Трајче Андрески од 12 години е дел од кичевската коњаница
Трајче Андрески е младо момче од село Острилци Демирхисарско. Неговото семејство отсекогаш поседувало коњи кои им служеле за обработка на земјиштето и носење на дрва. Секојдневната дружба со коњите всадила огомна љубов на Трајче кон овие животни и од мали нозе тој почнал да јава. Токму таа страст кон коњите и јавањето, малиот Трајче го навела на помислата да биде дел од Кичевската коњаница, што пред четири години за прв пат и му се остварува.
– Јас со свои 12 години во 2018 година за прв пат бев дел од Кичевската коњаница како учесник на „Илинденскиот марш” ..За да ми биде олеснето учеството во коњаницата, во првите две години беше вклучен и мојот татко, кој ме охрабруваше и ми даваше целосна поддршка без проблеми да го совладам патот долг 180 километри. Годинава по четврти пат сум дел од оваа коњаница и оваа традиција планирам да ја продолжам и наредните години и децении, посочи за МИА младиот коњаник.
Секоја наредна година, додава, учеството во Кичевската коњаница ми е се полесно и полесно а, најмногу се охрабрив кога минатата година од страна на моите колеги, бев избран за војвода на коњаницата и за нејзин предводник.
– Иако далеку најмлад, сепак успешно ја завршив работата, моите колеги многу ми помогнаа, а со нивната соработка беше многу полесно да се биде предводник на коњаницата, вели Трајче Андрески.
Тој ветува дека и наредните години ќе биде дел од оваа коњаница, бидејќи од мали нозе ги сакал коњите и без проблем јавал, во време кога неговите врсници ни оддалеку не биле упатени во јавањето.
– Љубовта кон коњите и можноста да јавам од најмали нозе ми ја олесни работата и патот од манстирот „Света Пречиста Богородица” до Крушево и воопшто не ми претставува проблем. Јас и пред четири години кога прв пат јавав и денес сум најмлад член во оваа коњаница, а бидејќи сум заљубен во коњите и јавањето, планирам во оваа коњаница да учествувам и во наредните години и децении. Пред мене допрва доаѓаат најголемите предизвици поврзани со Илинденскиот марш и учеството во коњаницата за Илинден во Крушево, додаде Трајче, секогаш насмеан и расположен за разговор.
МИА
















