Македонија

КОСТОВСКИ: СО ИМПРОВИЗАЦИИ ДО ТРАГЕДИЈА

Бизнисменот Трифун Костовски на својата официјална Фејсбук страница изрази сочувство за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија, но и се осврна на проблемот кој итно треба да се решава.

Неговата објава ја пренесуваме во целост:

СО ИМПРОВИЗАЦИИ ДО ТРАГЕДИЈА

Најнапред да изразам најискрено сочувство до семејствата на загинатите во несреќата на запалениот автобус при своето патување од Истанбул за Скопје. Настанот се случил во Бугарија. Небрежноста е најголемиот непријател на нас луѓето, небрежност која носи човечки жртви и нанесува бол не само на семејството, туку и на сите граѓани на Република Македонија. Радоста за поминатиот викенд на семејствата кои веќе ги нема меѓу нас при нивното патување во Истанбул се претвори во вистинска трагедија. Истрагата е во тек и убеден сум дека ќе се пронајдат вистинските причини за оваа трагедија, меѓутоа 46 жртви од кои 12 деца под 18 години со нивните родители никој не може да ни ги врати.

Мојот начин на размислување ме наведува да споредувам вакви несреќи со останатите европски земји. Бидете убедени, ваква несреќа е невозможна во современиот напреден свет. Причините за ваквата несреќа лежат во нас, граѓаните на Република Македонија. Со години наназад во Македонија се увезуваат поволни моторни возила на кои што напредниот западен свет одамна им рекол збогум и ги пратил во историјата. Виновници за ваквиот трагичен настан се многу чинители, а најпрво би рекол дека е Владата на Република Македонија. Македонија после 2010 година е депонија на веќе со закон отпишаните моторни возила од високо развиените западноевропски земји. Денес низ Македонија ги имаме на илјадници вакви возила кој во секој момент можат да предизвикаат нови трагедии. Решение мора да се најде со цел да не ни се повторуваат вакви трагедии и тука инсистирам Владата да го повлече Законот за увоз на половни возила. Со цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните, Владата на Република Македонија треба да користи систем на субвенции како што ги користеа високо развиените европски земји пред десетина години само со цел да ги отуѓат дотраените возила и корисниците да ги заменат со нови, модерни, еколошки и безбедни возила. Денес возниот парк во Македонија од приватни автомобили, автобуси, камиони и комбиња мора да се стави под строг режим на суштински контроли. Не смееме да дозволиме сопствениците на овие моторни возила по нивна желба да го менуваат енергенсот кој што служи за движење на возилата. Сведоци сме на самоиницијативно правење на алтернативни горива во овие моторни возила, каде што на утврденото гориво за користење му се додава алтернатива, а тоа е гас. Реакциите на овие горива имаат сериозни ефекти, посебно ако се користи гас.

Заклучувам: Треба да следат низа мерки кои треба да ги преземе Владата на Република Македонија со цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот, во спротивно ќе ни се случуваат вакви трагедии. Ние граѓаните мораме јавно и јасно да покажеме пред централната власт дека не сакаме да бидеме сведоци на натамошни трагедии.

Завршувам уште еднаш со пораката ОД НАС ЗАВИСИ каков живот сакаме да имаме. ДО КОГА ќе ги толерираме импровизациите во сегментот на моторните возила кои се кобни по нас граѓаните на Република Македонија. Увозот на поволни возила мора со закон да се забрани.

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %