Јас, ти, тој, таа, ние, вие тие…
Седни пишувај, седни пишувај, мантрам веќе некое време. Е ај седни пишувај де …
Живеам во држава каде што човек што (треба да) е во затвор прави сообраќајка … Иронијата да биде поголема, после сообраќајката му се одредува притвор! Притвор на затвореник … Со ова не треба јас, ти, тој, таа, ние, вие и тие да се занимаваме. Со ова треба да се занимава некој многу поголем и поважен од мене и од тебе. Тоа за државата и институциите. А со нашите мозоци кои сето ова немо го гледаат и го трпат, не нè берат ни сите психијатриски болници на светот. За нас нема дијагноза. Ние одамна сме отидени, штом сето ова го трпиме и сè уште сме колку толку нормални. И тоа е дискутабилно.
Ни апсат дипломати, никој ништо не знае, па после се оградува, фоторепортери сликаат попишувачи како Мадона да дошла, гориме депонии како да е нешто најнормално, во Вардар истекуваат фекалии покрај патека за трчање …
Јас живеам во земја каде мајсторите што работат на дивоградба, велат дека газдата не знае што прават они, Сакале да го изненадат. Ти каде живееш ?
Во тек е најголемиот експеримент – училиште со физичко присуство. После само пет дена настава речиси и да нема училиште во кое нема клас или одделение во изолација … Паника? Страв? Неее … Будалиот не знае за страв, за него сè што лета се јаде. Така и јас, ти, тој, таа, ние, вие, тие …
И за што да пишувам? Дека летово здивнавме малку? Повеќето барем на кусо време се почувствувавме како во старото нормално време без пандемија. Ама и тоа ни преседна. Во исто време се правеа свадби, младоженци позитивни на Ковид-19 се гушкаа со гости кои им честитаа на среќата …
Така се затворам. А не сум затворено типче во принцип. Сакам да се дружам, да бидам главна, гласна, да играм, да пејам, да се забавувам … Ама не може. Пандемијава зафркна работа. Не затвори дома, барем нас кои имаме трошка мозок да не одиме по свадби и кафеани во затворено, и не насочи кон екрани – што телевизиски, што компјутерски. И тука ја изгубивме и онаа малку памет што ја имавме.
И така се затворам. Во мојот мал круг луѓе со кои ретко се гледаме, ама секој ден си збориме, избегнуваме да разговараме за пандемија, политика, сиромаштија … Си имаме свој свет, во кој сме безбедни, среќни, насмеани. Пред екран, на тастатура, со глувче …
Се убедувам себеси дека тоа е добро, дека така треба … Ама … Не можам да избегам од поголемата слика. А таа не е убава, не тука, не кај нас во Македонија.
Не знам. За мене е доцна да си одам. Немам ниту сила ниту нерви некаде далеку да почнувам се од почеток. Јас и така најдобро знам да пливам во матни и загадени води како оваа нашава, македонска. Децава? Децава нека си одат во белиот свет. Нека пливаат некаде каде што повеќе има правда, каде што повеќе можат да најдат мир.
Затоа што се додека јас, ти, тој, таа, ние, вие и тие седиме со скрстени раце и си молчиме на се, водата нема да се разбистри.
И за што да пишувам? А си ветив себеси дека нема да бидам негативна, дека ќе бидам весела, дека убаво ќе се дружиме, дека со насмевка ќе ме читате.
Ама сега, денеска, не можам. Страв ми е. Од се.
Ќе ми помине …

















