Колумни

Најдобрите луѓе на свет

Децата, правени и чувани со љубов, ја носат љубовта со себе на било која возраст, дури и кога ќе се најдат во кругови на омраза. Љубовта, како и добрината, кога се автентично твои ја шират магијата на привлечност, шират светлина како концентрични кругови, како ореол над ангелите. Не случајно некои луѓе зрачат со аура на светлина. Но и кога не се дел од тебе и твојата автентичност, може да се совладаат и користат во однесувањето, при комуникацијата. Не е тешко да си љубезен, треба само да научиш да ги користиш љубезните зборови и гестови. Истите, љубовта ја преточуваат во дела. Целиот живот човекот е фрлен во искушенија, искуствена борба меѓу доброто и злото чија разлика треба од најрана возраст да се учи. Само слободен човек може да ги спознае љубовта и добрината, како врв на емоционалната интелигенција. Да ја почувствуваш слободата треба почесто да се дружиш со природа. Тишината на природата нè учи да се слушнеме себе, но и подалеку од себе. Екотот, како природен феномен, ни ги враќа зборовите, ако сме кажале арно – арно ни враќа. Какви ни се мислите, таков ни е говорот, каков ни е говорот, таква ни е природата. Каква ни е природата – таква е слободата. Потполна слобода на говор е кога сме толерантни кон неистомислениците. Уличарскиот говор е реакција на рушење природни закони. Нашиот автентичен амбиент е природата, улицата е проекција на цивилизациски потреби. Уличните пресметки, некогаш регуларни двобои со секундант како сведок, сега физички насилства пред камери, патем во име на законот, добиваат свое ново, проширено место за „решавање“. Интернетот стана податлива алатка за уличните пресметки, вербалниот двобој се дигитализира во компјутерска анимација, па од интернетот повторно се симнува на улица и така во недоглед … Генералниот директориум за демократија на Советот на Европа спроведува кампања против говорот на омраза на интернет, веќе во 13 земји на ЕУ, со цел промоција на позитивните страни на интернетот, говор на љубовта, солидарноста, емпатија и позитивната комуникација. Природно би било да е така. Арно ама, едно е да даваш насоки, сосема друго е да ги реализираш во дело. Пример примерот го следи или како првиот-така вториот … А кој прв почна ММЕ уличарско?

„ Не се сложувам со тоа што го зборувате, но секогаш ќе го бранам вашето право да си го кажете своето мислење“ – Волтер. Секој има право да си го каже мислењето, но нема право да навредува, омаловажува и хејта! Ако сме непослушни и вешти во избегнување казни, законот на природата ќе ни покаже кај ни е местото. Законот на природата е највозвишениот закон пред кој и боговите молчат. Природниот закон за позитивна и негативна селекција си го прави своето. „Никогаш да не се расфрламе со претерани поплаки пред состојбата на работите кои не можат повеќе да се избегнат. Еден слободоумен новинар никако не смее да шири омраза, немир и очај“ – Алберт Ками Апсурдноста на новите мас-медиуми е во нивната проникливост да дојдат до сензационална вест која трае пократко од самиот клик. Славата, глорификацијата се краткотрајни ако во содржината нема трајни вредности преку универзални пораки полни љубов и космополитизам. Деструктивноста на омразата и нејзиниот говор се краткотрајни во споредба со силата на љубовта! Врз книгите на Гете има тони прашина, но содржината е со генијално чисти пораки. Врз глинените плочи на епот Гилгамеш наталожена е прашина на сето време и сиот свет, но пораката за апсурдноста на човековата потрага за бесмртност е апсолутно свежа при секое наше будење. Говорот на омраза е неисплатлива инвестиција на подолг рок-трае колку и кликот. Опасно е кога е дел од карактерот или целосна карактерна особина – мразам значи постојам! „Вештината да се биде себичен саможивник, тврд, непријатен и нељубезен лик кој секогаш во преден план го става личниот интерес е стара вештина, усовршена кај паланечките трговци и збогатени провинцијалци… “ – Иво Андриќ во расказот „Породична слика“, преку ликот на госпа Ната. Типични ликови на егоисти, скржавци како Чорбаџи Теодос или трговецот Гранде, самобендисани до немоќ објективно да си го видат ликот во огледало притоа лутејќи му се на светот, живеат во реалноста и се шират како вирус. Покондирани и нељубезни ликови има во секое време, вешто се „прикриваат“ преку атрибутите на материјалниот и статусен успех – но неуспешно се справуваат со ситни гестови кои ги издаваат, особено кога се на мака. Ликуваат на туѓ неуспех себедозирајќи си ја изгубена самодоверба и недостаток на емоционална интелигенција кои ништо материјално не може да ги надомести. Се одродивме од добрината, ја отселивме од срцата. Не разбираме ни зошто некој би нѝ правел добрини, а да не бара ништо за возврат. Толку не ѝ веруваме на добрината да и во добрите луѓе гледаме лицемерие, ласцивност или глумење добрина, оти немаме капацитет да ја препознаеме, не е дел од нас. Најубавото срце е доброто срце кое во сè гледа со добри очи. Да си го подобриме секојдневието уживајќи во добри моменти, тие се сè што имаме на земниот живот. Добро здравје и добар летен распуст на најдобрите луѓе на светот – децата.

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %