Колумни

Нека ни е просто проширено

Светот врие од неправди и непријатности, страдаат невини луѓе и животни, се уништува драгоцената флора и фауна. Заради туѓи суети,  светот е во вечна војна во која најмногу страдаат недолжните. Боже прости ни – до кога ќе се преправаме дека не знаме што правиме!  Простувањето е божји дар, способност за контрола на егото, чин на зрелост и доблесност. Во сите религии е најблагородниот чин. Низ животот најчеста причина за страдање е немоќта да примиме и дадеме прошка. За простување треба љубов и чисто срце, исчистено од гневови и јадови. ,,Боже прости им не знаат што прават” – Христовите последни зборови, како и една од заповедите ,,Кој тебе со камен ти него со погача” ги имаат истите начела и во други религии. Во исламот ,,И на непријателот ако е гладен дај му да јаде”.  Големиот Хебрејски празник Јом Кипур е Ден за помирување. Ние славиме Прочка, еден од најголемите христијански празници после Божиќ и Велигден. Можно ли е на толку многу верници низ светот, да е најтешко да се почитуваат и практикуваат светите верски начела на сите религии, големината на простувањето? Кога сите би биле суетни и  горделиви, без чувство за сопствена вина,  простувањето би било невозможно, светот би заличил на пекол без можност за чистилиште и рај како во ,,Божествената комедија” на Данте Алигиери. Не е реална ни другата утописка крајност, визија за  свет каде никој никого не повредува, па се нема потреба од простување…

Да простиш значи да си милозлив, благороден, да се одрекнеш од лутината и го ослободиш другиот од товарот на вина, со што се ослободуваш и себеси. Но и простувањето различно го поимаме,  колку што е и различна тежината на причината за конфликт и лутење. За некого слабост, за некого сила. Некои луѓе навистина не умеат да простуваат, но има и луѓе кои претеруваат во простувањето и извинувањето што е мазохизам – им се дава право на ,,мачителите” да понижуваат и повредуваат без пардон. Манипулаторите се хранат со туѓи извинувања и простувања затоа што проектираат перцепција на жртви, а не агресори.

На предаторот ако постојано му простуваш му го храниш егото кое на крај ќе  ти го истури врз глава. Чинот на простување почнува со извинување. Но дали умееме да се извиниме?

Жал ми е… Моја вина… Се извинувам…Нема да ми се повтори… Па така уште еднаш, па повторно, втор ред извинување, па трет пат… И извинувањето станува како провев низ прозорецот,  влегува дур се отворени капаците. Само да не заличиме на ликот од расказот на Чехов ,,Смртта на чиновникот ” кој се извинуваше од страв да не го изгуби чинот во подредената хиреархијата.

Извинувањата не се само зборови и ветувања, мора да се потврдат со дела, тие красат на крајот од сите краишта. За да може пак да се почне. Денес си простуваме – од утре пак по старо. Извинувањето е  уметност на однесувањето, на  самокритичноста, самосвесноста, на моќта на интелектот што го поседувате како критичка мисла,  наследство стекнато во раната возраст, а низ животот доказ за зрела личност. Голема уметност е да знаеш кога да се извиниш или да прифатиш извинување, а кога да го затвориш капакот од провевот, оти добронамерноста  без повратен сигнал станува фрустрација. Кога постојано се извинуваш и простуваш се ставаш во позиција на понизност, омилен лик за манипулација. Нека ни е просто проширено, да ни се прошират перспективите за добрина и љубезност не само на овој ден, туку и на сите останати во годината!

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %