Сексуална азбука

Буква М

Ммммм како мрмкање, мазнолико мечтаење на перница, најчестата воздишка кога нештата ни се благопријатни … М е мајчински плодна буква за поимите од областа на сексуалноста, слатка како Меден Месец. Волшебна буква, со неа почнува зборот Мајка, а целата вселена е во нејзината Матка. Нејзина рамнотежа е Мажот, било Мисионер, Мачомен, Метромен, Марсовец или обичен Маж од соседството … Многу поими на буквата М, мирислива како Мошус, интригантна како монструозно мирисливиот мазохистички лик од романот „Парфем“ на Патрик Зискинд. Накусо за романот кој мириса долго по читањето: „Мирисот е поубедлив од зборот, изгледот, чувствата и волјата. Од убедливата сила на мирисот не можеме да се одбраниме, влегува како зрак во нашите гради, нè исполнува и не постои средство против неговата пробивна сила“ – Патрик Зискинд во романот „Парфем“ Колку и да му изгледаш на светот како Бог поради поседувањето формули за најскапи парфеми, не можеш да развиеш љубов кон светот, зашто си роден без да почувствуваш човечки мирис.

Патрик Зискинд

Богат, есенцијален стил на изразување на авторот, хипер детален опис и магиски реализам врз читателот прават атак на сите сетилата, исто како и моќта на парфемите. Не постои нешто што нема мирис, освен злото родено во смрдеа. Живее одземајќи ги сите животни мириси на убави млади девојки, кои на светот мајчински би му дарувале човечки живот – оној кој му бил одземен на главниот лик Jean-Baptiste кога излегол од стомакот на мајка чедоморка која го фрла во смрдеа од мртви риби. Предодреден за убиец, роден и чуван без љубов, задоен кај платени доилки без чувства, растен без есенцијалната емоција љубов, грд, со инстинкт на животно со својата појава шири омраза и всадува страв. Но генијалната способност за препознавање мириси ќе ги отвори ноздрите на светот кој алчно ќе ги впива неговите парфеми. Неговото оргазмичко задоволство е совршено развиеното сетило за мирис, инстинкт на предатор кој разликува миризби до совршенство, но не и поими како Бог, радост, одговорност, понизност, благодарност … Своите животни сокови ги црпи од 25 млади девојки, од кои ќе останат само 25 фустани и 25 долги раскошни коси закачени на прачки. Зад неговиот успех пред слепилото на светот, стои извонредно развиено чувство за мирис. Тој цица крв и ја преточува во мирисливи парфеми. Крлеж во човечки облик, мала, непрепознатлива мешунка, слепа, глува, која знае да душка крв и да ја исцица од жртвата кога ќе помине крај него, или ќе го допре. Крлежот никогаш не би се приближил на жртвата со сопствената сила – затоа што ја нема. Тој упорно чека да загризе туѓо месо, живеејќи на туѓа сметка од само една, одамна исцицана капка крв. Лудакот гледа со нос подобро отколку со очи! Романот „Парфем“ е метафора на животните миризби на луѓе кои имаат мирислива природа и на оние кои се родени без истата, живеејќи со мимикрија на добро одбран и спакуван парфем, на градење личен идентитет преку кршење на моралот. Главниот лик, роден без мирис на мајка, на најсмрдливото место каде се фрлаат отпадоци од чистени риби, но маскиран со најдобриот парфем „Амор и Психа „создава илузија за моќ пред светот, му пркоси затоа што никогаш не бил сакан и почитуван, туку отфрлуван и понижуван. Светот во него гледа творец на парфеми и му се поклонува на генијалецот, дури и кога ги признава злосторствата. Она за коешто копнеел цел живот – да биде сакан, во моментот кога го добива во облик на бахатост и еуфоричност од толпата негови следбеници, веќе ништо не му значи. Тој не знае да сака и да препознава љубов, со инстинкт на животно ја лови и кога ќе се засити ја уништува својата жртва, мирислива природа на моминска убавина. Преку нив ја постигнува целта, жртвите му се инспиративни за креирање мириси, светот ги сака неговите парфеми-тие не мирисаат на крв. Времето на дејството на романот е сеприсутно низ целата историја, особено во време на немири, војни, недоверби и страв, а она кое авторот го локализирал во делото е време пред Француската буржуарска револуција. Главниот лик ќе биде помилуван за злосторствата, ќе биде обвинет друг невин лик, правдата е заслепена од мирисот на неговиот парфем, а самата смрди на цивилизациски отпадок. На крајот злосторникот го јадат канибали, тие му пресудуваат, додека обичниот народ со еуфоричен занес, гледа во него култна личност понизно поклонувајќи му се пред злосторствата. Народот го слави злосторникот, но на крајот, само злосторник може злосторнички да му пресуди на злосторникот.

М – Мазохизам: сексуално задоволство при доживување болка врз сопственото тело. Името потекнува од австрискиот писател Sacher – Masocha кој во 19 век пишувал романи со мазохистички содржини. Мазохистите во секојдневието се вообичаено пасивни, несигурни и неодлучни луѓе, податливи за сервилност и навредливост на своја сметка. Често ги следат чувства на пониска вредност и вина, склони се кон аскетизам и себеказнување, па неретко бираат сосем спротивни од себе партнери, барајќи го во нив тоа што го немаат, супериорност, безобразност, дрскост и суровост. Се случува и садизмот да прејде во мазохизам, а двете сексуални настраности се тесно поврзани во садо-мазохизам. Мазохистот бара и очекува од партнерот да го навредува и малтретира, камшикува, гребе, гризе и се однесува со понижувачки гестови како кон куче или слуга, за да доживее сексуално задоволство. Тоа се невротични луѓе, психопати со деформиран сексуален нагон и став кон спротивниот пол, но и кон себеси.

М-Маскулинизација: андрогенизација, постепена трансформација на жена во маж поради патолошки растројства и промени во ендокриниот систем и вишок на машки хормони. Една од причините за потребата од промена на полот со хормонска и естетска реконструктивна хирургија е токму ова растројство. Ако се забележи абнормалност во хормоналниот систем кај сексуално зрели девојки и жени, задолжително треба хормонален преглед. Засилен раст на влакна и опаѓање коса на темето, изостанок или растројство на месечниот циклус, создавање акни на кожата, промена на бојата на гласот, неразвиени гради или преразвиен клиторис, невообичаено развиена мускулна маса и слични физички промени, се симптоми кои укажуваат дека треба да се побара стручна помош, а не да се чека само од себе да помине …

М-Мизогинија: (misein + gyne = мразење + жена), начелно подразбира омраза на маж кон жена кој постојано пронаоѓа теоретски оправдувања на својот негативен набој кон женскиот пол, генерализирајќи ги своите индивидуални искуства и поистоветувајќи ги со сите жени. Така се прави база за надградба на предрасуди, дека сите жени се исти, а за мизогинен маж тоа се редовно глупи, расипани, лажливи и неморални суштества во кои не треба да се има доверба. Реалната причина за мизогинија е во самиот маж, во неговото погрешно воспитување, строги патријархални семејства кои придонесле за такво чувство на несигурност и одбивност кон жените. Во заднина е несвесен страв пред жената, чувство на инфериорност или загрозеност пред нејзината доминантност, што води и кон телесна одбивност. Големи умови се занимавале со проблематиката и нејзиното философско толкување, како на пример Шопенхауер, а еден наш генијален ум, философ и музичар, скромен во претставувањето – раскошен во знаењето, ќе нè збогати со драгоцени информации и ставови: – „Вообичаено Артур Шопенхауер и Фридрих Ниче се сметаат за најголеми претставници на философскиот мизогинизам. Ставовите на Ниче за жената се расфрлани низ мноштво негови дела, а Шопенхауер има напишано есеј насловен токму „За жените“. Вообичаено луѓето се склони односот на Ниче кон жените да го изведат од неговото детство и раната младост, имено, потенцирајќи дека тој бил единствената машка фигура во неговото семејство, составено од баба му, мајка му, сестра му и двете тетки. Но во философијата битни се аргументите за одредениот став во рамки на конзистентниот систем на мислење а не потполно контингентното толкување на животот на философот. Вообичаено ги деконтекстуализираат неговите ставови и главно ја цитираат сентенцата: „Одиш кај жените, тогаш не заборавај го камшикот!“

Но самата оваа реченица не укажува на потценувачки однос кон жената, туку напротив, една особена амбивалентност и дури, би рекол, и одредена восхитеност од нејзината природа. Реално и не постои мизогинија кај Ниче. Доволно е само да се погледне фотографијата во која тој заедно со Паул Ре (Paul Rée) се впргенати како ѕевгар волови во запрежна кола а горе стои натопорена Лу Саломе со камшик во рацете!  Кај Ниче односот кон жената директно произлегува од неговиот концепт за Натчовекот и неговиот систем на космичкото играње и настанување во кој се формира волјата за моќ. Космосот сака да си игра, фрла коцки и ризикува. Натчовекот ги собира токму космичките кванти на играта, го имитира космосот и му вели „Да“ на животот, а во неговиот свет жената самата презема особена ролја. За Ниче таа е највозбудливата „опасна играчка“ што треба да го занимава духот на натчовекот кога тој ќе се одмора од великите свои дела на ’уметник‘, и оти не му приличи ништо помалку од таквата игра во која жената ја внесува опасноста на својата суштост. Мажите треба да се насилни, подбивливи, храбри и силни, и токму такви ги сака Мудроста, а таа е жена и таа единствено ги сака воините. Практично, мажот што не знае на космички начин да си ’игра со жената“ не ни може да стане натчовек.

За Шопенхауер жената е културолошки и цивилизациски преценета во Западната цивилизација и е создаден буквално монструм, „европската дама“, тој „производ на француската лигавост и германската галантерија“. Еден неубав и неестетичен род со кратки нозе и широки колкови, без никакво чувство за уметност, што кокетира со уметноста со цел да заведе и да се омажи, е поставен на пиедесталот само поради сексуалниот нагон на мажот. И друг основа не постои. Единствена нормална состојба за жената, според Шопенхауер, е заклучениот харем во кој човекот го задоволува сопствениот сексуален нагон природно со многу жени.

проф. д-р Ристо Солунчев

Просто, источњаците многу подобро знаеле од западњаците како треба да се постапува со жената. Но сепак, Шопенхауер не го познавал Балканот и неговиот трет пат, имено, да создадете ’харем‘ со само една љубена жена на која вие ѝ припаѓате, и на којашто сте ѝ дале машина за пишување за слободно да пишува поезија“- философ Ристо Солунчев, професор на Филозофски факултет во Скопје.

М-Мастурбација (manus + struprare = рака + осквернување): сексуално самозадоволување, онанија, ипсација, мануструпација или народски кажано „дркање“. Ако го побарате зборот во лексиконот на странски зборови ќе прочитате дека онанија е противприроден самоблуд, слабеење на етичкиот карактер и непотребно исфрлање на спермата надвор од утробата на жената, според старозаветниот Онан запишано во библијата (Мојсеј., 38). Соло сексуално задоволување, но може и во друштво на партнер со себедразнење, триење на сопствените ерогени зони и гениталии. Се смета за физиолошка потреба која е забележана низ сите истории, светови, дури и во животинскиот свет. Се пројавува во најраната возраст кај децата (природна љубопитност и себеосознавање), се интензивира во периодот на пубертет. Родителот треба да го остави детето на раат без да го навредува, потсмева или казнува, ако веќе нема можност или релација да зборува со детето на таа тема. Секако, можни се и поинакви толкувања, ако кај детето дојде до преголема потреба, страст и емоционални силна фиксација во недостаток на емотивна блискост и љубов, најчесто кај отфрлени, често љубоморни или осамени деца растени во конфликтна средина. Таквата мастурбација не е од физиолошка потреба и нагон туку супститут, замена за недостаток на нормална родителска љубов и аларм дека психичкиот развој на детето не оди во здрава насока. Мастурбацијата е почеста е кај мажите, најчеста кај хомо и бисексуалци, а жените неретко користат и сексуални помагала за своите сексуални фантазии. Постојат и феномени т.н. психичка мастурбација или мисловен оргазам-доживување оргазам без тактилност. Кога мастурбацијата кај возрасен човек е супститут за сексуален партнерски однос кој не може да го воспостави во врската, станува збор за психички проблем, немоќ за сексуално задоволство со партнер. Како физички чин е здрава сексуална активност и не воопшто штетна за организмот (освен ако не дојде до себеповредување со предмети или садомазохизам). Треба да се прифати како природна потреба, секако со дискреција и без јавни наративи. А кој би седнал на маса во друштво и би го почнал разговорот со „уф како си измастурбирав денес на раат … “, или би си ги прашале децата „дали издркале одутрина“…? Никој нормален. Освен ако не си гледач на претставата „Вагинални монолози“ каде актерите ја имаат таа слобода за поставување интимни прашања на публиката од типот „дали дркаш“. Мастурбацијата некому му е сè уште озлогласена, особено женската, а некому инспиративна и пријатна за гледање кај саканиот партнер. Ретко кој признава дека мастурбира, но нема ни потреба за јавно дискутирање – таа е света интимност. Светски познатиот сексолог Кинси смета дека оние кои во раната младост мастурбирале подоцна имале поинтензивен сексуален живот, без предрасуди и пречки. Како и да е, мастурбацијата е патот кон своето сексуално себеспознавање, откривање на своето тајно сексуално битие, за кое пишуваат д-р Шери Конрад и д-р Мајкл Милбрн во книгата „Сексуална интелигенција“ и многу попријатен начин за заспивање отколку механичко и сувопарно „броење на овци“. Нема да научите да свирите гитара ако не научите на која жица да ги ставите прстите и како да „штимувате“. Така е и во сексот, не се потпирајте на научни содржини при самиот чин, тогаш пуштете го природниот нагон со сите сетила и емоции да ги пронајдат „жиците“ со кои ќе го отсвирите оргазмот. Така и при мастурбацијата, научи што ти годи за да му олесниш на партнерот, кој може да се деконцентрира ако за време на секс го прашаш дали сака допири на френулумот, перинеумот, скротумот или на лабиа маиора, лабиа минора или венериниот брег. Може да си помисли дека бладате или фантазирате за „туѓинци“ во кревет.

М-Макро (франц.maquereau – заводник, подведувач, сводник): грабливец, предатор и манипулатор на незаштитени жени, податливи за проституција, општествена гнида со криминогено досие и низа пороци. Неконтролирано и организирано заработува на туѓа несреќа. Тоа се луѓе без морал, мрзливи и користољубиви, без никаква грижа на совест, емоционално неразвиени, нестабилни, сугестибилни на туѓи мислења, промискуитетни и нехумани. Често ги наведуваат своите љубовници на проституција под психопатскиот императив: „ако ме сакаш ќе го правиш тоа за обајцата“. Проститутката најчесто во својот макро гледа илузорна потпора и фикција дека некому е потребна. За жал, сè поразвиена и сеприсутна криминогена професија насекаде низ светот, неретко поврзана со мафијашките банди и сите можни видови криминал и на микро и на макро план.

М-Менструација, мензис, месечен циклус, катаменија или здраво женско крвавење од епицентарот на светот – матката. Всушност менструацијата е месечно „абортирање“ отфрлање на неоплоденото јајце.

Кога зрелото јајце ќе тргне од јајчникот (овулација) по патот на оплодувањето, матката е гостопримлива и спремна да го удостои потенцијалниот ембрион. Но, ако по патот не налета на ниту еден сперматозоид, јајцето се девитализира, а матката се спрема за чистење и исфрлање на неоплоденото јајце преку крвавење. Менструацијата е космички совршено избалансиран, природен женски цикличен феномен кој завршува кога жената влегува во менопауза. За совршено и удобно крвавење Јасна Петков Стојановиќ искреира менструални килоти, генијален милениумски патент производ – фикси менструални килоти!

М-Менорагија (men + regnymal = месец + прскање). „Патолошки засилено менструално крвавење, чија причина може да е во растројство на ендокрините жлезди кои управуваат со женските полови функции, најчесто ендокрини растројства на јајчниците. Неретко може и да се бенигни тумори на миоматична матка или патолошко задебелување на ендометриумот (внатрешниот sид на матката или школка) за време на менопауза, која може да стане хипертрофична“ – објаснува д-р Татјана Гуржанова.

М-Метреса: љубовница, конкубина на француските владетели и влијателни луѓе од 15 век па до ден денес, под различни имиња и поимања. Повеќето од нив биле куртизани и проститутки пред да станат милосници на своите господари кои финансиски ги издржувале. За разлика ид куртизаните, метресите биле верни на своите господари, немале сексуални односи со други мажи. Во историјата е запишано дека француските кралеви трошеле цели богатства на своите метреси, им граделе замоци со тајни влезови недалеку од своите раскошни палати. Забележано е дека бесрамно трошеле од државните трезори со што ја оштетувале економијата на сопствениот народ и придонесле за големи економски кризи на француските дворови во 18 век. Развратот отсекогаш бил една од силните причина за распаѓање на државите и кралствата.

М-Моногамија (monos + gamein = единствен + женидба): брак со една жена односно маж. Моногамијата низ историјата се појавува многу подоцна, а причината е од економска природа и религиозното воспитување. Самиот брак како институција подразбира психофизичка зрелост, социјалност, економска заемност, емоционална поврзаност што се поклопува со многу законски и верски прописи. Во различниот историски и културен развој постојано се наметнувала строга потребата за моногамни бракови, а најуспешно била спроведувана под влијание на христијанскиот морал кој инсистира на моногамија. Секако, сè што е присилно има свои слабости и штетни последици па така и забраната за разводи често била причина за двоен морал и страдања. Исламската религија дозволува полигамија. Она за кое многу мажи мечтаат, некому законски легално му е дозволено. Може да имаат дури четири жени истовремено! Исламот дозволува полигамија и моногамија, изборот е личен. Одговорноста за грижа на сите жени е исто така законски регулирана. Некому и една жена е премногу, некој со четири се справува – таков е машкиот свет.

М-Машки протест. Терминот го пронајдов во книгата „Сексолошки лексикон“-издаден во Загреб, 1962 година, од д-р Маријан Кошиќек кој пишува вака: „Машки протест е поим со кој Адлеровата индивидуална психологија означува еден облик на женска полова борба. Машкиот протест подразбира инфериорност и бунт против женската потреба за изедначување со мажите и нејзината умисленост за еднаквост. Машкиот протест е погрешно насочена борба за еманципација со што уште повеќе ја деградира и деформира женската личност. Таквата манифестација има симптоми на невротичност и емоционална незрелост. Објективно, рамноправноста на половите е возможна со усовршување на специфичните особини на обата пола со кои се надополнуваат во складна целост“. Така пишува уважениот хрватски сексологот, а ние жените треба добро да се подзамислиме колку еманципацијата нè оптовари со дополнителни ангажмани и одговорности во овој сè уште машки свет.

М-Мачомен: „Морам да бидам мачо, мачо човек“.-групата Вилиџ Пипл преку музика кажа сè. За разлика од шоубизнисот науката користи истражување за да ги поткрепи своите тези. Во една статија објавена во Current Directions на Psychological Science се објаснува моментот дека кога мажите се чувствуваат загрозени, тие користат агресија за да се потврдат себе или популарно својот мачо-изам. Но не е секогаш сè така поврзано со агресија. Имено, во науката овој полуларен термин има и свое стручно име – Хипермашкост (Hypermasculinity) кое по дефиниција е термин кој ги означува претераните форми на мажественост, физички надворешен израз и изглед.

Мошер и Сиркин оперативно го дефинираат хипермаскулизмот или „мачо личноста“ во содржина од три променливи:

– Безобразен сексуален став кон жените.

– Верувањето дека насилството е машка карактеристика и

Искуството на опасност како возбуда.

Додека во популарното делување се изделуваат неколкуте добро познати маркери за појавата на мачизмот (мачоизам) како што се:

  • Позирањето; завземањето на одредена, често невообичаена или претерана положба или став на телото.
  • Дрскост и безобразно фалење, како и прекумерна самодоверба.
  • Социјална доминација и социо-културно дефинирана доминација позната како мачо скитник.
  • Сексуална моќ и сексуално наметнување.
  • Заштита на честа.

Овој термин зазема доста од содржините на популарната култура дури и денес, посебно видливи во книжевната и филмска индустрија и често поврзана со хероизмот и хероите, од уште повеќе се зајакнува врската или асоцијацијата на мачоизмот со агресијата.

Во серија студии, мажи беа замолени да прават „женски“ задачи, како што е плетење коса, додека други беа замолени да прават задачи кои се родово неутрални, како што е плетење јаже.

Кога на групата им беше дадена можност да изберат дали да удрат во вреќа или да решат загатка, испитаниците чија што машкост беше загрозена, ја избраа првата опција. А кога сите испитаници требаше да ја удираат вреќата, резултатите покажаа дека оние коишто имаа задача да направат плетенка од коса, ја удираа вреќата многу посилно од останатите. Досега студиите покажале дека и мажите и жените имаат тенденција да го припишуваат агресивното однесување на својата природа.

доц. д-р Ана Чучкова

Кај жените тригер е кога некој ја навредува нивната природа базирана на карактерни црти (на пример, најчесто за незрелост), додека кај мажите секоја состојба каде чувствуваат дека нивната мажественост е загрозена, едноставно реагираат со агресија кон дадената провокацијата.

Денес низ низа истражувања се чини дека машкоста може лесно да се „изгуби“ преку социјалните престапи, а агресијата е само обид за начин да се поврати.

Интересно е да се спомене дека во последниве години се појави и уште еден пропратен термин наречен Мачо синдром, кој дава мошне поинаква ментална слика од онаа изградена во социологијата и популарната култура. Но, за тоа во некоја друга прилика“ – објаснува доцент Ана Чучкова од МСУ ” Г. Р. Державин“

М-Метромени: неологизам и нов термин за некогашните кицоши или машки кокети. Едноставно, мажи кои држат до својот изглед, сакаат да се негуваат и немаат проблем да посетуваат козметички салони за да се разубавуваат. Прототип на метромен кого рускиот писател Пушкин го претставува преку романот „Евгениј Онегин“ е истоимениот лик, срцекршач но и монден од 18 век.

Најпознатиот современ метромен е фудбалерот Дејвид Бекам, чија машкост трпи козметички третмани без да му се намалат машките атрибути. За сè почестите естетски корекции, ботокси и филери кај мажите, ќе пишувам на буквата У – убавината во машкиот свет.

М-Меки чанкир (шанкир): или ulcus molle, полова инфекција која се пренесува исклучиво преку сексуална активност. Венерична болест чиј преносител е бактеријата Hemoohilus Ducreyji – предизвикувач на болни гнојаници кои бргу се шират по кожата како и на лимфните жлезди. Кај мажите се појавува на глансот, френуломот и препуцијумот, поретко на скротумот. Кај жените најчесто на големите усни и влезот на вагината Лимфните жлезди потекуваат, се зголемуваат и сраснуваат со инфицираниот предел на кожата која се перфорира, станува еритемна и покриена со гнојаници. Добра вест е што е ретка, а се лекува со антибиотски третман.

М-Меден месец и Младенци: Празникот Младенци се слави во знак на сеќавањето за 40 млади римски војници казнети поради примање на христијанската вера, а медениот месец се оние романтично замислени триесет дена после стресогената венчавка.

Со венчавката младите се заколнуваат на верност и љубов, исто како и настраданите младенци поради верноста кон Христа. Долговечна брачна љубов, колку романтично, дури и нестварно, кога по медениот месец почнуваат горчливи голтки премолчување. Во првите години од бракот сè е идеализирано, романтично, а празникот Младенци се слави како круна на брачниот завет, продолжен Меден месец. Треба трудољубие и за љубовта, секојдневно потхранување на љубовта која ќе се храни во име на изминатата младост и претстојната зрелост. А зрела љубов е кога ништо не се очекува, само се векува!

Кога познати и славни личности се сакаат, за тоа се зборува, озборува, пишува, филмува, драматизира, а нивната љубов се идеализира како вечна. Ретко возможна за нас обичните смртници. Салвадор Дали бил опседнат со својата муза Гала, се венчал со неа после 5 години, преземајќи ја од својот пријател, познатиот поет Пол Елијар. Следните 50 години ги проживеале возбудливо и многу комплицирано, но сепак заедно до крај. Така е кога ќе се спојат две уметности во едно комплицирано дружење со трајни вредности. Џејмс Џојс, славниот автор на ремек-делото „Улис“ ги поврзува датумот на првата средба со својата љубов Нора и целото дејство во споменатиот роман. Датумот 16 јуни 1904 година е ден кој подоцна во светот се слави како „Блумов ден“ – празник на вљубениците на делото „Улис“ и неговиот главен лик Леополд Блум.

Сергеј Есенин уживал во поезијата, виното и жените, три пати се женел, но ќе остане запаметена неговата љубов со балерината Исидора Данкан, можеби затоа што успеале да ги прослават Младенците. По медениот месец точно една година биле во брак. Познатиот член на Битлси, Џон Ленон бил во брак кога ја сретнал Јоко Оно, но после целовечерно водење љубов со вештата Јапонка, ја остава сопругата. Кама сутра чуда прави.

Медениот месец го поминуваат во кревет, во знак на протест против војната во Виетнам, а Ленон го прифаќа нејзиното презиме во знак на љубов. Најтурбулентната љубов, за која самите љубовници велат дека не успеала затоа што многу се сакале, е љубовта на Ричард Бартон и Елизабет Тејлор. Љубовта им почнува грешно, обајцата се во брак, ги критикува и Ватикан, но баш им е гајле, љубовта им е посилна од сè. Два пати се венчаваат, првиот брак им трае 10 години, а вториот само 9 месеци, но Бартон изјавува: „не можете два динамити да удирате еден од друг, а да не очекувате експлозија“

За љубовта на славните може да читаме и коментираме, но за љубовта во нашите обични секојдневни животи мора да учиме, да се трудиме и да сфатиме дека никој не може повеќе да нè сака од оној со кој делиме и добро и лошо, особено лошо, кога одамна нема ништо романтично.

М-Марсовци: „Мажите се од Марс, а жените од Венера“ – книга на д-р Џон Греј, како инспирација за размислување околу половата различност или митовите во врска со тезата дека мажите и жените се од различна планета. Жените повеќе флертуваат од мажите и ги збунуваат со своите сигнали кои тие различно ги толкуваат, дали се „за озбилно“ или „за една ноќ“, па не знаат пустите мажи дали да се држат на дистанца или да јуришаат! Мит или вистина? Индивидуално, колку и сексуалноста.

Мажите не се вешти во флертувањето, ретки се мажи кокети ама затоа сите се „муватори“. Мит или вистина? Природниот шарм и вистинската заинтересираност за подлабока врска не може да се глумат и камуфлираат, барем не на долго време.

Премногу искреност понекогаш знае да заболи и да направи хаос во врската, ако партнерот не знае да ја почитува искреноста. На пример мажот бара признание „а колико си их имала до сад – није љубомора, ипак реци“ … (Жељко Бебек). Е, после признанието, тешко на искрените Венеријанки, инвазија од Марс, Марсовецот напаѓа од сите страни. Исто така и Венеријнките умеат да малтретираат по признанието или суровата вистина. Но не сите, фала Богу, не сме сите исти.

Посесивноста и љубомората ја заплашуваат љубовта и не се љубов туку себичност. По искреното признание мажот го мачи помислата колку убаво ѝ било на партнерката пред него, со некој друг. Несигурноста на мажот (дали некој бил подобар од него) го фрустрира и ете дефект во љубовта. Кога е обратно, Венеријанките баш им е гајле за минатото на Марсовците, поубаво искусен од неискусен маж! Хмммм, не баш дека се рамнодушни на нивното убаво минато и кај нас постои страв од ренесанса на романсата од минатото.

Д-р и сексолог Мери Роуч во книгата бестселер „Необичен спој на науката и сексот“ објаснува со лични примери преку двегодишно експериментирање со сопругот, како да се споиме со мажите во хармоничен брачен кревет. Еден од најинтересните заклучоци е дека ни највозбудливиот жежок секс не може да го сопре мажот да не заспие по водењето љубов!

Уролозите и сексолозите објаснуваат дека виновен е хормонот пролактин кој се ослободува по оргазмот и создава чувство на истоштеност. Потребата за дремка, која Венеријанката ја доживува како фатална („ете толку сум му важна што веднаш заспа“) е резултат на потрошениот гликоген (состојка која создава енергија во мускулите). Бидејќи Марсовците се помускулести од Венеријанките, слатко заспиваат!

Јазик со кој се разбираме и заеднички заклучок за двата планетарни вида е дека сексот е здрава потреба и добра база за здрава љубовна врска. Краткото задоволство од 3 минути има долготрајни животни вредности: здрав и насмеан израз на лицето, добра физичка кондиција, најприродна вежба за срцето и антиејџ третман, затегната мускулна маса, витална вагина, простатата ги заобиколува сексуално активните мажи, а имунитетот јакнее поради имуноглобинот тип А – антитело против настинки.

Можеби ние сме Марсовки, а тие Венеријанци! Кога мажите ни изјавуваат љубов ние сме како „паднати од Марс“, а пак мажите сè би дале да фрлат сидро и укотват на „венериниот брег“.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %