Пофалните зборови ми даваат мотив
Марија Ѓеровска е битолчанка која со своите вешти раце изработува накит, аксесоари за коса, приврзоци, ламби и уште многу други уникатни парчиња кои се прекрасен знак на внимание за вашите најблиски!
Марија, како дојде до идејата за Beautiful M jewelry и од кога почна да изработуваш вакви креации?
Со ова се занимавам скоро 4 години. Најпрво започнав со изработка на накит, додатоци за коса, брошеви, аксесоари итн. Со текот на времето сакав да внесам и нешто ново и креативно во мојот профил, Па така започнав и со изработки од епоксидна смола.
Што најчесто е твојата инспирација?
Најчеста инспирација ми се задоволните клиенти. Кога ќе добијам пофални зборови за моите изработки, добивам поголем мотив и уште поголема инспирација за следни нови изработки.
Имаш ли омилена креација?
Ух, мислам дека на секој кој изработува рачни изработки, тешко му е да одбере една како омилена, но еве ако морам, тоа нека бидат букмаркерите. Со нив ја започнав целата приказна и навистина сум препознатлива по нив.
Што најчесто нарачуваат луѓето?
Нарачуваат од се – букмаркери, приврзоци, украси итн. Во овој дел од годината лампиони, подметачи и новогодишни украси. Некогаш имам порачки какви што до тогаш не сум направила. Создавам сама силиконски калапи и ги исполнувам барањата на купувачот.
Рачна изработка во Македонија – се цени ли доволно?
Мислам дека кај нас во Македонија не се цени доволно рачната изработка, со исклучок на некои кои ја обожаваат и купуваат исклучиво таква. Сите ние кои изработуваме рачни изработки вложуваме многу труд, љубов и внимание зошто тој производ не рекламира лично нас и сакаме да оставиме добар впечаток за купувачот да е задоволен и повторно да се врати.





















