Не може така другари, пардон владици
Веста за тоа дека владиците Петар и Агатангел се хоспитализирани во приватна болница откако добиле позитивен тест на коронавирус ја дочекавме во кругот на семејството, затворени дома поради полициски час.
Читајќи ја веста подетално, затоа што не сум од оние кои застануваат само на наслови, дознавам дека владиката Петар легнал во приватен болнички кревет ПРЕВЕНТИВНО поради МОЖНИ компликации, во народот познати како НЕ ДАЈ БОЖЕ.
Мислите што ми дојдоа во прв момент веднаш ги избркав, од страв да не богохулам. Не сум некој верник, во црква сум била само на свадби, ама верувам во некаква космичка рамнотежа, и во она „лошото со лошо се враќа“.
Но потоа го прочитав доктор Наќе Беќаровски кој на Фејсбук напиша:
„Да се лежи од 23 март во приватна болница од „превентивни причини“ е одраз на „христијанска скромност“ на нашите владици.
Човекот кој јавно ме прекори дека вистински верник, не може да заболи од Корона, сепак и самиот се разболе.
ЗАКЛУЧОКОТ ДОНЕСЕТЕ ГО САМИ“
Така е докторе! И нема ништо лошо во напишаното, ниту има нешто лошо во тоа што јас го помислив: со кој памет во приватна болница отидовте?
Во време кога пола верници немаат леб да јадат, еден куп народ остана без работа, да не зборувам колкумина починаа од Ковид-19, меѓу нив сигурно повеќето носеле зејтин во вашите цркви.
Не може да одите во приватна болница! Едноставно не може! Особено не сега кога сите знаеме дека лекувањето таму е неколку десетици илјади евра.
Ќе си одите во државна болница, ќе си лежите таму, каде што се повеќето болни на кои им треба хоспитализација. Ќе бидете блиску до оние кои најмногу ви веруваат, ќе бидете во истите кревети каде што лежеле оние кои се крстат во вас, ќе ве лекуваат истите доктори кои ги лекуваат и оние со 500 евра плата и оние без денар. Таму ви е местото! Меѓу народот!
Какви сте вие тоа пратеници на Бога? Кој Бог ве учи на приватни болници? Кој Бог ве учи да му скоривате јадови на народот кој нема пари за приватни болници? Кој Бог ве учи на покажување супериорност во однос на „обичниот“ народ?
Што бидна со скромноста и понизноста на која ве учи вашиот Бог?
Последната информација пред да го затворам писаниево е дека владиката Петар ќе кажел колку платил кога ќе излезе од болница. И Петар и Агатангел се добро, фала Богу. Како и на секого им посакувам што побрзо да се вратат на своите секојдневни обврски.
Извадок од Фокус 12 Април 2021:
„На прашањето дали и како црквата му помогнала на народот, во време на пандемија, кога многумина собираат донации за лекување, голем број на луѓе ги изгубија работните места или пак живеат со намалени приходи, Владиката Петар вели дека секогаш, на секој собир, помагале така што апелирале за почитување на мерките за заштита од вирусот.
– Секако дека сме помагале. Редовно на верниците им кажувавме дека мора да се почитуваат мерките. Имавме случаи кога верници дури и ни викаа, зошто постојано тоа им го кажуваме, ги потсетуваме на мерките. Сепак, тоа е наша човечка должност – раскажа Владиката Петар“.
А јас, ти и тој, ние, вие и тие ќе продолжиме да вртиме телефони и да праќаме пораки за 100 денари за нечие лекување. И ве молам да продолжите да го правите тоа. Затоа што некој не има само нас.

















