Промените се случуваат пред нашите очи
Дамјан Козаров студент кој минатата година стана еден од четирите победници на НАТО самитот за млади 2030 кога „ни ги отвори очите“ за состојбата во која се наоѓа Преспанското езеро како едно непроценливо природно богатство на Балканот.
Дамјан, од каде инспирацијата да направиш видео поврзано со еколошката состојба на Преспанското езеро?
Целиот овој проект беше веќе започнат уште во летото 2020 година кога излезе и првото известување за Видео Конкурсот на НАТО 2030 самитот за млади, каде што Генералниот Секретар на НАТО Столтенберг испрати едно барање до младите на возраст од 18-35 да направат и испратат видеа на две различни теми, од кои ќе бидат избрани 4-ца победници. За мене ова беше едно ново искуство во мојот живот, затоа што за прв пат учествував на некој толку голем настан, а посебно задоволство ми е тоа што беше и првиот Самит за Млади кои некогаш НАТО го организирал, и првиот настан која нашата земја учествуваше како најнова членка на НАТО Алијансата. Моето хоби е изработка на дрон видеа, па поради ова решив ова мое хоби да го искористам, односно да создадам едно видео со кое што барем малку јас како личност ќе придонесам за оваа наша земја, но исто така накратко ќе ја претставам со сите наши природни убавини, но и со еколошките проблеми со кои таа се соочува.

Што според тебе можат да направат младите, а што државата кога е во прашање заштитата на животната средина во државата?
Кога е во прашање заштитата на нашата планета Земја, тоа во моментот е една од најважните работи за која треба да се погрижиме. Би сакал да испратам една важна порака до сите луѓе, особено до младите како мене дека мора сите заедно да ја подигнеме нашата свест како би ја спасиле природата и сè што таа ни дава и не наградува со нејзините природни убавини, да се грижиме за истата бидејќи ова е процес кој треба да го започнеме и продолжиме сите заедно со цел да има некакви позитивни резултати. Според мене државата би можела да организира што повеќе настани на кои главната тема на дискусија би била „заштитата на природата“ и избегнувањето на „природните катастрофи“, можеби организирање на некои дебати каде што ќе се предлагаат идеи за тоа како би можеле да го намалиме нивото на загадување, некои големи „зелени акции“ за пошумување на нашите шуми и собирање на отпадот и негово рециклирање, и за крај организирање на некои слични конкурси на фотографии и видеа каде што би ја поттикнале свеста кај младите луѓе, и сите ние да добиеме некаква мотивација за заедно да го успориме овој процес т.н „климатски промени“.
Колку луѓето се свесни за значењето на заштитата на природата?
Ние, луѓето, немаме повеќе време да дебатираме за тоа дали глобалното затоплување претставува една лага. Зошто? Затоа што промените се случуваат сега токму пред нашите очи и ние сме ТИЕ што треба да преземеме нешто околу сето ова. Како што напоменав Земјата е таа што не наградува со сите нејзини природни убавини, а ние сме тие што треба да и возвратиме и да се грижиме за неа, со цел да не се изгубат сите тие „природни богатства“, но напротив таа да не наградува со повеќе. Сите ние знаеме дека ова е процес во кој е доцна да се сопре сето ова, но никогаш не е доцна да се успори.

Изработка на видеа, професија или хоби?
Видете вака, мојата пасија кон изработката на видеа, односно изработка на дрон видеа е започната уште одамна, каде што заедно со мојот брат започнавме еден аматерски YouTube канал наречен VisualMKD, на кој што ги објавувавме нашите кратки и аматерски видеа и дрон видеа. Но наградата од НАТО самитот ми даде на некој начин мотивација и поголема љубов кон видеографијата. Моментално сè уште ова изработување на видеа останува како хоби со објавување на видеа и фотографии по социјалните мрежи, но мојот брат Давид започна со снимање на краткометражни аматерски филмови во кои и јас понекогаш се приклучувам и му помагам околу сето ова. Неговиот последен филм наречен „Писмо“ односно филм кој е посветен на Евреите кои загинаа во Холокаустот, е филмот со многу тажна но вистинска приказна која мојот брат успеа успешно да ја долови, а и имав среќа што навистина сум дел од еден таков голем и успешен проект. https://youtu.be/73fNqcXMSxE
Моментално студираш финансии во Грција, кои се твоите планови за во иднина?
Во моментот сум студент во втора година на факултетот по финансии во Грција, планирам да ги продолжам студиите, но сè уште размислувам за во иднина. Работам исто така на неколку проекти во Грција каде што моето хоби односно видеографијата е исто така од голема корист.


















