Буква Њ
Буквата Њ во македонската азбука е скромна и ненаметлива кога треба да застане на чело на зборот! Не им пркоси на другите букви, сака да се смести во средишниот дел на зборот или на крајот, дружељубиво комуницира во непосреден допир со другите букви, лево, десно или на крајот.
Но, прва е во имињата на генијалните Њутн и Његош, задолжителна во наставката за образување глаголски именки, сеприсутни во сите стилски формации на говореЊе и пишуваЊе, вкусна како италијанските Њоки. Дури и кога се изговара не го штеди јазикот, силно го допира тврдото непце не пропуштајќи воздух, личи на инаетливо цврсто допирање. ИнатееЊе! Да не бил инаетлив англискиот физичар и светски научник Исак Њутн, немаше со часови да седи под јаболкницата и да размислува за гравитацијата. Во многу митови јаболкото е предмет на расправии, интриги и ситуации, но во науката еден слободен пад на зрело јаболко од плодна јаболкница, на човештвото ќе му подари драгоцен научен плод – Законот за гравитација. Суровата гравитација нè влече кон земјата, ни капнат и раце и нозе, свиснува кожата, опаѓаат снагата, мускулите, влакната … Се старее. Колку и да сме инаетливи во контрирање на гравитацијата, законот на природата е посилен од сите натчовечки напори за вечна младост и сликата на Доријан Греј.
ИнатееЊе – старееЊе! Староста почнува со честа употреба на споредбена реторика: „во мое време … беше поинаку“ (обично подобро) … Секако дека било подобро кога сте биле помлади, младоста е суперлативот, сè останато е патетика. Уште еден синдром на стареење е симптоматично читање некролози, некогаш во печатени весници, сега на социјалните мрежи. Инаетливата старост знае амбициозно да ја „контролира“ гравитацијата, понекогаш преку драстични амбалажни, надворешни промени на телото. Изборот секому според чувството за слобода и можностите на статусот, но никому право за замерки без мерка, озборувања и други дегутантни алатки за неприфаќање туѓост и другост. Впрочем, не може ништо толку да те вознемири ако не е дел од тебе и твојата потсвест! Во малиот, според обем, роман на Томас Ман, а огромен во можностите за размислување и симболиката, „Смрт во Венеција“, стариот проф.

Томас Ман
Ашенбах се гади кога гледа стар човек како се забавува со млади луѓе, облечен во несоодветно руво на годините и со перика, за наскоро самиот да посака подмладување кај берберот кој ќе го исфарба и напудри збрчканото лице на патолошки вљубениот професор во пензија. Понекогаш несамокритично ни пречат другите, кои го прават истото што и ние, па затоа умерени во озборувањата дур не се огледаме во другите. Умерени и во пркосот кон староста, која самата по себе е карикатурна и гротескна или што би рекол Његош преку ликот на стариот сердар во поемата ,,Горски венец“: „поголема брука од староста нема“.
Како и да е, третото доба е добредојдена неминовност, треба зрело и мудро да ја живееме и приземно да ја прифатиме. Но дали сме свесни за промените?
Често размислуваме ретроактивно и се враќаме во адолесценција која ја паметиме по секојдневно стискање мозолчиња, нерамноправна борба со влакната (понекогаш девојчиња се „порунтави“ од момчиња, кои би пуштиле брада кога би им се можело) и темата секс како пропаганден материјал. За таква табу-тема можеше да се прочита нешто од книгите на д-р Аца Костиќ „Полно сазнање“ или да се види по нешто во трафиките каде на насловните страници на Старт или Зум Репортер се смееше некоја блудна тетка.
Сега такви заблудени и залудени бесрамно се смеат од сите страни на светот. Која страница да свртиш, книжна или електронска, развратот сега се вика „арт“, а кој не го разбира артот – има застарени сфаќања или е престар за да разбере. Само Хју Хефнер беше ем стар, ем развратен, ем „арт“. Во тоа старо де-моде време и климаксот беше табу-тема и непознаница, жените ги болеше глава, повремено чувствуваа некакви валунзи како морски „валови“ и толку. Денеска се анализираа и толкуваат менопауза и андропауза (замислете и мажите имаат климакс) како задолжителна лектира за средовечни и не се табу теми туку таблоид теми на секојдневието каде се користат старите добри озборувачки алатки во стилот: „Климакс ја дрма, а мини здолниште има“ или „Внуци има, а со девојчиња се слика“ и сл.
Но, империјата на „зрелите“ тогаш го враќа ударот со климави алатки во стилот „зрелоста е искусна и секси“, „староста значи разбирање и стабилност“ и други бла, бла, одбранбени механизми или мудрости на кои младоста може лесно да се потсмева-баш како што е лекомислена. Страв од стареење е исто што и страв од летање, првиот лет треба да те вивне над останатите за можеш да гледаш одозгора, без да се изгориш како непослушниот и млад Дедалов син, Икар кој премногу ќе се приближи до сонцето. Затоа, да не се залетуваме многу дека ние никогаш нема да остариме, дека со духот ќе бидеме а, ла Петар Пан, дека се старее физички, но не и духовно … Се старее! Се старее од самото раѓање. Стареат клетките, нечии тела поспоро што е генетска предиспозиција, а некој може и да го „стопира“ стареењето со естетски корекции и сл. Но, против гравитацијата и законот на Њутн ништо не можеш, па тоа ти е.

Денешницата има високи критериуми за изгледот и здравјето, го почитува императивот „вечно млади“, животниот век се продолжува со разнозаразни трикови, краткотрајни продолжувачи на најголемиот човечки страв, страв од старост и смрт. Најубавите години на личната и општествена реализираност на човекот се помеѓу третата и четвртата деценија, но сепак, секоја деценија има своја убавина и моќ. Космичка неправда е што токму тогаш, кога ќе се почувствуваш слободен и реализиран, исполнет и продуховен, телото и здравјето почнуваат да те издаваат. Ете таква е природата на космичката рамнотежа – сурова гравитација и неминовно стареење.
Како за утеха, стареењето е процес без радикални и драматични најави, тоа е линеарен процес, крива линија со скокови, понекогаш горчлива, понекогаш кисела, но сигурна и конечна колку и смртта. Затоа треба да го живееме секојдневието со сласт и страст, секој миг да му се радуваме на животот и широко да вдишуваме воздух, дури и кога е загаден.

На секоја декада од животот да и дадеме посебност и благодарност што сме живи, без оглед колку сме стари и да старееме како катедрала – со годините да добиваме поголема вредност.
Контра на гравитацијата да чекориме исправено, физички и духовно да се кренеме над сите небиднини и онебитувања, давајќи ѝ на староста можност мирно и мудро да гравитира.


















