ПРВА
Така ми се падна, да ја пишувам првата колумна на денот кога почина Балашевиќ … 19 февруари 2021 … Па не ја напишав. Утредента не ни можев компјутер да отворам, следниот ден малку се прибрав па … еве ме.
А колку сакав ете баш првата да биде најинтересна, најзабавна, најпаметна. Да се претставам како што треба, затоа што … нема втора шанса за прв впечаток … Ама јас мојата изгледа ја промашив. Нема да можете да се вљубите во мене на прв поглед. Ќе мора полека, чекор по чекор да се запознаваме. Затоа што ете баш првата се падна да ја пишувам кога замина Џоле Балаш. Кога замина дел од моите спомени, дел од моето детство, кога замина можеби последната алка што невидливо ја поврзуваше земјата која веќе одамна не постои … Која постоеше преку неговите концерти, неговите песни, затоа што сите ги сакавме, сите ги пеевме, сите ги знаевме. Од Вардар до Триглав. Еден Хрват, стар новинар, многу попаметен од мене, напиша: Старата земја умре одамна, а всушност симболички умре денеска.
Не, не сум југоносталгичар. Било, поминало. Вие помладите ќе знаете за што зборуваме кога ќе бидете на наши години и кога ќе почнат да заминуваат пејачи, глумци, уметници, кои поврзувале цели генерации, цели континенти … Тогаш ќе ви биде јасно за што зборуваме сега. И така треба да биде. Се во свое време.
Тажна сум … Што да правам, посилно од мене е. А толку сакав да ви се претставам со некои суперлативи, да ви покажам колку сум паметна, колку се знам, колку во сè се разбирам, колку сум начитана, нашетана … Се спремав со денови да седнам да ја напишам првата колумна. Смислував фрази, зборови, проверував синоними, антоними, хомоними … Колумнист. Колку тоа гордо звучи! Морам да бидам многу паметна, морам да употребувам компликувани зборови, да се зафатам со некои горливи теми … Да ви кажувам што треба да се мисли, како да се дејствува, како можеме да си помогнеме, што да и кажеме на власта, што на опозицијата, да се повикам на истражувања, бројки, цитати, изјави, настани, вести …
И тогаш умре Балашевиќ … Се скршив … Тој викенд, тој претпоследен викенд во февруари 2021, исплакав сè што ми се собираше изминатата корона-година. Сите стравови, сите таги, сите загуби, сите карантини … А не беше сè така црно. Имаше и убави моменти. Како и секогаш. Имаше од се …
И тогаш умре Балашевиќ. Како капак на се. А уште сме далеку од ставање капак, од затворање на ова корона-поглавје …
Таа вечер, тој петок 19 февруари после веста за смртта на Балашевиќ, ги преслушав речиси сите негови песни. Чудно, ги немав слушано одамна, некои и 30 години ги немав слушнато, а сите ги знаев на памет од почеток до крај. Сите! Утредента пред Универзална сретнав една драга личност која кажа дека никогаш не го слушала Балашевиќ дома, ама ете тој петок, кога си ги пуштила песните сфатила дека сите ги знае, од почеток до крај.
И тогаш сфатив. Дека не ми требаат синоними, антоними, хомоними … не ми требаат компликувани зборови. Треба да зборуваш едноставно, од срце, од душа и сите ќе те разберат. А тоа најмногу сакам, да ме разберете што мислам, да сфатите што зборувам. И тоа најдобро ќе го направам со наједноставни зборови што ми излегуваат од душата. Како што сите го разбиравме Балашевиќ, од млад до стар, од Словенец до Македонец … Од Бугарин до Албанец …
Zašto se sve to dešava, dal‘ čovek išta rešava
Il‘ smo samo tu zbog ravnoteže među zvezdama?
И првава колумна ја напишав во еден здив. Без паузи. И нема да ја препрочитам, ќе ја оставам вака. Можеби без ред, без почеток и крај, без заклучок, без порака, без тема и идеја. И така треба да биде. Затоа што си ветив себе си, дека кога веќе ми е дадена шанса да пишувам, и тоа под псевдоним, ќе бидам искрена до крај. Зошто псевдоним? Зошто маска?
Затоа што сакам да ве оставам со вечното прашање:
Dal‘ je sve bilo samo fol?
Dal‘ je sve samo jeftin trik?
Il‘ sve te maske kriju bol
i neki sasvim drugi lik?
Лека ноќ дами и господа …

















