Отиде патриотизмот во архива
На толку многу идиотизам, патриотизмот станува архаизам – се крие во архива и чека нормални времиња, ако воопшто може светот да се врати во нормала. Земјата како да се врти во рикверц, се уназадуваме покрај толкава машинерија од модернизми, компјутерски иновации и современи, научни достигнувања.
Науката напред, моралот во рикверц, а патриотизмот црвенее од срам! Патриотските пориви, некогаш низ историјата врели огнови, сега се догорчиња. Во пустошот на рамнодушноста веќе не може ништо ни да потпалат, а камоли да пламнат. Патриотизмот станува клише со изместена суштина, со непоправлива леснотија на комерцијална употреба. Од вистинското родољубие ни останаа поезија и проза за читање, оти читанките по историјата стануваат чајџилници. Нарачуваш инстант чај без зовриена вода – полесно за голтање. Не остана ни екот, ни крик за загубените, загинатите и жртвуваните, на кои ние „современите“ никако не наликуваме. Децата учат храброст од тик ток предизвици, легнуваат по улици да пркосат на автомобили, се тепаат меѓусебе без да знаат зошто … Заминуваат во туѓина оти им ја одродивме татковината, немаат идеали оти одамна ги избербативме со новите идеолошки фекалии – вредиш колку имаш! А кој спротивно ќе каже – лаже, оти новата „патриотска“ идеологија звучи какафониски вака: покради ја државата за да имаш со што да ѝ донираш, или грабај за да има со што да поткупиш и да се откупиш! Од толку лажлив патриотизам и лажни патриоти, поимот патриотизам ќе стане чист архаизам – некогаш и некаде се користел на овие простори … А всушност на мака јунак (патриот) се познава, угледот не можеш да го купиш со пари, затоа што „кусурот“ постојано како опашка ќе се влечка по тебе. Ти ќе се местиш дека си патриот, ама постапките, оние ситни мали секојдневни нешта, ќе те издадат … Италијанскиот ренесансен поет и голем хуманист, Џовани Бокачо, во векот на чумата верувал во поздрави времиња и дека возвишени души има и во сиромашни куќи, исто како што во кралските има такви на кои повеќе им прилега да чуваат свињи … Простаци во руво на благородници, остануваат благородници-свињари, исто како што материјално осиромашениот вистински џентлмен, останува благороден и кога е „шворц“. Џентлмените ги красат атрибутите храброст, одговорност и чесност, истите што по „нашки“ би се викале патриоти. Така што џебот празен, душа богата, оти „грофот никогаш не е циција“. Идат тешки економски времиња, ќе се баждари патриотизмот на мегдан.

















