Безвлез виа Безизлез
Кога нешто те боли, треба друго нешто повеќе да те здоболи, за да заборавиш на првичната болка. Болка за болка, заб за заб и клин со клин се избива, не се веќе народни поговорки туку народни реторики на нашето (не)постоење. Ние постоиме за да нѐ боли, да нѐ здоболи уште повеќе, за да знаеме дека сме живи. Оти одамна сме мртви апатични, само нема кој да ни јави. И свиркачите замреа, немаат веќе тезга, сѐ е законски регуларно. Секој ден е поболен од претходниот, болка до болка – болно општество. Ќе го одболедуваме и одлежиме некогаш… А можеби ни тогаш. Само што ќе си помислиш дека сме на врвот од дуплото дно, ете ти уште поткатови на бурето без дно, како Пеколот на Данте Алигиери. Генијалниот Данте во композицијата на фантазмагорично замислениот Пекол ги распоредил грешниците според тежината на гревовите во 9 круга и многу поткатови. Но, една сорта на луѓе ставил во предворјето на инката која се спушта во епицентарот на земјата, за да не можат да влезат во пеколот и искупат гревовите. Тоа се неодлучните, пасивните, оние кои во животот не знаат која страна да фатат туку апатично дремат, зачмаени во безизлез и безвлез на својата неполезност. Таквите постојат другите да ги користат за свои лични цели! Тие лебдат во празен простор казнети на вечна темница и презир. Данте Алигиери на самиот почеток од 14 век имал генијална визија за некои идни времиња со нова историја, вештачка пандемија и новокомпонирана лакрдија. Само дворските шутови се истите стари забавувачи, во нови рува.
Неговата трилогија ,,Божествена комедија” е едно од најпреведуваните дела од светската литература. Првиот дел, ,,Пеколот” сѐ уште фасцинира со талентот на еден политички прогонуван гениј. Неговата родна Фиренца , растргната од две политички партии (Гибелини и Гвелфи ) го прогонува Данте како политички неподобен. Данте се засолнува во дворот на грофот Де ла Скала, кој уживал да се забавува опкружен со дворски шутови, квази уметници и будали. Весел и насмеан, го прашал Данте ,,зарем не е чудно дека будалите со своите лакрдии се позабавни од еден генијален писател”? На тоа хуманистот цинично ќе одговори : „ Не, тоа не е чудно. Ваше височество, треба да се сетите на поговорката „со кого си –таков си “ , кога е тука забавувачот, мора да биде и оној кој ужива во неговата забава! Така и ние, со целата политичка свита веќе 30 години си го поплочуваме патот до пеколот како на шега, играјќи се дворски шутови пред европската публика која еуфорично ракоплеска и бара уште. Во меѓувреме, една домашна мафија на криминалци со ,,бели јаки” или ,,Змии во одела”, (наслов на книгата на Paul Babiak & Robert D.Hare) го менаџира Пеколот како од шега! Ние се лажеме дека имаме повеќе партиски систем. Ние само имаме повеќе регистрирани партии со различни имиња, но со една идеологија – крадење и продавање на Македонија. Со брзопотезната промена на Кривичниот Закон само се потврди сомнежот на народот, на интелектуалните робови кои работат за плата и сѐ понеизвесна пензија. Светот го владеат ,,змии во одела” , успешни и отровни, моќни и бескруполозни, со развиени чувства само за себе и своите потреби. Имуност на човечка тага и мака е расчовечување на човечноста. Без љубов, грижа и сочувство се убиваме меѓусебно, секогаш барајќи вина во другиот… Во едно болно општество додека властодршците ги боли уво, народот боледува. И тешко дека скоро ќе ги одболедуваме тридецениските болештини…Безвлез стоиме во Безизлез.

















