НИШТО НЕ МИ Е ЈАСНО
Во Македонија почна да се емитува четвртиот канал на бугарската национална телевизија – БНТ4. Прво слушнав од некаде, после прочитав, и на крај проверив и стварно! Можам да гледам БНТ4. Гледам и не ми се верува.
Ај, си викам, власта дозволила. Од оваа власт веќе ништо не ме изненадува.
После гледам на телевизија Алфа, која многу сака за себе да вика дека е опозициска телевизија, се емитува бугарска серија. Бугарска серија!
Добро бре луѓе … Дали сте нормални? Дали сме нормални? Па можевте барем сега, во вакво време, кога срцата и душите ни крварат поради тоа што ни го прави Бугарија, да се воздржите од вакви глупости?
Не ми е јасно, што сакате да ни кажете? Што ни порачувате? Може некој да ми објасни? Има ли крај дното? Или секојпат со секој нареден чекор ние ќе одиме се подолу и подолу?
Ајде власта, и рекол некој почни поинтензивно да переш мозоци, пушти нека гледаат бугарска телевизија. И тоа не првиот канал, не вториот, не третиот … Четвртиот! Да знаат дека не заслужиле ни прв, ни втор, ни трет …
Ама опозицијава? Бугарска серија? Имате програмски директор, уредник или што било? Имате некој што пази што емитувате на програма? Имам гледано бугарска серија, една додуша, оваа што оди на Алфа не ја гледам. Бугарската телевизиска продукција одамна е отидена векови пред нас. Што сакате да ни покажете? Видете колку добри серии прават Бугарите, а вие им се лутите?
Ништо не ми е јасно.
Јас да сум опозиција во екот на глупостите од бугарска страна, ја укинувам серијата и тоа гласно го соопштувам. На Алфа би оделе најави, објави, реклами „Го укинуваме емитувањето на бугарската серијата „таа и таа“ (не знам како се вика) како знак на револт поради политиката на официјална Софија кон Македонија. Покажете дека сте на страната на народот! Не знам дали знаете, ама тоа е улогата на опозицијата. Да биде против власта, на страната на народот. Вие уште повеќе ни скоривате јадови.
Жива среќа што нормалните Македонци не гледаат македонски телевизии, па малку народ знае што глупости емитувате. Затоа сум јас тука, да им кажам какви глупости правите, за да не се зафркнат па на следните избори да гласаат за вас.
Луѓе, ова што ни го прави власта и опозицијата повеќе не е перење мозоци. Ова е веќе центрифуга и тоа ставена на најсилно. Се надевам дека се држите вон секојдневните глупости колку што можете, за да останеме колку толку нормални …
За кого ќе гласаме? Против кого ќе гласаме? Никој не е на наша страна. На страната на нормалниот Македонец на кого му е преку глава и од едните и од другите. Некако се чувствувам беспомошно.
Излегува дека е најточно дека секој народ има власт каква што заслужува. Зарем навистина е така? Зарем, јас, ти, тој, таа ја заслужуваме оваа власт? Зарем ја заслужуваме оваа опозиција?
Што ќе правиме? Ќе правиме ли нешто воопшто? Ќе се појави ли некоја трета опција да ни ги скрати маките? Ние сме тие што треба да ја создадеме таа трета опција. Да ја гласаме на избори. Мораме да се ослободиме од муабетот дека гласање за трета опција е фрлање на гласот затоа што и така и така во игра остануваат двете најголеми партии. Не! Мора да излеземе од матрицата во која живееме 20 години.
Доста е!

















