Рамнодушни и ранливи
Кога светот прогласува еден ден во годината за Светски ден во борба против депресија, светот апелира дека општеството боледува од недостаток на волја за живот. 10 септември е прогласен за Светски ден за превенција од депресија. Превенција значи долгорочно преземање мерки, стратегии за однапред, спречување и навремено лекување на болеста на душата од состојба кога телото не може да ја издржи душевната болка. Во такви моменти душата се разединува од телото. Само емпатот може да страда од душевна болка, психопатот нанесува болка и притоа не е чувствува никаква вина и не е автодеструктивен – ,,психокилерот” е нарцисоидно преокупиран со себеси, не може да види болка кај другиот и не страда. Нанесувајќи болка на најблискиот до себе најчесто ја обвинува жртвата или околината, дека сами си го барале. Жртвата страда со години до моментот на автодеструкција, кога беспомошно ,,удира” по себе и бега во својот интровертен свет. Ништо потраорно и покомплексно за барање мотиви од чинот на самоубиство, илјада наталожени причини и само еден повод, обично тригер од преживеани непријатности. Од сите можни мотиви недостасува само мотивот за живот, причина да се продолжи. Никогаш нема да дознаеме дали во критичниот момент недостасувале топол збор и прегратка на друга душа – трагата на душата која излегува од телото пред да стане безживотно е недопирлива, исто како и нејзината болка која била невидлива за луѓето. Дали е роден со предиспозиции или стекнати услови за себеповредување – ретко сме прецизно сигурни за причината. Поради комплексноста на проблематиката треба да се делува превентивно и стручно во континуитет, да се работи со луѓето кои не умеат да го пронајдат душевниот мир. Фб не е ниту судница, ниту казнена експедиција, ниту лечилиште. Булингот и мобингот се нови, модерни термини за старите лоши навики за навредување, омаловажување, уценување и контрола врз луѓе преку страв. Сите сме растеле со по некој таков во нашата поблиска или подалечна околина, нѐ нарекувале со погрдни имиња и нѐ повредувале, било физички, било вербално. Психопати и социопати сѐ повеќе по светов, во секое скриено ќоше демнеат како демони, а ги имало низ историјата. Но, со новата ера на компјутеризација тортурата има дополнителни, додатни услови, трае онолку колку си активен и достапен на електронските мрежи. Светот на интернетот преку сајбер булингот е податлива алатка за ширење непријатности, било јавно, било во инбокс, било директно, било индиректно по заобиколен пат. Новиот ,,тик ток предизвик” е уште една нова алатка за себеелиминација. Ако на сето тоа се додадат ненормалните и неприродни услови за живот во изминативе пандемиски години, болест и смрт како неизбежна тема, економско пропаѓање кое повлекува и морален пад, војни и лични конфликти како последици на недостаток од разбирање и љубов, неизбежен е заклучокот дека сме глобално несреќни. Лео Мартин во ,,Одисеја” пееше ,, не е злато сѐ што блеска” и така е. Блескаат вештачки светла и насмевки, извештачена убавина и комерцијална добрина на навидум богат живот, но материјалниот престиж и удобноста не се гаранција за среќен живот. Она што не може да се купи, а допира до душата, е љубовта. На светот му недостига петтиот елемент, љубовта, нејзината есенција е лековита. Љубовта е ,,тригерот” за сите волеви процеси и волјата за живот. Саканиот човек има волја за сѐ. Светот е заразен со епидемија на анксиозност и депресија, душите се осамени и кога се опкружени со луѓе, особено чувствителни и хиперемотивните луѓе страдаат. Не знам дека некој психопат кренал рака врз себе, освен во ситуација кога е фатен на дело, како на пример Хитлер кога го расчепкал арсенот во забот за да не биде фатен и јавно осуден. Можеш да живееш сам и да не си осамен затоа што во душата имаш друштво, имаш топла душа која ти прави друштво во самотијата. Најперфиден булинг е кога обвинуваш друг за булинг без сигурни докази. Така повторно се шират непријатности. Информација за самоубиство не е вест која јавно се обзнанува, особено не дур трае истражната постапка и дур намачената душа не го пронајде својот душевен мир и упокои. Болката и револтот се сеприсутни, но јавните осуди пропратени со погрдни зборови се исто така булинг врз поединци и институции. Кога Гете го објавил епистоларниот роман ,,Страдањата на младиот Вертер” го обвинуват за поттикнување бран на самоубиства поради поистоветување со ликот на Вертер. Има нешто што се вика молк поради предистрожност, а не затоа што некој не сочувствува или е невоспитан… Веста за самоубиство е тригер за ново самоубиство, чин на охрабрување и никогаш не застанува на едно.
„Смртоносната мода“ сѐ повеќе му се заканува на светот како епидемија поубиствена и од ковидот и од канцерот. Сѐ почесто гледаме лица со меланхоличен израз, не заради природните црти на лицето, туку заради неприродната состојба на духот и телото. Парите, успехот и популарноста не секогаш се атрибути на среќен живот. Данокот на стресот како последица од преголеми ангажмани хронично се плаќа. Од депресија страдаат интелектуални зрели и успешните луѓе. Депресија може да биде последица на лична војна, кога ќе се достигне врвот во кариерата и популарноста без емотивна сатисфакција. Духовите од несреќното детство, генетската предиспозиција, чувство на вина, недостаток на љубов и разбирање, тешко се справуваат со депресијата на успехот.
Од времето на Клеопатра, која се самоубива со кобра, историјата се полни со славни самоубијци како Ван Гог, Сергеј Есенин, Владимир Мајаковски, Ернест Хемингвеј и неговата внука Марго Хемингвеј (генетика), Вирџинија Вулф, Џуди Гарленд, Мерлин Монро, фронтменот на Нирвана, режисерот на култните филмови „Топ Ган“ „Полицаецот од Беверли Хилс”, оскаровец Робин Вилијамс и многу други.
Од депресија страдале и познати писатели и интелектуалци како Ханс Кристијан Андерсон, Чарлс Дикенс, Гете, Вилијам Фокнер, Едгар Алан По, Марк Твен, Џорџ Гордон Бајрон, но се излекувале со стручна помош Мел Гипсон, Жан Клод Ван Дам, Камерон Дијаз, Кетрин Зита Џонс, Винона Рајдер, Стинг, Џенет Џексон и Бог знае уште колку многу обични смртници, кои не се на списокот на славните.
Полни со предрасуди тешко прифаќаме психијатриска помош која на крајот е бесполезна за да се справи со депресијата како болест, а не како минлива состојба. Крајно време е да научиме да даваме почит, љубов и разбирање кон различниот од себе, кон секое живо суштество и целата планета, пред да потонеме во мракот на рамнодушноста. Таму е амбисот во кој се паѓа ако во близина нема подадена рака, рамнодушноста луѓето, немаме време едни за други, сето слободно време го даваме на просторот кој нема душа – електронските мрежи за комуникација кои даваат лажно чувство на дружељубивост и грижа.

















