Колумни

Пароманија

Пароманија – алхемија на новото време Моќта на парите е алхемиска, брзо менува лик и облик, форма и површина, сака брзо, посакува многу и остварува сè што е материјално. Сепак, немоќна е со суштината и содржината, со духовноста, не ѝ е баш сè така достапно. „Стави си на глава перика со милиони кадрици и на нозете два аршина високи потпетици, сепак остануваш тоа што си“ – Балзак во романот „Шагринска кожа“. Престорувањето на камен во злато (императивот на алхемичарите) е можно само како чин на духовно усовршување и морална преобразба. Позадината на расчовечувањето, станување нечовек од човек, најчесто е последица на деструктивната моќ на парите. Златен човек може да стане камен човек кога парите алхемиски ќе му ја симнат златната амбалажа и лажниот сјај. Сепак, парите не го расипале, само ја покажале расипаноста, претходно затскриена зад материјалната немоќ. Обратно е кога каменото срце ќе се претопи во златно срце, преобразбата е во духовното, а не материјалното богатство. Доблестен човек кога се збогатува станува уште подоблесен, знае добрината несебично да ја споделува и преку материјалните добра.

Парите кокетно, слатко заводливо и на прв поглед безопасно, влегуваат во сите пори на човечката кожа сведувајќи му го животот на портмоне … Кога материјалноста е посилна од духовноста, сладострасноста посилна од доблеста, човекот ја менува кожата за животинска, било магарешка, змиска или гускина – тоа е веќе естетика на вкусот, или демократија (право) на избор. Што ни остана како избор, освен да протарашкаме по остатоците, трошките од народната кујна на новата демократија и „шведската маса“ на ЕУ – на последниот секогаш му остануваат последните залаци, последици наместо „посластици“. Душата ни гори за власт и пари, стануваме пиромани на сопствените домови. Ги потпалуваме сопствените огништа, ги исековме стеблата, корените, ги искорнавме дрвјата никнати на асфалт, покрај сувото изгоре и сировото. Не лутете се на децата и младината, на огледалото, ако лицето ви е грдо … Децата се нашето огледало, погледнете се во вашите деца откако ќе наполнат 18 години и ќе заживеат со лични морални одговорности … Не се виновни што светогледот им е низ призма на паричникот, што визијата за иднина не може да ја видат во родината. Си ги одродивме децата, ги родивме како тукашни – ги израснавме како нетукашни. Алиенацијата на милениумскиот човек е многу посурова од отуѓените ликови на егзистенцијализмот. Ликот Мерсо во романот „Странецот“ на Ками, пука без причина – доволен повод е што има пиштол во рака, а алжирското сонце му иде на нерви …

Сепак, имал пиштол, а кога поседуваш пиштол ќе најдеш повод да го употребиш. Деца ни се убиваат пред очи, било американски, било балкански деца. Се убиваат од злоба, дрога, брзина, депресија, едни од моќ, други од немоќ. Безмилосно се краде и граба, едни без усул, други со усул, со благослов на државата … Парите станаа епицентарот на светот, но таму и ќе го вратат човештвото, назад во вртлогот под земјата оти и на земјата веќе сме ѝ отежнале со градењето вавилонски кули и уривање на истите. Крадењето каде и да е ќе застане – ќе нема веќе што да се украде. Сега ќе почне да се граба и тоа од уста, сиромашните од уста на богатите, од остатоците под раскошната трпеза каде останала по некоја трошка или паднат залак од сита уста. И така историјата ја повторува грешката, одбирајќи го злото, сè додека алхемијата на љубовта и добрината не го смилостиват здивениот милениум. Оној, некогашниот отуѓен човек сега е здивен, див човек во оптимално цивилизирани услови. Каква милениумска алхемија.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %