Колумни

Практичен оптимизам

Пишува Ненад Алексиќ

„Секоја негативност можеш да ја свртиш во твоја корист, размисли“! Оваа реченица стои како потсетник на мојот лап-топ. Кога прв пат ми падна на ум вакво нешто бев лут, но полн со оптимизам и успеав „елегантно“ изворот на мојата лутина да го свртам во своја полза. Во таа дадена ситуација се чувствував како победник иако изворот на лутината беше непочит – нешто што буди вулкан во мене кој тешко се контролира. А победата која магмата ја претвори во „оладена“ карпа, која сепак гребе во градите, ќе ја наречам практичен оптимизам.

Тие што добро ме познаваат знаат дека не сум оптимист, а ако јас добро се познавам би се нарекол суров реалист. Споменатиот практичен оптимизам би го дефинирал како „менување на набојот на енергијата која ја будат негативните емоции преку реално изнаоѓање на оптимизам во негативностите“ Каде е тука практичноста? Таа лежи во способноста емоционалната интелигенција да ја употребиме во насока на креирање реално добро за нас од ситуација која е неповолна по сите параметри.

Животот дефинитивно не е холивудска акција која завршува со експлозија зад грбот на главниот лик кој победоносно става „рејбанки“ заводливо смешкајќи се… Животот повеќе потсетува на индиска серија од 88 сезони по 365 епизоди во која секоја епизода претставува ново перипетие на судбината на главниот лик.

Сите тие перипетии, кои секогаш произлегуваат од она што го нарекуваме карактерна различност на луѓето (која често ја употребуваме како културна фраза да ги опишеме нелуѓето) се тука да не сопнат, да ни го замаглат патот до целите, па дури и да ни изнудат иронична насмевка во моментите кога мислиме дека сме успеале и со тоа да не вратат во суровата реалност. Избегнување на суровиот реализам можеме да го постигнеме со примена на споменатиот практичен оптимизам.

За жал, неговата успешна примена која ќе придонесе за креирање мали победи не се учи и не се применува со раскажување. Оваа „алатка“ ја создава горкото животното искуство, а нејзината примена зависи само од вас, од вашата самоконтрола која ќе ви даде можност сите 365 перипетија во текот на годината  да ви дадат можност за реално добар расплет на драматичните проблеми! Оптимизмот всушност е реален обид за поправање на песимизмот, мала ведрина, трошка радост, среќно одмрсување на несреќни јазли, топење на оладената карпа која грепка во градите…

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %