Колумни

ОД УНГАРИЈА ДО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 

Пишува Драго Кос, меѓународен експерт за организиран криминал и борба против корупција

Северна Македонија и Словенија отсекогаш биле пријателски настроени една кон друга: и за време на поранешна СФРЈ и сега како две независни држави. Меѓу нив никогаш немало некои посебни проблеми, а Словенците и денес со задоволство ги посетуваат своите пријатели во Скопје или Охрид, па и во други македонски градови. За жал, во последните години и други се приклучија на овие пријателски односи, што нема безусловно позитивно да се одрази на односите меѓу двете земји. За што се работи?

Како што пишува словенечкиот портал Нецензурирано, на 26 септември 2017 во Скопје е основана фирмата Адинамик Медиа со цел да купува северно-македонски медиуми. Она што е интересно, е податокот дека сопственичката на новата фирма била и косопственик на фирмата NovaTV24.si во Словенија, која ја сочинуваат телевизија и интернет портал, кои работат исклучиво во корист на политичката партија СДС, која ја води премиерот на Словенија во заминување Јанез Јанша. Истиот месец во Скопје е основан интернет порталот Рипост, чиј сопственик била фирмата R-Post-R од Словенија, која во „дежела“ била сопственик на медиумот кој го издава Demokracijа, списание на партијата СДС. Скратено, тоа значи, дека луѓето, кои биле сопственици на словенечки медиуми под влијание на Јанез Јанша и неговата СДС, одеднаш почувствувале потреба, да инвестираат и на медиумскиот простор на Северна Македонија. Во следната година унгарски сопственици преку новоосновани фирми купиле повеќе десетици македонски медиуми, печатени и електронски.

На 29 септември 2017 во Охрид се сретнаа познатите политичари Јанез Јанша од Словенија, Виктор Орбан од Унгарија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Јанез Јанша после тоа уште неколку пати се сретна си претставници на ВМРО-ДПМНЕ, а познато е и тоа дека Никола Груевски сега живее во Унгарија, каде се чувствува безбеден пред македонските власти.

Во македонските медиуми во нова сопственост преку Словенија се канализирани најмалку 2,5 милиони евра, а тие медиуми по ред ја напаѓаа новата македонска влада на премиерот Заев и нејзините настојувања да се доближи до ЕУ и НАТО пактот. Интересно е и тоа дека и медиумите во сопственост на истите Унгарци во Словенија, кои инаку не се занимаваат со надворешна политика, одеднаш почнаа жестоко да го напаѓаат Заев и неговата влада.

Врз основа на кажаното, се поставува многу едноставно прашање: зошто во Северна Македонија се трошеа странски пари против влез на државата во ЕУ и НАТО?

Се знае дека во последните години Унгарија има големи проблеми со почитување на основните стандарди кои инаку важат во ЕУ и на тој пат во последните две години под водство на Јанша тргна и Словенија. За среќа, Јанша е дебело поразен на последните парламентарни избори пред неколку дена, па надежите дека Словенија ќе се врати на европскиот пат, многу зајакнаа. Но и занемарувањето на европските стандарди никако не може да биде причина двете земји, членки на ЕУ, да фрлаат милиони евра во трета земја, за да не го следи нивниот влез во таа организација. Тоа уште повеќе важи за НАТО, со кој ниту Унгарија, ниту Словенија немаат никакви проблеми. Очигледно, за НАТО не им успеа, затоа што Северна Македонија влезе во 2020 година, но останува отворено прашањето за Европската Унија.

Ниту Орбан, ниту Јанша, кои најверојатно се зад целата таа шема, не би фрлале милиони во таков проект, ако немаат ништо од тоа. Но не-влегувањето на Северна Македонија во ЕУ ним директно не им носи ништо, па треба да се постави прашањето кои индиректни користи би ги имале од тоа. Тука има само две можности: дека Груевски нешто им ветил или тоа го направил некој друг, на пример некоја трета земја на која и одговара Македонија да не влезе во ЕУ. А постои се разбира и можност тоа воопшто да не се унгарски пари, па затоа им било лесно да ги фрлаат во Северна Македонија.

Како и да е, резултатите од изборите во Словенија и заминувањето на Јанша можеби дава надеж дека истражните постапки во Словенија, кои веќе беа во тек и кои беа прекинати со неговото доаѓање на премиерската позиција, ќе бидат продолжени. Но ќе мора и македонската страна, особено полицијата и обвинителството да го одработат својот дел од работата. Така сигурно ќе се дојде до вистинските мотиви и вистинските извршители. На Унгарија во овој контекст не може да се смета, но барем Словенија и Северна Македонија би можеле да ја расчистат ситуацијата.

Се разбира, постои и можност, македонската полиција и обвинителството да не го одработат својот дел од работата. Но ако дојде до тоа, ќе се знае барем една работа: дека и сегашната влада соработува со финансиерите на споменатите медиуми и дека барем на таа точка нејзините интереси се совпаѓаат со интересите на ВМРО-ДПМНЕ. А тоа е веќе политичко, а не безбедносно прашање.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %