Само филмот умее да создаде така величествена и неповторлива магија
Александар Василевски, филмолог во кинотека на Македонија ни ја раскажа неговата животна приказна и будењето на страста кон филмовите.
Мојата љубов за филмот датира уште од рано детство, уште кога на осумгодишна возраст започнувам да пројавувам интерес за волшебниот свет и некако станував хипнотизиран, а потоа филмот станува моја опсесија.
За оваа моја пасија секако заслужен е мојот татко, Ѓорѓи Василевски, еден од најреномираните филмски критичари, историчар, естетичар и теоретичар на филмот, не само во Македонија, туку и на просторот на некогашна Југославија.
Тој соработуваше со повеќе филмски списанија како „Синеаст“ од Сараево, „Филмограф“ од Белград, „Екран“ од Љубљана “, Филмска култура“ од Загреб, каде што беше и член на редакциите и во многу други списанија за филм.
Автор е на збирката есеистички и теоретски текстови од областа на филмот, „Времето на филмот“, (1990) како и на четирите тома „Историја на филмот”(2000, 2002, 2003 и 2006) на „Филмската енциклопедија”(2009), а учествуваше како соработник со поголем број единици за меѓународниот и македонскиот филм во издавањето на Филмската Енциклопедија на Југословенскиот лексикографски завод „Мирослав Крлежа“, од Загреб, (1986/90).
Автор е на монографијата за актерот Ацо Јовановски (1987).
Долги години беше професор на ФДУ кој благодарение на неговото енциклопедиско познавање на историјата на филмот тој несебично го пренесе своето знаење на различни генерации од студенти кои денес станаа реномирани продуценти, режисери, фотографи, и актери, но неговиот незапирлив ентузијастички дух тука не запира, туку продолжува и на факултетот ЕСРА каде држеше предавања од областа на историја и теоријата на филмот и историја и теорија на анимации, а неговите книги стануваат најомилено и најбарано четиво за студентите. На почетокот од својата кариера работеше во Радио Скопје и ја води емисијата „Низ окото на филмската камера“ до 1970, кога студиски престојува во Париз, и е под менторство на Марсел Мартен едно од највлијателните светски имиња во филмската критика.

Во Македонската телевизија долги години беше уредник на емисијата „Во фокусот на филмот“.
Тој е еден од втемелувачите на идејата за создавање на Кинотеката на Македонија, а беше еден од иницијаторите на издавањето на првото македонско филмско гласило „Кинотечен месечник“, припаѓа и на групата публицисти што го основаа специјализираното списание за филм „Кинопис“, угледно филмско списание, во издание на Кинотеката на Македонија во кое активно соработуваше до крајот на животот.
Бил учесник на голем број симпозиуми тематски посветени на историјата, теоријата и социологијата на филмот, автор е на стотина научни трудови посветени на историјата, теоријата и естетиката на филмот.
Но да започнеме со ред: моите афинитети за филм секојдневно се зголемуваа, а татко ми почна да ме воведува во историјата на филмот, дента кога мене и брат ми не одведе во кино, за понатака тоа да се преточи во една убава навика.
Татко ми со безрезервна трпеливост и внимание почна да ми ги објаснува филмските лекции, а кај мене интересот од ден на ден се повеќе и повеќе се зголемуваше, паралелно со мојата љубопитност, а по завршената проекција умеевме со татко ми да разговараме со саати и да дебатираме за актерската постава, снимателските ракурси, режисерската умешност, мизансцената, и секако за филмската симболика.
Во едни поубави времиња имав среќа нашето семејство неколку години по ред да присуствува на реномираниот филмски фестивал кој се одржуваше во Пула, каде се прикажуваа најдобрите југословенски филмови.
На тамошниот фестивал владееше одлична атмосфера и дефилираа тогашните филмски ѕвезди како Драган Николиќ, Ена Беговиќ, Неда Арнериќ, Мира Фурлан, Миодраг Кривокапиќ, Мики Манојловиќ, Бора Тодоровиќ, ѕвездите во подем Никола Којо, Драган Бјелогрлиќ, Срѓан Тодоровиќ, но и режисерски имиња како Горан Марковиќ, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ, Рајко Грлиќ, Динко Туцаковиќ, Срѓан Карановиќ, но во најубаво сеќавање ми остана средбата со актерката Мирјана Јоковиќ, главната протагонистка на филмот „Граница“ во режија на Зоран Маширевиќ.

Ова беше само вовед за филмските фестивали кои следеа потоа; бев сведок и на реномираниот ФЕСТ во Белград кој беше високо рангиран на мапата на светски фестивали.
Едно од сеќавањата од тогашната филмска смотра ми е филмот „Фул метал џекет”на Стенли Кјубрик кој се прикажуваше на програмата, а по завршената проекција господинот Ранко Мунитиќ колега на татко ми од Загреб ме праша: „Како ви се допадна филмот млад господине“, пријатно се изненадив од неговата култура на однесување и му возвратив со потврдна афирмација. Кога го спомнав името на Мунитиќ, да потврдам освен него гости во нашиот дом беа критичарските пера од калиброт на Анте Петерлиќ, Хрвоје Турковиќ, Ненад Полимац, Тоне Фрелих, Северин Франиќ и др.
Мојата авантура наречена филм продолжува и во годините кога бев во средното уметничко училиште.
Се разбира имав среќа брат ми и мене татко ми да не поведе на престижниот Интернационален филмски фестивал во ренесансна Венеција, а таму не само што ме обземаше чувство на екстатичност, туку почувствував како да сум дел од тој филмски џет сет и гламур.
Неколку години подоцна истата сатисфакција ја почувствува и мајка ми која имаше среќа да престојува на фестивалот во Венеција.
Меѓу првите филмови кои ги гледав, и го означија патоказот кон мојата идна професија беа „Робин Худ“, и „Ексалибур“ на Џон Бурман. За овие два филма сум некако тесно поврзан бидејќи од „Авантурите на Робин Худ“ на Мајкл Кертиз (можеби има некое совпаѓање со мојот авантуристички карактер) тука ја осознав емпатичноста и хуманата страна на Робин Худ кој несебично ја дели за секој човек, додека „Екскалибур“ ме воведе во светот на освојување и упорноста чија доблест беше својствена за хабитусот на кралот Артур, во сцената кога го извлекува мечот кој треба да го означи следниот крал.

Од исклучително значење филмови кои го одбележа моето љубопитно искуство би ги посочил антологискиот серијал „Кум“ на Френсис Форд Копола, „Беше еднаш во Америка“ на Серџо Леоне, филм кој би можел да го гледам секојдневно и при тоа да не ми досади а да разоткријам нови тајни лавиринти „Париз Тексас“ на Вим Вендерс, една од најубавите љубовни мелодрами воопшто, а тука би го додал и ремек делото „Небото над Берлин“ од истоимениот автор кој кај мене го пробуди вулканскиот кратер на истражувачки восхит и ме воведе во еден помистичен свет каде што храбро доминира љубовта.
Во оваа листа на филмови кои го означија моето созревање би ги споменал „Сладок живот“ и „Осум ипол“ на италијанскиот шармер Федерико Фелини, но и „Огледало“ од рускиот волшебник Андреј Тарковски, кој за многумина можеби аплаузите одат кај метафизичките „Соларис“ или „Сталкер“ но за мене тоа е сепак мој личен избор.
Од интимистичката сага на изгубени соништа од периодот на неореализмот би го издвоил ремек делото „Крадливци на велосипеди“ на Виторио де Сика кој секогаш е на самиот врв од вечната листа на најдобри светски остварувања, во редот на поетски реализам тука е „Летна приказна“ на Ерик Ромер, а се присетив и на Едвард Дмитрик со филмот „Млади лавови“, и „Трамвајот наречен желба“ на Елија Казан во кој доага до израз неверојатната харизматична трансформација на генијот кој беше својствен само за Марлон Брандо.
Во редот на значајни настани, кои оставија печат во моите сеќавања би го издвоил мастер класот работилница на Вим Вендерс (мојот омилен режисер) по повод гостувањето на солунскиот филмски фестивал,но би ја издвоил и дискусијата со Вендерс по завршувањето на мастер класот.
Во моментов се присетив и на познанството со реномираниот британски режисер Мајкл Винтерботом.
За читателите на ова интервју се надевам интересен податок кој сакам да господелам е и соработката на Мајкл Винтерботом со нашата Лабина Митевска, која рамо до рамо настапуваше со Рајчел Вајз, и Алесандро Нивола во филмскиот хит „Те посакувам“.
Случајот на нештата сакаше кон самиот крај на интервјуто кој го водев во Солун со американскиот независен автор Ед Радке, покрај мене да не нè одминат Салма Хајек и нејзиниот ненаметлив колега Херви Кејтел кои се подготвуваа за прес-конференција.
Салма иако претставува своевиден синоним на џепна венера, сепак неоспорна е нејзината сексипилна енергија која ја шири каде било да се појави и при тоа да измами воздишки од присутните посетители.
Поривот и љубовта за филмот кои ги наследив од татко ми се како резултат од моите долгогодишните кино посети, присуството на значајни филмски фестивали, дебатирање со татко ми на тема филм, а сето тоа мораше да резултира и да вроди со плод за мојата идна професија.
Пред да се вработам во Кинотека на Македонија како филмолог, работев во некои од реномираните неделни весници како „Старт“ „Актуел“, „Глобус“ „Плеј“ „Зум“ „Граѓаѓански“, а беа застапени мои текстови на тема филм, музика и сликарство.
Во деновите на моите освојувања на европските метрополи имав можност да обиколам едни од не само од најубавите, туку и најпосетувани музеи како Уфици (Фиренца), Лувр, Музеј д Орсај, Помпидур, Музејот на Роден (Париз), Дуждева палата, Академија и Гугенхејм (Венеција), Ватикан (Рим), Музејот на соремена уметност (Виена), но не ја пропуштив можноста да го разгледам и музејот на надреалниот свет на луцидниот Салвадор Дали во Фигерас, во непосредна близина на Барселона.

Би можел да се додаде освен филмот голема жизнорадост ми причинувала отсекогаш и посета на интернационални музички концерти и фестивали па во редот на светските музички имиња кои сум се осведочил во настапите во живо би ги потенцирал: Пинк Флојд (Виена) Роџер Вотерс (Софија), Ролинг Стонс (Будимпешта) Иги Поп (Будимпешта) Дејвид Боуви, Деус, Фу фајтерс, Погс, Рамштајн, Соник Јут, Хенри Ролинс, Моторхед (Зигет, Будимпешта) и др.
Да напоменам јас по вокација сум дипломиран историчар на уметност, со додатни доквалификации за педагогија, психологија и методика, а освен познавањето на англискиот јазик ги говорам рускиот и грчкиот јазик.
Инаку за Кинотеката на Македонија можам да кажам дека е еден од најзначајните бастиони на културата, кој непречено се одвиваат секојдневно различни филмски претстави кои се во тек не само со европската кинематографија туку и со сите позначајни светски кинематографии, а непречено се одвиваат промоции на книги, музички спотови и премиерни изданија.
За ова секако е заслужен господинот Владимир Ангелков, кој ја извршува функцијата директор на Кинотеката на Македонија и е најкомпетентната личност до сега кој бил на оваа функција, а претходно ја извршуваше функцијата уредник на филмската програма. Неговиот оптимизам на разоткривање на секојдневни нови идеи за реализација е ретка особина на којашто некој може да се пофали.
За пример, би ја спомнал неговата идеја за отворање на кино на отворено во дворот на Кинотека кое резултираше со враќање не само на публиката, туку и со зголемен број на гледачи, и далеку побројна посетеност од претходно; потоа следеше промена на изгледот во фоајето на влезот во Кинотека со сосема нов урбан изглед како и најновата филмска техника за прикажување ДСП.
Од друга страна би сакал да додадам дека колективот на професионалци кои го содржи Кинотека се мои драги колеги и колешки кои имаме заедничка поддршка во работните обврски, кои се темели на обостран поттик.
Мојата професијата филмолог неизмерно ме исполнува и благодарен сум на мојот татко кои успеа да ми ја влее љубовта за филмот, но секако секојдневно се обидувам да ги разоткријам и истражувам новите трезори на авантуризам кои само филмот умее да создаде така величествена и неповторлива филмска магија.


















