Сексуална азбука

Буква П

Буквата „П“ – у пм плодна буква, како да излегува од најплодното место на светот, каде најчесто во нервоза и по вербален пат праќаме некого да оди таму каде што излегува живот. Колку што може да биде Потентна и Платонска, толку може да е Перфидна и Перверзна.

П-Платонска љубов: идеален и идеализиран љубовно-емоционален однос, без сексуален интерес и физички контакт, едноставно сакаш – ама не посакуваш. Поимот му се припишува на старогрчкиот философ Платон (4 век п.н.е.) и за него пишува во своето дело „Гозба“ како надсетилна љубов, предизвикана од духовната убавина без телесни облици на доживување љубов. Во Платоновите списи првин е забележана како чувствителен однос меѓу хомосексуалците, ослободена од полова возбуда, а подоцна и како хетеросексуална љубов која исклучува сексуален контакт. Платонската љубов е вообичаена во раните фази на пубертетот, но кај зрелите луѓе може да биде и патолошка појава ако во тек на животот воопшто не се воспостави здрав сексуален партнерски однос. Највозвишена е во уметноста, вечна во литературна остварувања, овековечена преку Дантеовата Беатриче, Петраркината Лаура, Прешерновата Јулија Примиц. Платонската љубов е чиста и искрена, таа не затскрива и не носи никакви маски, затоа е совршена.

П-Пансексуализам (сè + пол): основачот на психоанализата, С. Фројд ја поставува тезата дека нагоните се основните двигатели на психичкиот живот, сведувајќи ги на два основни нагони, егото и сексуалниот нагон. Со тек на развојот на психоанализата сè помалку се става акцент на нагонот за одржување на своето „јас” (егото), а сè повеќе на сексуалниот нагон како важен фактор за толкување здрави или болни психички манифестации.

Сигмунд Фројд

Психоанализата, според Фројд, во сексуалниот нагон го гледа темелот за анализа на човечката лична и општествена реализираност – суштината на психоаналитичкиот пансексуализам. Таквата спектакуларна генерализација оди дотаму да се смета дека сè се врти околу човековата сексуалност и сè се сведува на сублимирање на половите нагони. Новите школи на Фром и Саливен го ревидираат психолошкиот пансексуализам намалувајќи ја важноста на половиот нагон во развојот и функционирањето на човековата личност. Според нив половиот нагон има значење врз развојот на човекот, но не е пресуден и единствен. Затоа вака сфатен пансексуализмот има нереална основа и е во заблуда за апсолутната важност на половите нагони. Пансексуалци или омнисексуалци денес се користат како термини за луѓе кои имаат сексуален нагон кон сите родови идентитети и полови, не се сведуваат на двата пола како бисексуалците, туку и кон оние луѓе кои не се идентификуваат во само машки или само женски пол.

П-Парцијален нагон: психоаналитички поим кој подразбира одделни, парцијални нагони во рамките на половиот нагон кај човекот. Се јавуваат од почетокот на животот, независни еден од друг и последователно. Кај новороденчињата тоа е орален нагон за дразнење на усните, па следуваат анален и уретрален нагон (некаде околу 2 и 4 години) и на крај гениталниот нагон (сексуална потреба со активирање на половите органи) кој станува најдоминантен над сите парцијални нагони, кои што се користат селективно и дополнително за задоволување на основните нагони. Кога половиот нагон има единствена цел, а таа е постигнување оргазам, сосем споредно е како се стасува до целта. Но, половиот, сексуален однос се смета за најсовршениот облик на активност не само поради постигнување врвно задоволство туку и заради чинот на оплодување.

П-Парфем: мирис кој се употребува како козметичко средство, но и суштински афродизијак кој буди желба и сексуален нагон, (сетилото за мирис е 10 000 пати посилно од другите сетила, а делот од мозокот кој ги препознава мирисите е најстариот, лимбичен систем). Човекот, како и животните возбудата првин ја доживува преку ноздрите, а разните мириси се подражајни елементи и во сексуалноста. Парфемите не случајни биле усовршени на францускиот двор во 18 век – требало да се камуфлира реата од неизмиени тела оставени со месеци под тешка облека и перики. Покрај тоа биле и симбол на углед, престиж и начин на докажување материјален статус. Еден од најпознатите афродизијачки парфеми, според некого „машки“ мириси е волшебниот мошус. Волшебната формула е во мешањето на мирисите од тестостероните (феромони или сексуален секрет) од елен и додавање разни други мириси. Една од причините што не може да се опише мирисот на мошусот е токму магијата на кожата-не секоја кожа мириса исто. Затоа мошусот е со широк спектар на мириси и сè уште еден од најскапите суровини во индустријата на парфеми.

П-Папучар: жаргон за маж влечкар, не оној кој произведува влечки туку маж производ на својата сопруга, подреден да ја слуша за сè. Па има ли нешто посекси од маж кој неприкосновено ја сака и слуша жена си, ја остава да биде последна во расправиите? Според традицијата жената кога ќе го згазне мажот со влечката ќе биде главна во куќата, па оттука и терминот папучар. Сепак, колку и да го сфаќаме папучарењето на мажот како духовито и симпатично, зад него се крие неспособност за воспоставување личен авторитет и невротичност како последица на авторитативна мајка во детството.

Понекогаш тоа се плашливи и несигурни мажи, често казнувани и понижувани во детството поради што растат без самодоверба и елементи на самоиницијативност. Отсуството на преземање акција и одговорност се затскривање на несигурност и страв од неуспех, па често наоѓаат комоција во улога на жртви во бракот. Аналогно на таквиот карактер можна е слабо развиени либидо и потенција, немоќ за пружање сексуално задоволство на жената, но и фригидност на жената поради негативните, агресивни и заемно потценувачки брачни односи.

П-Патријахат (pater-татко + archein-владеење): облик на родовско уредување во првобитните заедници каде основна општествена единка е татковиот род, роднинска поврзаност по машка линија. Во патријахалното општество таткото ја презема улогата на апсолутен владетел во семејството и надвор од него. Карактеристично е присвојување на правото за апсолутна слобода во корист на мажот, а подредување и користење на економската немоќ на жената за нејзино комплетно поседување. Од жената се бара воздржување од секс пред бракот, апсолутна верност во бракот и никаква професионална и општествена ангажираност, за разлика од слободното и промискуитетно однесување на мажот, што е двоен морал. Во некои древни патријахални семејства, а за жал и ден-денес, мажот има право и да ја убие жената за неверство. Сетете се само на филмот „Убавините на пороците“ (Лепоте порока на Живко Николиќ, снимен 1986 год.) каде изневерениот маж ја казнува жената со токмак по глава, врз која става погача за да не ја расцепи. Во такви семејства таткото има власт и над децата, дури и кога ќе пораснат им ја решава брачната судбина, (многу чести теми во литературни дела како Антигона на Софокле, Нечиста крв на Бора Станковиќ или Бегалка на Васил Иљоски). Патријахално воспитаните мажи градат арогантен и самобендисан однос кон жените, на нив гледаат како на подредени суштества кои мора да бидат послушни и покорни за сè што ќе се посака од нив. Често користат сексуални услуги од проститутки и имаат понижувачки односи кон своите вонбрачни партнерки. Немаат здраво развиени комуникациски односи со своите деца, сè е сведено на послушност и диктаторска потреба за благодарност поради материјалните услуги и комодитети што им ги пружа на сопствените деца. Во такви бракови жените стануваат сексуално пасивни и незаинтересирани. Робувањето кон сексуалните предрасуди е најдолгото ропство во историјата на човекот, никогаш конечно и комплетно завршено.

П-Полиандрија (poly-многу + aner-маж): женска полигамија, полигинија или брак на една жена со повеќе мажи. Во историјата многу поретка од полигамија (повеќе жени на еден маж). Позната е како општествена појава на Тибет и Хималаите поради недостаток од жени (последица од паганизмот и жртвување на женските деца).

П-Полигамија: низ историјата полигамијата е преоден период меѓу групен и моногамен брак, поврзана со имотните мажи кои можеле да издржуваат повеќе жени, што е законски регуларно во исламската религија и ден денес.

П-Полуција (poluere – да извалкаш или во превод дамки од сперма врз ноќната облека), нехотичен излив на сперма во тек на сонот, предизвикани од еротски сништа и сексуална возбуда при спиење. Последица е на нереализирана сексуална потреба, обично почнуваат во пубертетот, а продолжуваат во тек на сексуално неисполнетиот живот или неможност за реализирање на своите сексуални потреби или несвесни фантазии. Безопасни се по психо-физичкото здравје и нивната зачестеност не влијае негативно врз сексуалната потенција.

П-Порнографија (porne + graphein =блудница + запишано): литературен запис, цртеж и слики за скокоткање сексуален нагон-така суптилно опишано, секако пред ерата на порно индустрија, да од денешен аспект изгледа како опис на еротика. Разликата меѓу еротика и порнографија е како меѓу пердув и кокошка. Во еротските прикази, било филмски, уметнички или фотографски, никогаш нема да видите комплетно голо тело, а уште помалку голи полови органи. Порнографијата е вулгарна осмислен материјал за стимулирање ниски страсти. Може да биде експлицитна и помека, но секако е изопаченост. Поттикнува само сексуален нагон без естетски и еротски емоции. Древна е колку и проституцијата, ја има во сите култури и најстари споменици. Во време на глобалната компјутеризација порно сајтовите се веќе секому достапни и затоа треба да им се обрне внимание на малолетниците за да им се предочи за негативните и штетни влијанија врз нивната психа и сексуалното здравје. Прикажување на брутален секс со сите можни перверзности и сексуални филии им дава на младите погрешна слика од која тешко се ослободуваат, откако ќе им влезе во потсвеста. Не ретко токму младите се жртви на порно индустријата преку развиената мрежа на компјутерска технологија, податлива за сите возрасти и без контрола.

П-Проституција (prostituere-јавен блуд): сексуално телесно подавање со наплата. Барам соодветен термин и дефиниција за да не ги вознемирам сексуалните работници за нивната професионална ориентација – давање сексуални услуги за материјален надоместок. Во стариот Сексуален лексикон од 1962 година, запишано е дека постојат 4 вида проституција: женска хетеросексуална, машка хомосексуална, женска хомосексуална и мушка хетеросексуална проституција. Денес, во време на морална деградација, постојат уште многу видови на проституција како „претапорт“ или елитна, „јахтинг“ или туристичка проституција, туку нема официјален лексикон за да се има увид во сите можни видови на проституција. Перфидно скриена проституција може да се камуфлира со брак или врска од интерес, кога сексуалните активности или „љубовта“ се во реципроцитет само кога се има материјален бенефит.

проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Проституцијата постои откако постои и човекот, древна вештина на заведување во име на парите, но никако не „најстар занает“, како што вели проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова: – „Не може да се нарече најстар занает за работа која не остава зад себе дела, занаетите оставаат вредни дела, предмети со употребна вредност“. Проституцијата зајакнува напоредно со патријархалните заедници во кои мажот се наметнува како човек со сите привилегии, како слобода на вонбрачни сексуални задоволства и сексуална експлоатација на жените. Така се создала каста жени за кои не важеле патријархалните правила на двоен морал. Најстариот вид проституција се спомнува во времето на Вавилон 1500 години п.н.е. како храмска проституција. Во храмовите на Мелита, вавилонската кралица на плодност и сексуално задоволство, жените морале да им се подадат на странците барем еднаш во животот. Таквиот обичај ќе се прошири и низ другите земји на стариот свет. Обичај било домаќинот да си ја даде ќерката или сопругата на предмети, за сексуално задоволство. За време на владеењето на Калигула во Рим ќе цутат развратот и проституцијата во сите можни и невозможни облици. Калигула, освен што има секс со родената сестра Друзила, ќе има обичај да спие со сопругите на своите министри или гости на неговите развратни прослави. Атинскиот властодржец Солон прв ќе отвори јавна куќа во 6 век п.н.е. каде ќе работат робинки од туѓи земји. Така ќе им обезбеди услови да останат во земјата како туѓинки, но да си ги плаќаат државните даноци. Во Стара Грција танчерките исто така се занимавале со проституција и така дупло заработувале. За Хелада е типична појавата на хетеризам која подразбирала проституција на угледни и образовани жени-љубовници (хетери) на имотни и богати мажи кои ги издржувале да живеат раскошен живот. Во време на феудализмот жените најчесто се проституирале заради основна егзистенција. Во доцниот среден век се појавуваат првите бордели низ цела Европа. Во 16 и 17 век почнуваат затворање на јавните куќи и прогон на проститутките поради ширење на сифилисот. Во 18 век повторно се рехабилитираат борделите, но со ограничено движење на проститутките, здравствена контрола над нив, поради што паралелно се развивала и тајна проституција. Некогашните хетери тогаш се викале куртизани, а денес спонзоруши, така што секое време има свои имиња за проституција и проститутки. Францускиот писател Александар Дима ќе ги нарече полусвет, demimond, во истоимената драма од 1855 год. „Демимонд“, термин кој се користел за отмените проститутки во Франција за време на владеењето на Наполеон III. Подоцна, за време на капитализмот се појавува аболиционистичко движење за обезбедување социјална рехабилитација на реглементираните проститутки. Од тогаш ќе расцути уличната проституција. По Втората светска војна се појавува проституција (девојки) на повик или „call girls“. Причини за проституција колку и проститутки. Во романите „Клетници“ на В. Иго и „Злосторство и казна“ на Достоевски преку ликовите на Фантина и Соња писателите го обвинуваат системот и суровиот машки свет во кој се жртви наивните и незаштитени млади девојки, осудени да преживеат или да го издржуваат семејството со проституција. Но, неретко проституцијата може да е последица на непријатно сексуално искуство, обесчестување, силување, резултат на психичка растроеност, наркоманија, алкохолизам, некогаш од инает, револт или нимфоманија, а некогаш од бес и потреба за раскошен живот (елитна проституција). Сепак, најчеста е принудна сексуална експлоатација на жени и малолетнички со кои најтешко се справува законот поради добро организираните криминални мрежи и макроа кои се кријат зад угледни имиња. Во книгата на м-р Ленин Јовановски „Влијание на организираниот криминал врз меѓународната безбедност и врз меѓународните односи“ меѓу другото посочени се организираните криминални групи и моторџиски банди кои заработуваат и перат пари преку добро организирана мрежа на проституција: -„Проституцијата е дел од организираниот криминал преку чиј „бизнис“ се остваруваат огромни суми на нелегални и неоданочени пари, кои потоа се ставаат во процесот на перењето на пари. Оваа нелегална активност најчесто е под контрола на моторџиските банди и како таква е опишана во книгата. Впрочем, буквата „П“ е иницијална, ги П-оврзува П-етте главни П-оенти (клучни зборови) на таа тема во книгата, како:

Проституција

Перење Пари

Политика

Превенција и

Правен Поредок.

Дури и графолошки буквата П може да асоцира на системот на криминалот, има симболика во затвореноста од трите страни, како краците на Превенција, Правен Поредок и Политичка волја, а долу, каде што е отворена буквата Протекува криминалот – несовршеноста на системот на заштита или Пропусти, Порта на криминалот“ – вели Ленин Јовановски, магистер по криминологија.

П-Перверзија (perversio-изопаченост): неприродно манифестирање на сексуалниот нагон, извитоперени сексуални чинови, сексуален нагон кон животни, деца, беспомошни старци и низа други филии за кои етапно пишуваме на соодветна буква. Перверзниот се возбудува само ако му се исполнуваат одредени услови кои сексуално го возбудуваат, било физички или психички (садомазохизам, екутерство, егзибиционизам, понижување, копрофилија и низа други неприродни нагони за себезадоволување). За повеќето перверзии кај човекот може да има извесна диспозиција во блага форма или траги што е нормално во љубовните игри ако се сложуваат партнерите (фетишизам, егзибиционизам и сл.).

проф. д-р Викторија Вујовиќ

За перверзност во буквална смисла може да се зборува ако ненормалните потреби (нагони, чинови) стануваат главни и единствени за задоволување или исполнување содржини на сексуалниот живот. Дефиницијата за перверзно однесување е менлива и со времето, впрочем како и моралот и секако зависи кој го толкува – за некого орален секс е чиста перверзија, за некого лижење растопено чоколадо од гениталиите на партнерот дур е врзан до синџири за кревет – не е! Како и да е, „нема перверзност зад заклучена врата на обострано задоволство“ – вели проф. д-р Викторија Вујовиќ.

П-Педофилија (pais + filein – дете + сакање): сексуална склоност кон мали деца од ист или спротивен пол. Таквата сексуална аномалија е почеста кај стари лица, некогаш како последица на склеротични и органски дегенеративни промени во мозокот, но и кај млади луѓе, главно мажи. Педофилите се болни луѓе со нарушен сексуален нагон, а педофилијата е реверзибилна и тешко излечива болест, една од најстрого чуваните семејни тајни поради осуда од јавноста и постојана виктимизација на жртвата. Неодамна Католичката црка јавно призна и се извини за долговековната педофилија во рамките на католичкото свештенство. Педофилите имаат нагон да сквернават многу мали и беспомошни деца, кои сè уште немаат развиено полови органи ниту пораснати влакна околу нив. Една од најтешките сексуални злоупотребување на деца, за кои казните сè уште не се доволно високи со оглед на страшните последици врз жртвите на педофилијата и неуспешните обиди за лекување и хемиска кастрација.

П-Промискуитетност (promiscuus – измешан): облик на сексуален живот со честа промена на партнери или склоност кон површни и краткотрајни врски заради задоволување сексуални потреби. Промискуитетот е типичен за првобитната заедница кога човековата психа била толку едноставна (неразвиена) да било невозможно да се развие емоционален партнерски однос. Со развојот на општеството и човечкиот им, со негово облагородување и надградување, потребата за повеќе партнери се намалува. Љубовта кон саканото суштество е доволна да се задоволат сите останати потреби и нагони. Во современиот свет промискуитетноста е одраз на недоволна емоционална зрелост и постојана потреба за себедокажување.

Во периодот на адолесценција промискуитетот во одреден степен е физиолошки оправдано, тоа е фаза на градење на личноста, зацврстување на карактерот па е вообичаено талкање по пронаоѓање соодветен партнер. Но зрел човек нема таква потреба ако има крај себе партнер со кој е задоволен. Кон промискуитетот се склони несигурни личности, неспособни да дадат љубов и полни недоверба кон спротивниот пол. Промискуитетноста го отежнува животот, му попречува на духовниот развој и лично усовршување како и стабилноста на бракот или заедницата. Во книгата „Сексуална интелигенција“ на професорите Шери Конрад и Мајкл Милберн промискиутетните немаат развиени емоционална интелигенција и чувство за емпатија, никогаш и не помислуваат колку луѓе повредуваат со такво однесување. Што се однесува до бројот на партнери, со кои би биле во групата на промискуитетни, го споменуваат бројот над 8 партнери во текот на виталниот сексуален живот, но и тоа е индивидуално, за некого е осум партнери годишно, а за некого осум месечно. Инаку според потекло, ако веруваме во Дарвиновата теорија, ние луѓето сме промискуитетни, што е докажано и преку мајмуните и првобитниот човек. Но воспитаноста, религијата, моралните норми и пред сè вистинската љубов нè чуваат од промискуитет.

П-Појас на невиност: направа измислена од мажите за чување на верноста на своите жени, додека се тие во војни походи. Измислен е во периодот на феудализмот, направен од кожа и метал, се ставал околу женскиот струк со превез преку вагината и аналниот отвор, со мали дупчиња за истекување урина, тврда столица и менструална крв. Појасот имал клучалка, а клучот останувал кај мажот, секако, без дупликати. Во мода влегол за време на војните, во литературата се спомнува 1405 година, а се употребувал и во 17 век. Интересно е што во Германија, 1903 година ќе се рекламираат слични направи под име „заштитна мрежа“. Ваквото „Соломонско“ решение е груб симбол на потчинување и понижување на жената, примитивен и очаен потфат на несигурни и исфрустрирани мажи, патем и без мечта, оти неверството не е само пенетрација. П-Постелка или плацента (lat.колач): тркалезна плоча која се развива во тек на бременоста крај sидот на матката. Плацентата има улога на медијатор, посредник помеѓу мајчиниот и организмот на бебето. На крајот од бременоста нејзината дебелина е околу 2-3 цм, обем 15-20 цм и тежината околу 500 гр. Постелката излачува хормони кои ја одржуваат бременоста и како брана го заштитува плодот од штетни материи. Свежа крв со заситени храна и кислород се собира во постелката која преку папочната врвца влегува и го храни плодот. Истрошената крв од плодот се враќа во обратна насока преку папочната врвца во постелката. При раѓањето таа се одлепува од матката и задолжително проверува дали е целосна, со што престанува и крвавењето. Во случај да остане дел од постелката, родилката не престанува да крвави и мора да се подложи на киретажа. Уште еден космички феномен во организмот на жената при носење плод.

П-Партеногенеза (parthenos + genesis – девица + раѓање): девствено размножување, модификација на полово размножување на јајце клетката без пенетрација. Можно е истурање сперма во близина на отворот на вагината, но не е докажано како чин на можно оплодување. Во природата е многу често распространета и кај животните и кај растенијата, а најмногу кај некои видови на ракови, инсенкти, риби, птици и влечуги.

П-Потенција: способност за полов однос. Кога веќе ја спомнавме плацентата како еден од женските феномени, тогаш да спомнеме дека потенцијата е феноменален ефект за обострано сексуално задоволство, волшебниот момент кој од обичен виснат мекотелен орган прави цврст јарбол, катарка за успешна пловидба. Машката потенција се состои од повеќе елементи. Првата фаза е ерекцијата (веќе пишувано на буквата Е), нејзино одржување или доволно времетраење за успешен сексуален однос и последната фаза – ејакулација со оргазам. Во медицинската литература потенцијата се дели на два поима: способност за полов однос (potentia coeundi) и способност за оплодување (potentia generandi). Аналогно на машка, постои и женска потенција, а подразбира комплетна способност за доживување врвно задоволство при сексуален однос со партнерот. За двата пола таа е минлива и менлива во тек на животот и зависи од многу фактори. Таа не е само биолошко својство туку одраз на севкупната личност, најчесто поврзана со партнерот и емотивниот однос кон него. Еден ист човек со различни партнери може да има или да нема потенција при сексуален однос, освен ако не е секс машина која работи како на копче без оглед кој е крај него. Секако, поврзана е и со општата здравствена состојба и често показател за други дисфункции на организмот, како проблеми со циркулација, дијабет, кардиоваскуларни проблеми, простата или психички проблеми.

П-Простата (prostates-оној кој стои напред): еден од машките внатрешни органи, непарна жлезда во облик на див костен, сместена непосредно под мочниот меур низ која поминува мочниот канал. Низ неа поминуваат и семеноводите кои заедно со излезните канали се отвораат во мочните канали кои поминуваат низ простатата. Тука се создава течност која се меша со спермата во тек на ејскулација и сексуалната возбуда. Претходно се затворени и не може истовремено да се отвори мускулот кој го држи мочниот канал, што значи нема мешање урина и сперма. Во врска со прегледите кај уролог или барем самопрегледите поради можните проблеми и заболувања на простата дознаваме од единствена жена доктор на медицински науки – д-р сци.мед. уролог Маја Софрониевска – Главинов: -„На помладите мажи, од 20 до 40 години им препорачувам самопреглед на тестисите.

д-р сци.мед. уролог Маја Софрониевска – Главинов

За секоја промена во големината и конзистенцијата на тестисите треба да се обратат кај уролог, независно дали имаат болка или не. Исто така и секоја појава на црвенило на половиот орган, присуство на необичен секрет со или без мирис, појава на крв во спермата и урината е знак дека треба час поскоро да се обратат на лекар. По влегувањето во петтата декада препорачливо е барем еднаш годишно да се направат основните проверки за следење на состојбата на простатата преку матичниот лекар и доколку има било какви отстапувања да се јават кај уролог“. Едно од најчестите малигни заболувања кај мажите е токму ракот на простата, какви се симптомите и од што зависи развивањето на болеста? – „Симптомите на карциномот на простата се различни, а може и воопшто да ги нема. Често пати тие се слични со симптомите кои се јавуваат заради бенигно зголемување на простатата, со оглед на фактот дека едното заболување не го исклучува другото. Тука спаѓаат тешкотии со започнување на мокрење, слаб или испрекинат млаз на урина, често мокрење, особено ноќе, тешкотии со целосно празнење на мочниот меур, крв во урината или спермата, болна ејакулација, болки во карлицата кои не исчезнуваат и др. Во врска со темелно и навремено дијагностицирање треба посебен тест на крвта за специфичен антиген на простата (PSA)-протеин кој се создава во простатата. Нивоата на PSA во крвта може да бидат повисоки кај мажите кои имаат карцином на простата, но и во други состојби на простатата“.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %