на шипка? Има ли мажи што вежбаат танц на шипка? Има ли возрасна граница за тренинг?

Како што кажав и во претходното прашање во последниве 2 години интересот значително се зголеми. Се повеќе ни се зголемува бројот на членови и се повеќе „рандом“ луѓе го прифаќаат овој начин на вежбање и спортување. Возрасна граница нема, може да вежбаат сите, од деца па се до повозрасни. Нашата програма е адаптирана за сите (почнуваме од движења околу шипка па се до качувања и правење фигури), нема никакви ограничувања со тежина или пак полови ограничувања – СИТЕ што имаат желба да вежбаат се добредојдени.

Како луѓето гледаат на тебе? Те доживуваат како уметник или спортист? Добиваш ли „непристојни понуди“?

Како гледаат на мене искрено не знам, но јас се трудам и сакам да ме гледаат како инспирација за тоа дека секој да се прифати таков каков што е. Без предрасуди, да си го тера својот филм и да си има своја цел па макар таа навидум изгледа невозможна, бидејќи со труд и упорност се е возможно. Во однос на тоа дали луѓето се дрзнуваат да ми коментираат непристојно секако дека има такви случаи. Но, сепак јас сум свесна дека овој спорт е во својот почеток и треба време за сите да се навикнат дека вистински постои. Не ги осудувам за коментарите, напротив, сметам дека може секој што сака да си праша или коментира но јас сум таа којашто ги кажува и покажува границите.

Имаш ли омилен артист или тип на танц?

Имам многу омилени артисти коишто дефинитивно ги поместуваат границите на танц на шипка, не би именувала бидејќи стварно се многу. Во однос на тип на танц сè што се поврзано со танц на шипка ми се допаѓа и ми е интересно. Почнувајќи од спортскиот фитнес дел па се до егзотик делот каде што се вежба со високи потпетици специјално дизајнирани за танц на шипка.

Колку е напорно да се танцува додека немаш тло под нозете? Се случило ли да се повредиш?


Танцот на шипка е доста напорен спорт бидејќи самиот танц/фитнес претставува кревање на сопствената тежина константно во текот на кореографијата и вежбањето. Но, сето тоа се учи и се вежба и после одреден период станува природен и нормален тек на тренингот. Сум имала повреди од шипка но за среќа не било нешто многу сериозно. Треба доста да се биде внимателен бидејќи секое паѓање или пак повреда може да биде многу сериозно.

  1. Кои се твоите планови во иднина?

Мојата единствена желба моментално е да направам федерација во Македонија за танц на шипка и во иднина да може да се натпреваруваме и ние на светски и европски првенства коишто веќе и постојат но ние не сме дел од нив. Исто така се предвидува дека танц на шипка ќе стане за многу брзо и олимписки спорт па се надевам дека во иднина и нашиот тим ќе учествува на едно такво натпреварување.

Повеќе на www.natalina.mk

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %