Скопје на здравје
Капацитетот на љубовта кон родниот град е иста како љубовта кон роденото чедо, расте со годините и никогаш не стивнува. Секој може да биде родител ако посака, биолошки или решителен, хуман родител кој чува посвоено дете, но не секој може да изгради правилен родителски однос. Исто е и со градот наш, формална љубов на хартија, протоколарен пишан или кажан збор на политичката елита по повод празникот не се чувства за потребната љубов. Да се преиспитаме сите што сме направиле за градот како поединци, во колку активности за грижа кон градот сме учествувале, чистење, средување, негување, чување, бесплатни акции, хуманитарни каравани без медиумски помпи со материјална позадина … Не е љубов кога ,,скришно” се бербати градот, а јавно се зборува колку си го сакаме! Само едно фрлено книвче или догорче во сѐ поретките зелени површини на градот, истурање фекалија и плуканици на асфалтот, било стар или свежо асфалтиран, е знак за непочитување и негрижа. Тука нема место за љубов. Исто како да го облекувате детето во брендирана гардероба и му купувате разни скапоцени материјални добра, а живеете крај него без да знаете што мисли и чувствува, без да го погалите, поразговарате и нечујно бдеете над него… Диви депонии, ќеси со ѓубре околу луксузни згради, искршени јавни објекти, избербатени фасади, исплукани и залепени мастики по асфалт, исчкртани јавни објекти и редица други примитивни акробации. Патем, расфрлање со електрична енергија и вода, загадување на скопскиот воздух и природа се недолично, нечовечко и неродителско однесување кон нашето . Ние граѓаните треба да сме грижливи родители на Градот Скопје, оти колку што ние може да избербатиме ниту еден градоначалник со сета волја и капацитети не може да исчисти. Градот не се сака само со градење, туку со подеднакво чување и на старото и на новото. Патем, кога се гради, кога се прави чедото, треба однапред да се знае дали е време и место за таков учинок, оти отпосле е доцна – чедото е родено и грижата околу него треба да е иста како и кон другите ,,сакани” деца. Чувствува Скопје дека ние, неговото граѓанство, не се сакаме меѓу себе, не се ни поднесуваме, а кога владее омраза – владее негативна енергија која ја убива харизмата на градот… И џабе му се сите можни фасади и проекти кога е безвоздушен и несреќен град! Домаќинлукот по дома ќе треба да е и на макроплан, ќе мора сериозно да се загрижиме за опстанокот на градот. Првото чистење треба да почне со ослободување од политички притисоци, препукувања и амбиции… Китењето на градот во кризно време може да биде волонтерска и креативна активност на младите уметници и уметнички души за да најмладите осетат предновогодишна радост. Не мора и не треба луксуз за да се има радост! Сетете се на детската радост кога за рака, пешки заедно со децата сте оделе во парк да ги раните птиците со мрвки од бајато ѓеврече, колку енергија и светкање сте виделе во зеницата од окото на вашето дете! Нека светка Градот Скопје, да го чуваме како зениците, да го закитиме со родителска љубов да ни векува!

















