Простено нека ни е
Светот врие од неправди и непријатности, страдаат невини луѓе и животни, ја уништуваме драгоцената флора и фауна. Заради туѓи суети, светот е во вечна војна во која најмногу страдаат недолжните. Боже прости ни – до кога ќе се преправаме дека не знаеме што правиме?! Простувањето е божји дар, способност за контрола на егото, чин на зрелост и доблест, во сите религии е најблагородниот чин. Низ животот најчеста причина за страдање е немоќта да примиме и дадеме прошка. За простување треба љубов и чисто срце, исчистено од гневови и јадови. ,,Боже прости им не знаат што прават” – Христовите последни зборови, како и една од заповедите ,,Кој тебе со камен ти него со погача” ги имаат истите начела и во други религии, во исламот ,,И на непријателот ако е гладен дај му да јаде”, а големиот Хебрејски празник Јом Кипур е Ден за помирување. Ние славиме Прочка, еден од најголемите христијански празници после Божиќ и Велигден. Можно ли е на толку многу верници низ светот, да е најтешко да се почитуваат и практикуваат светите верски начела на сите религии, големината на простувањето? Кога сите би биле суетни и горделиви, без чувство за сопствена вина, простувањето би било невозможно, светот би личел на пекол без можност за чистилиште и рај како во ,,Божествената комедија” на Данте Алигиери. Не е реална ни другата утописка крајност, визија за свет каде никој никого не повредува, па се нема потреба одпростување… Да простиш значи да си милозлив, благороден, да се одречеш од лутината и го ослободиш другиот од товарот на вина, со што се ослободуваш и себеси. Но и простувањето различно го поимаме, колку што е и различна тежината на причината за конфликт и лутење. За некого слабост, за некого сила. Некои луѓе навистина не умеат да простуваат, но има и друга крајност, луѓе кои претеруваат со простување и прифаќаат извинувања, што може да прерасне во мазохизам – им се дава право на ,,мачителите” да понижуваат и повредуваат без пардон. На предаторот ако постојано му простуваш му го храниш егото кое на крај ќе ти го истури врз глава. Светот врие, но и ние сме во котелот каде се крчкаат злосторства.
Ако не сакаме да останеме на местото на злосторството, тогаш мора да ѝ дозволиме на вистината да се обзнани, да се раскрили. Изнудување вистина во животот на обичниот човек е примитивно, но во име на законот е нужно. Податливото подаништво, сервилно и адаптибилно во секакво руво, истренирано да „не знае“ што се случува или кажано народски ,,да се прави луд”, не смее повторно да „не знае“ што се случувало во нивно име, а без нивна дозвола. Како за поединецот, така и за државата, незнаењето е најголемиот личен непријател. Граѓанскиот мир е возможен само со чисти сметки. Ни помирување, ни помилување, ни простување се можни без потполно откривање на вистината. После секоја трагедија, катарза е признавање на вината. Доблест е да признаеш и да се извиниш. Штетите тешко се надоместуваат, но признавањето вина е себеослободување, па нека е и по цена на затвор. Човек може да почувствува слобода и во затвор исто како некој што живее окован на слобода во отворен затвор.
Вистината и слободата одат заедно…
Таму каде ја нема едната, ја нема ни другата, само обете може да произведат праведност, мир и толеранција. Кога дискурсот на политиката е празна демагогија, без практична доследност и мудрост, кога во реалниот живот е присутен дефект на емпатијата кон страдањата на другиот, тогаш постои политиканство без морална интелигенција. Непосредната врска помеѓу вистината и слободата, е исто што и врската меѓу нормативна етика и моралниот живот, едно без друго не функционираат. Нивното разминување е деградација на индивидуалниот и на колективниот идентитет, суштината на праведност и моралност. Нашата голгота, со која се распнуваат вистината и слободата, е што пред очи гледаме хипокризија, не само криза на човечноста, туку и криза на законитоста. Нашиот ,,лет во место” почнува од местото на злосторот…
,,Земи човек, стави го во палата, дај му сѐ што сака, јадење, пиење, жени, што сака да прави, само да не смее да си ја удира главата од sид.Значи слободен си, сѐ, сѐ, само главата од sид не. Месец дена нема да поминат, ќе ја удри. Мозокот нека истече, ќе ја удри” – Г.Стефановски , ,,Лет во место”. Простено нека ни е колективното лудило!

















